Италијанката Иларија Салис, на која ѝ се суди во Унгарија и е во домашен притвор за наводен напад врз неонацисти, се надева дека ќе добие имунитет како членка на партијата Зелена и левичарска алијанса (АВС), која влезе во Европскиот парламент по изборите.
Салис е кандидат на италијанската партија АВС, која на изборите освои 6,7 отсто од гласовите, пишува Би-Би-Си.
-Имавме избрани шест пратеници, а меѓу нив е и Иларија Салис. Сега ја сакаме Иларија овде во Италија, слободна и со имунитет, подготвена да го исполни својот мандат – изјави еден од лидерите на партијата Никола Фратојани.
Откако помина повеќе од една година во затвор, Салис минатиот месец беше осудена на домашен притвор.
Снимката од нејзиното носење пред судот во синџири ја шокираше светската јавност. Таа е обвинета за учество во насилни напади врз неонацисти во февруари 2023 година.
Серијата напади се случија по неонацистичкиот собир во Будимпешта.