Италијанскиот премиер Џузепе Конте смета дека Европската Унија мора да дејствува на соодветен и координиран начин за да им помогне на земјите што се најтешко погодени од корона вирусот, бидејќи во спротивно ризикува да не успее како проект во кризата.
Во интервју за Би-би-си, Конте истакнува дека ЕУ треба да се соочи со предизвикот, кој го карактеризира како „најголемиот тест по Втората светска војна“.
Италија и другите земји од ЕУ се обидуваат да ја убедат Унијата да издаде таканаречени „корона-обврзници“, односно сите земји да прифатат распределување на отплата на долг.
„Ако не ја искористиме шансата да донесеме нов живот во европскиот проект, ризикот од колапс е реален“, вели италијанскиот премиер.
Италија веднаш доби медицинска помош од Кина, Куба и Русија. Одговарајќи на прашањето дали руската помош е условена од Италија, можеби со поддршка од Рим за укинување на санкциите за Москва, Конте одговара дека ваквите инсинуации се навредливи за него.
„Тоа е навреда за италијанската влада и исто така за Владимир Путин, кој никогаш не помислил да го искористи тоа како предност“, вели Конте.
Италија со 139.422 случаи на заразени и 17.699 смртни случаи, како последица на корона вирусот, е најтешко погодената европска земја од пандемијата.
Најновите бројки покажуваат дека се намалува темпото на ширење на вирусот, односно бројот на заразени расте со еден процент дневно, за разлика од претходно кога тоа беа по 7 проценти.
Сепак, италијанскиот премиер рече дека Италија нема да ги намали мерките на заштита и дека целосниот карантин кој беше воведен на 9 март на територија на целата земја ќе се олабавува етапно.
„За нас системот на целосна забрана на движењето беше одлука која мораше да биде многу внимателно разгледана. Доколку предложев целосен карантин и суспендирање на уставните права на самиот почеток, кога се појавија првите кластери, народот тука ќе сметаше дека сум луд“, вели Конте.
На прашањето зошто во Италија има толку многу случаи на заразени, Конте одговара дека тоа било резултат на тоа што во неговата земја биле спроведени многу поголем број тестирања во споредба со другите западни земји.