Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 22-годишен скопјанец, кој е осомничен дека сторил кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Како што соопшти Јавното обвинителство, полициски службеници на 9 октомври го забележале осомничениот во близина на село Грачани како управува моторцикл без регистарски таблици и го запреле за да извршат легитимирање. Осомничениот се дал во бегство, но бил совладан од полициските службеници. При извршениот личен претрес, под тренерката му била пронајдена една кеса со наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од 1.010 грама. Осомничениот 22-годишен скопјанец дрогата ја набавил и ја држел неовластено заради продажба.
Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство или осомничениот да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави и предлог за определување мерка притвор.