Италијанското обвинителство го повлече обвинението против Билал Ердоган, синот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој беше обвинет за перење пари.
Обвинението дека бил вмешан во перење на пари додека студирал во Италија прв го изнесе Мурат Хакан Узан, член на една од најбогатите турски семејства и противник на Ердоган.
Обвинителите ги истражуваа парите кои Билал, според кривичната пријава ги донел во Италија од Турција додека бил на докторски студии. Билал, кој во меѓувреме се врати во Турција, ги негираше обвиненијата.
Турскиот претседател пак, Реџеп Таип Ердоган претходно се пожали во телевизиско интервју дека италијанското правосудство „го малтретира“ неговиот син.
– Италија треба да се занимава со мафијата, а не со мојот син, изјави Ердоган, заканувајќи се дека апсењето на Билал Ердоган во случај на враќање во Италија би можело да предизвика проблеми во односите меѓу Анкара и Рим.