Проблемот со водите е многу сериозен. Сите студии на реките и на речните сливови покажуваат енормно загадување на водите, посебно со пестициди, а во некои делови и со тешки метали, вели професор Трајче Стафилов од Природно-математичкиот факултет во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
-Од сите истражувања може да кажеме дека во Македонија има области каде што имаме интензивно загадени почви. Тоа има последици и во загадувањето на воздухот, со пренос на таква прашина или на почвите. Исто така, имаме индустриски депонии, коишто се најчесто историски, значи од минатото, кога не се водело многу грижа за загадувањето и кога законските норми не биле на тоа ниво како што се сега за да се спречи депонирање на таков, да речеме, опасен отпад којшто е во енормно големи количества и којшто бара решенија – вели Стафилов.
Тој посочува дека, освен истражувањата на загадените подрачја од индустриските активности, извршиле истражувања и за подготовка на геохемиски атлас на почвите во Македонија, низ цела држава со избор на 1000 локации од коишто се земени 2000 примероци.