Дури 65 отсто од испитаниците сметаат дека процесот на вработување во локалната администрација е отворен и достапен само за луѓе блиски на партијата, додека 47 отсто од нив сметаат дека тендерите се доделуваат неправедно во општините. Ова се само дел од резултатите од истражувањето на јавното мислење „Перцепции за состојбата со судирот на интереси и проценка на Македонија во Европските интеграции“ на Институтот за демократија „СОЦИЕТАС ЦИВИЛИС“ кое беше презентирано вчера.
Резултатите покажуваат дека 32,6 отсто од испитаниците сметаат дека присуството на непотизам во локалната администрација е многу често, а 28,3 отсто, дека е често. Додека во однос на перцепцијата на граѓаните за напредокот на Македонија во ЕУ интеграциите клучните наоди се, дури 75,1 отсто од испитаниците етнички Албанци го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ, дури и со отстапки за името на државата. Наспроти тоа, 77.8 отсто од етничките македонци даваат поддршка на членството во ЕУ само без отстапки за името. Додека, пак 47 отсто од испитаниците сметаат дека Македонија не е подготвена за членство во ЕУ.
Според истражувањето на „СОЦИЕТАС ЦИВИЛИС“. за 55 отсто од етничките македонци, главната причина што Македонија не е дел од ЕУ е дека соседните држави го попречуваат влезот, додека за 48,7 отсто од нив, главната причина е неостварувањето на домашните реформи.