Истрагата за „Еуростандард“ е прикрај – Обвинителот кој ја водел го избрале во Вишо

by fokus

Истрагата за пропаѓањето на „Еуростандард банка“ е во финална фаза, брифираат за Фокус извори од Финансиската полиција иако Обвинителот кој ја почнал истрагата, Наум Пановски, пред извесно време беше избран во Вишото јавно обвинителство. Истрагата, која беше отворена во февруари, продолжила да ја води обвинителката, Катерина Коларевиќ, брифираат извори за Фокус.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, официјално велат дека надлежниот обвинител активно постапува.

-Во предметот се споени неколку кривични пријави, во насока на расчистување на случајот издадени се наредби до Управата за финансиска полиција во насока на утврдување на постапките и начините за добивање на кредити и одобрување на кредитните линии, воедно издадени се и наредби за вештачење на одземените електронски уреди. По добивање на извештаите од вештачењата предметниот обвинител ќе донесе одлука за понатаношниот тек на истражната постапка, велат од Обвинителството за Фокус.

Директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми последно изјави дека се на добар пат да докажат каде завршиле парите од „Еуростандард банка“, односно да ја докажат одговорноста на сите вмешани страни кои се дел од оваа алка.

– На почеток мислевме дека не е толку организирано, но кога веќе почнавме да истражуваме во самата банка и по добиените банкарски сметки од неколку фирми, веќе утврдивме голема мрежа која може да кажеме дека не се работи за 140, туку за повеќе фирми, изјави тогаш Муареми.

Една од кривичните пријави по кои постапува Обвинителството е кривичната што ја поднесе Народната банка, а обвинителството отвори истражна постапка против четири лица, меѓу кои против доминантниот сопственик на Еуростандард банка, Трифун Костовски и неговиот син и уште две други лица.

Според обвинителството, осомничените како лица со посебни права и одговорности во банката, во периодот од 2018 година до 2019 година, ги повредиле одредбите од Законот за банки, како и Методологијата за адекватност на капиталот. -Како резултат на несоодветното работење на осомничените, органите на банката целосно затаиле во извршување на основните функции и со своите одлуки не постапиле по изречените мерки на Гувернерот на Народната банка, при што придонеле за дополнително влошување на профилот на ризик на банката. Воедно го зголемиле ризикот од концентрација и масовно ја затскриле реалната способност на клиентите за измирување на обврските и нереалната класификација, што резултирало со погрешно известување за финансиската состојба на банката и нејзините сопствени средства како кон НБРСМ, така и кон останатите заинтересирани страни, соопштија од Обвинителството при отворањето на истрагата.

Оштетените штедачи од Еуростандард банка секојдневно апелираат да се расветли, како што велат, масовниот криминал во затворената „Еуростандард банка“.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости