„Истрагата да покаже кој се збогатил на сметка на изградбата на нов театар и библиотека во Тетово“

Фатон Фазлиу од опозициската Алтернатива на денешната прес-конференција се повика на неодамнешните написи во неделникот „Фокус“, чие истражување откри дека објектот се градел според менуван проект и дека надзорот бил ангажиран за багатела, а во тендерот за втората фаза биле елиминирани реномирани странски компании.

by Фокус

Новата зграда на Тетовскиот театар и библиотека започна да се гради во 2014 година, но неодамна од медиумите сите дознаа зошто се одложува оваа работа – ДУИ овој проект го претвори во дувло на корупција и изнуда на пари на граѓаните, обвинија денеска на прес-конференција од Алтернатива на Африм Гаши, една од партиите што се дел од опозицискиот „Европски фронт за промени“, каде уште членуваат Беса и ДД на Биљал Касами и Изет Меџити, а последно им се придружи и лидерот на АА Арбен Таравари.

Тие што имаат полна уста со Европа, навистина немаат ништо заедничко со Европа. Тие се синоним за криминал, корупција и нефункционалност на владеењето на правото. Тие, со бескрупулозна клептоманија, секојдневно работат на тоа да не дојде до интеграција во ЕУ. И не само тоа, туку оваа политичка партија сериозно му штети на националниот интерес, принудувајќи стотици илјади Албанци да ја напуштат Северна Македонија и да емигрираат, барајќи благосостојба – изјави Фатон Фазлиу од Алтернатива.

Всушност, тој се повика на написите објавени во неделникот „Фокус“, кој ја истражуваше изградбата на новиот културен дом во Тетово, каде треба да бидат сместени театар и библиотека. Нашето истражување откри дека објектот се градел според менуван проект, дека надзорот бил ангажиран за багатела, а во тендерот за втората фаза биле елиминирани реномирани странски компании. Договорите поврзани со проектот чинат над 36 милиони евра, но досега се исплатени нецели 22 милиони евра.

Децениска сага за нов културен дом во Тетово: Истрага за изградбата на објектот, тендер за опремување со елиминирана конкуренција!

Инаку, овој објект почна да се гради во 2014 година, со најава дека ќе биде готов за 3 години и ќе чини 13 милиони евра. Меѓутоа, десетина години подоцна, се уште не е комплетиран, а последниот рок кога тоа треба да се случи е поставен на крајот на 2025 година. Сепак,13 милиони евра е сумата само на склучениот договор во 2014 година за градежно-занаетчиски работи, бидејќи неколку години подоцна, односно во 2021 година, се склучува уште повреден договор од 23 милиони евра за внатрешно опремување на објектот.

Дополнително, овој проект „изеде“ државни средства и за изработка и дополнување на проектот, ангажирање надзор итн. Па, кога ќе се собере сето тоа, произлегува дека овој сѐ уште недовршен објект, кој се гради веќе цела деценија, надминува 36 милиони евра. Сепак, од Министерството за култура не информираа дека за проектот досега се издвоени, односно потрошени 21,7 милиони евра.

Владата вели дека напредува изградбата на нов културен дом во Тетово, досега од буџетот се исплатени скоро 22 милиони евра!

Во првата сторија објавивме дека Финансиската полиција отворила истрата за договорот со тетовската компанија „Урбан План Конструктион“ од 13 милиони евра за градежно-занаетчиски работи на објектот, кој почна да се гради во 2014 година. Исто така, во 2018 година е запленета и документацијата од постапките во чии рамки се склучени договори со „Архинг Груп“ за проект и со „Градежен институт Македонија“ за ревизија во вредност од 442.000, односно 44.000 евра.

Токму овие тендери за изведба, проектирање и ревизија се меѓу постапките за кои нема објавено никакви информации на Бирото за јавни набавки, ниту некакви податоци ни доставија од „Иљо Антески Смок“ по нашите барања согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од причина што, како што не известија, документацијата е одземена од Финансиска полиција со записник изготвен во 2018 година.

Во меѓувреме, ни стигна одговор и од Финансиската полиција, од каде ни посочија дека преземаат мерки и активности кои се однесуваат на утврдување на сомненија за сторени кривични дела во нејзина надлежност. Се обративме и до Јавното обвинителство. Од одговорот што го добивме произлегува дека обвинителството проучувало економско вештање за случајот, но доставило наредба за негово дополнување, по што ќе знае судбината на предметот.

Обвинителството постапува по пријава за културниот дом во Тетово – конечниот збор зависи од економско вештачење!

