Случајот „МПМ“ кој произлезе од „Империја“ на СЈО, пред една недела пристигнал во скопското обвинителство, поради утврдена надлежност во ова обвинителство.
За овој предмет предистрагата и истрагата ја водеше обвинителката Лиле Стефанова, а осомничени се Срѓан Керим, поранешната директорка на МПМ, Јасна Станисављева и бизнисменот Орце Камчев. Неофицијално, тие се гонат за лажен стечај, злоупотреба на службената положба и злоупотреби на средствата на доверителите.
Постапка за овој случај најпрвин имаше отворено Основното јавно обвинителство по пријава поднесена од Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, но надлежноста за испитување на евентуален економски криминал ја презеде СЈО.
Тогаш истражители на СЈО влегоа во просториите на МПМ, чиј сопственик до пред истрагата беше Графички центар Скопје (ГЦС), кој беше во сопственост на Орка Холдинг на Камчев. Медиа Принт Македонија пак е во стечајна постапка, а доверителите останаа со ненаплатени долгови.
Поранешните новинари и поранешни вработени во МПМ кои останаа и без работа и без плати, во отворено писмо до јавноста Керим го нарекоа гробар на најквалитетните весници во Македонија.
В.В.