Ако ставиме клуч на врата, државата ќе загуби повеќе од 250 милиони евра, предупредија денеска сопствениците на спортските обложувалници. Испровоцирани од предлог-измените на Законот за игри на среќа кои веќе се изготвуваат во Министерството за финансии, а наскоро треба да бидат објавени и на ЕНЕР, обложувалниците побараа итна средба во Владата со цел креирање ново, поинакво и, како што рекоа, издржано решение, согласно европските стандарди, во насока на развој на компаниите, заштита на граѓаните и целосно регулирање на пазарот.
Покачување на даноците и оддалечување на деловните објекти 500 метри од училишта и високообразовни институции, се само некои од измените што предизвикаа револт кај сопствениците на обложувалниците. Тоа, според нив, ќе значи целосно затворање на индустријата, но и згаснување на илјадници работни места, како и огромни загуби за државниот буџет.
Измените на Законот, реагираат, се неевропски и со нив директно се загрозува егзистенцијата на речиси 8.000 семејства. Вкупно 8.000 лица преку ноќ ќе останат без работа, а негативни последици ќе бидат предизвикани и врз повеќе од 50.000 работни места во други стопански гранки, кои индиректно зависат од оваа индустрија.
Дополнително, сметаат спортските обложувалници, носењето на овој закон значи ризик за отворање целосно илегален пазар на игри на среќа и „диви“ обложувалници.
– Растојанието од 500 метри оддалеченост на нашите деловни објекти од училишта и високообразовни институции, според анализите кои ги направивме, значи затворање на 98 отсто од уплатно-исплатните места, односно гасење на цела индустриска гранка. Ова не е европски закон. Ниту една европска земја не ја ни разгледува можноста за забрани, туку работи на квалитетно регулирање на игрите на среќа. Ниту еден европски закон не предвидува оддалеченост на објектите, бидејќи тоа нема никаков ефект врз навиките. Ние сме подготвени да прифатиме кој било од законите во земјите членки на ЕУ, но ваков закон кој е нелогичен, неефикасен и има за цел затворање на индустријата нема да прифатиме, истакна на прес-конференција претставникот на Групацијата за спортски обложувалници при Стопанската комора на Македонија, Васко Илијевски.