Меџити генерален секретар, Беџети потпретседател на ДУИ?

Ахмети и припадниците на „огнената група“ вчера не разговарале за кадровски прашања откако договориле формирање на централно претседателство, но, како што дознава „Фокус“, после конгресот било договорено Меџити и Беџети да добијат високи партиски функции, што се уште не е испочитувано.

by Фокус

На вчерашната шестчасовна средба во Мала Речица, лидерот на ДУИ Али Ахмети и претставниците на таканаречената „огнена група“ договориле да се формира Централно претседателство, каде, како што соопштија, ќе се пресели внатрепартиската дебата, а „интегративците“ од извршната власт ќе дадат отчет.

На тој начин, беше исполнето едно од барањата на „огнените“, откако на последниот партиски конгрес пред 3 години беше реизбран Ахмети на лидерската позиција и беше оформен генералниот совет, но до денес не беше формирано централно претседателство и не беа избрани потпретседатели и секретар.

Како што велат за „Фокус“ дел од учесниците на средбата, вчера дискусијата се водела конструктивно и воопшто не станало збор за кадровски решенија, туку ова прашање треба да се реши до средината на следниот месец, кога ќе се одржи седница на Генералниот совет, на која ќе се избере претседателство.

Меѓутоа, според неофицијални информации, уште по одржувањето на конгресот Ахмети им ветил две клучни партиски позиции на пратеникот и прв човек на чаирскиот огранок на ДУИ Изет Меџити и на градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, кои всушност се фронтмени на иницијативата за промени.

Високи партиски извори посочуваат дека договорот било Меџити да биде генерален секретар, а Беџети еден од неколкуте потпретседатели на партијата, меѓутоа тоа не се реализираше до денес, што е само една од причините за нивниот револт и незадоволство.

Впрочем, тие побараа смена на првиот вицепремиер Артан Груби, бидејќи, како што наведоа во писмото до Ахмети, „арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Груби предизвикаа незадоволство, револт и пасивност на структурите и гласачите“.

Засега, нема најави за повлекување на министрите од ДУИ, кои, според упатените, се селектирани директно од Ахмети без консултација со матичните комитети, со исклучок на министерот за образование Јетон Шаќири, кој е делегиран од струшкиот огранок предводен од Рамиз Мерко.

Инаку, дел од „огнената група“ се и двајца поранешни потпретседатели на ДУИ – Невзат Бејта и Садула Дураки, за кои нема најави дека повторно ќе добијат високи функции во новото раководство, исто како и Муса Џафери, кој не е член ниту на Генералниот совет.

В.С.

Поврзани новости