Истражување: Македонците и Албанците едногласни дека најлоши односи имаме со Бугарија

by fokus

Македонија има најдобри односи со Србија а најлоши со Бугарија, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 56,5% од граѓаните сметаат дека најдобри односи имаме со Србија. На второ место е Албанија со 11,3% а на трето Турција со 3,3%: Тука некаде е и Косово по што следи Хрватска со 2,6%, Словенија со 1,2%, Грција со 1,1% и Бугарија со 0,9%.

Македонците во огромно мнозинство најдобри односи сметаат дека имаме со Србија. Нивниот процент надминува 72%. Кај етничките Албанци, Албанија е земјата со која сметаат дека имаме најдобри односи. Ваков став делат 39,8%.
Оттука, очекувано најмал број на граѓани сметаат дека имаме најдобри односи со Србија во полошкиот регион, а најголем во североисточниот.

Во регионот, според граѓаните најлоши односи имаме со Бугарија. Ваков став делат 64,6% од анкетираните. Следи Грција со 9,2%, Албанија со 3,4%, Србија со 2% и Косово со 1,2%.

Интересно е што ова е едно од ретките прашања за кои Македонците и етничките Албанци имаат исти ставови. И двете групи се на ставот дека Бугарија е земјата со која имаме најлоши односи во регионот. Разликата е што кај Македонците вакво мислење делат 71,6% од анкетираните а кај Албанците 42,5%.

Близу две третини од граѓаните позитивно гледаат на инцијативата „Отворен Балкан“ во која покрај Македонија дел се и Србија и Албанија. Ваков став имаат 63,3% од анкетираните додека 15,9% на тоа гледаат негативно.

Поврзани новости