Ја поздравуваме истрагата што ја покрена Обвинителството за гонење организиран криминал, кое со извештајот на Финансиската полиција започна истраги за случајот и се надеваме дека истрагата ќе оди до крај и сите оние кои се збогатиле на трошок на овој објект ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Истрагата треба да покаже кои фирми добиле милионски суми во овој проект и каква врска имаат овие фирми со функционерите на ДУИ – рече денес Фазлиу.

Додека Обвинителството ја испитува изградбата на објектот во Тетово започната пред цела деценија, во тек е реализација на уште еден милионски договор. Се работи за договор склучен во 2021 година за внатрешно опремување на објектот склучен со уште една тетовска компанија – „НБ-Цомпану“. Како што пишуваше „Фокус“, на денот кога било закажано отворање на понудите, настапиле 4 компании – 2 странски и 2 домашни, поточно од Тетово.

Арно ама, двете странски фирми воопшто не ја минале фазата на евалуација, односно биле дисквалификувани. На аукција заминале двете тетовски компании, кои, пак, одржале безмалку симболично наддавање. Една од странските фирми била албанската „Пе-Вла-Ку“, за која пошироката јавност дозна по обелоденувањето на случајот со купувањето на деловниот центар „Соравиа“, каде што беше вмешан и внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети – Дрин Ахмети.

Во рамки на тендерот за ентериерно уредување учествувала уште една странска компанија. Тоа е „Штрабаг АГ“, која важи за најголема австриска градежна компанија и една од највлијателните и најреномирани во овој сектор во цела Европа. Ниту ваквиот статус, ниту бројните референци не биле доволни за „Штрабаг“ да „преживее“ на тендерот, бидејќи не доставила документи за субјектите со кои соработувал.

Во таков случај, евалуацијата ја минале само 2 компании и на лицитација отишле „АК-Инвест“ и „НБ-Цомпану“ со првичните понуди како стартни позиции. Во случајов, тоа требало да бидат 1.197.885.392, односно 1.227.813.262 денари, кои биле поднесени при отворањето на понудите. Меѓутоа, Комисијата побарала објаснување од двете тетовски компании за невообичаено ниските цени. Потоа, била извршена корекција на понудите.

Практично, тоа е направено со т.н. исправање на аритметичка грешка, по што првичната понуда на „АК-Инвест“ од 1.197.885.392 станала 1.207.195.618 денари, а понудата на „НБ-Цомпану“ од 1.227.813.262 станала 1.230.545.077 денари. Со новите цени, тие стартувале на електронска аукција, на која „НБ-Цомпану“ веднаш ја спуштил цената на 1.205.988.423 денари. Следно, „АК-Инвест“ намалил на 1.204.781.228 денари, по што „НБ-Цомпану“ реагирал со понуда од 1.203.574.033 денари. Тоа била и конечна цена.

Во рамки на ова истражување, објавивме и втора сторија, во која откриваме дека во текот на оваа 2023 година, или на половина од реализацијата на милионскиот договор на „НБ-Цомпану“ за опремување на новиот тетовски културен дом (2021-2025), поврзана компанија купула 2 бензиски станици покрај автопатот Скопје-Тетово. Станува збор за „Ган-Логистик“, во сопственост на газдите на „НБ-Цомпану“, Бурим Ибиши и Насер Ибиши, како и на поранешниот службеник и раководител во Општина Тетово Кренар Ибраими.

Откако тетовската „НБ-Компани“ доби милионски тендер за опремување на новиот културен дом, сестринската „Ган-Логистик“ купи бензински од семејни фирми на пратеник!

Документацијата што ја обезбедивме од Катастарот на недвижности открива дека лани „Ган-Логистик“ купила недвижен имот пред влезот во главниот град од 2 компании. Едната од нив е добро познатата нафтена компанија Пуцко Петрол“ во сопственост на Асмир Јахоски, син на актуелниот пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, која снабдува со нафта бројни државни институции и органи. Другата компанија, пак, е градежната „БИ Холдинг“, во сопственост на лице со исто презиме – Хана Јахоска.

На тој начин, „Ган-Логистик“ на браќата Ибиши и поранешниот општински службеник Ибраими купила од 2 компании на семејството Јахоски земјиште со вкупна површина 20.326 квадрати и деловен простор со вкупна површина од 757 квадрати за вкупна сума од 7.552.000 евра, што ќе му дојде дека тетовската компанија платила околу 370 евра за квадрат земјиште што оди во пакет со 2-те бензиски станици.

Иако „НБ-Цомпану“ е водечка семејна компанија, која има најголем обрт средства, сепак, најголем недвижен имот поседува сестринската „Ган Логистик“, која има само двајца вработени. Освен најновиот инвестициски зафат во 2 нови бензиски, оваа компанија поседува недвижности преку 16 имотни листови во разни општини, додека има прибелешка на дополнителен имот на уште над 100 имотни листови.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости