Истрага за злосторничко здружување: Замрзнат е имотот на „Новоматрикс“, газдата е осомничен за даночно затајување!

По политичките промени, битолската „СВ-Инвест“ на Стојан Чифлигароски за 3 години доби тендери за работа во РЕК Битола вредни над 6 милиони евра. Но, компанијата на Чифлигароски во 2021 година падна во стечај, па на сцената стапи „Новоматрикс“ во сопственост на управителот на „СВ-Инвест“, Александар Наумов, која склучи 2 договори вредни 3 милиони евра. Во меѓувреме, „Новоматрикс“ го смени називот во „Салус Плус“, а цел возен парк на друштвото вреден половина милион евра е замрзнат од страна на судот по барање на обвинителството, кое го сомничи Наумов за даночно затајување, но и дека е дел од злосторничко здружение.

by Фокус

По барање на Обвинителството за организиран криминал, Основниот суд Скопје 1 изрекол времена мерка за забрана за отуѓување, располагање и оптоварување на возилата на компанијата „Салус Плус“, попозната според поранешниот назив „Новоматрикс“, чиј сопственик е Александар Наумов, близок соработник на бизнисменот Стојан Чифлигароски, кој пак своевремено јавно се декларираше како пријател на братот на експремиерот Зоран Заев-Вице Заев.

Имено, ова решение е заведено и во Централниот регистар, каде се наведува дека по барање на Јавното обвинителство од 27.10.2023 година, Кривичниот суд донел решение на 31.10.2023 година за донесување привремена мерка – забрана за отуѓување, располагање и оптоварување на моторни возила, поради основано сомневање дека е сторено кривично дело злосторничко здружување и даночно затајување.

Односно, му се забранува на осомничениот Наумов од Битола, сопственик и управител на друштвото, да го отуѓува, располага и оптоварува на било кој начин движниот имот на компанијата, кој е таксативно наведен. Станува збор за 17 возила во вкупна вредност од скоро 32 милиони денари или над половина милион евра (518 илјади евра).

Привремената мерка може да трае најдолго до завршување на кривичната постапка пред првостепениот суд или може да биде укината по службена должност. Сите дејствија врз имотот што е предмет на обезбедување, а се преземени по поднесување на барањето за привремени мерки, се ништовни“, стои во решението, со кое му се наложува на МВР во регистарот и евиденцијата на моторни и приклучни возила веднаш да изврши прибелешка.

Од Обвинителството побаравме одговор зошто Наумов е осомничен за наведените кривични дела и дали/колку други лица се осомничени, потоа дали е „замрзнат“ имот на други правни субјекти, како и во која фаза моментално е овој предмет и какви дејства се преземаат? Но, од таму ни беше кажано дека во оваа фаза на постапката не може да се споделуваат детали.

Исто така, официјално се обративме и до компанијата „Новоматрикс“, која во меѓувреме го сменила називот во „Салус Плус“. Но, и од таму досега не добивме никаков одговор поради што сопственикот и управител на оваа компанија Наумов се сомничи за 2 дела од Кривичниот законик – злосторничко здружување и даночно затајување?

ЗГАСНА „СВ-ИНВЕСТ“, СЕ РОДИ „НОВОМАТРИКС“

Инаку, моменталниот единствен сопственик и воедно управител на „Новоматрикс“ или „Салус Плус“ – Наумов, порано бил управител и на веќе подзаборавената „СВ-Инвест“ на Чифлигароски, која за период од само 3 години после политичките промени доби тендери за работа во РЕК Битола вредни 6 милиони евра. Меѓутоа, во 2021 година падна во стечај, кој лани беше заклучен, па оваа фирма престана да постои.

Фамозната „СВ-Инвест“ формално згасна по 2-годишна стечајна постапка и 30 тендери вредни 6 милиони евра!

За потсетување, „Фокус“ пишуваше за „СВ-Инвест“ во времето кога беше отворена стечајната постапка, што следуваше веднаш откако друштвото заработи негативна референца или забрана за учество на тендерски постапки, бидејќи не беше во можност да обезбеди банкарска гаранција за тендер добиен токму од ЕСМ/ЕЛЕМ. Тогаш, Чифлигароски ни изјави дека „отварањето на стечајна постапка не значи и нужно ликвидирање на друштвото“.

АРХИВА Како „СВ-Инвест“ падна во стечај после соработка со РЕК Битола тешка 6 милиони евра?

Сепак, стечајот не резултираше со реорганизација и спас на компанијата, туку со нејзина ликвидација. Според информациите што ги добивме од стечајниот управник Коле Волчевски, банките си ги наплатиле побарувањата, а извршена беше и продажба на имотот на друштвото со цел подмирување на долговите кон останатите стечајни доверители, од кој најголем беше „Пелистер“ на покојниот Силјан Мицевски.

Како тече стечајот на „СВ Инвест“, која се „прослави“ по тендерите од РЕК Битола?

Неодамна, пак, неделникот „Фокус“ пишуваше дека откако „СВ-Инвест“ почна да пропаѓа, Чифлигароски преку Наумов ја активираше „Новоматрикс“, која склучи 2 договори за технолошко чистење во РЕК Битола вредни над 3 милиони евра, при што првиот пораснал поради 2 анекси, а вториот го доби во постапка со директни преговори, откако пропаднале неколку обиди да се спроведе отворена тендерска постапка.

(АРХИВА) Над 3 милиони евра од ЕСМ завршија во фирма блиска до пријател на Заеви, која била во сопственост на Камчеви!

Како што објавивме, оваа компанија сменила неколку сопственици, а во еден период во 2016-2017 година била во сопственост на друштвото „Архи“ или денешна „Панорама резиденс“. Патем речено, и оваа компанија сменила многу содружници, а денес е во целосна сопственост на „Орка“ на семејството на бизнисменот Орце Камчев.

Како над 3 милиони евра од ЕСМ „легнаа“ во фирма блиска до пријател на Заеви, која порано била во сопственост и на Камчеви?

Во меѓувреме, Наумов ја презема „Новоматрикс“/„Салус Плус“, која по пропаста на „СВ-Инвест“ ги доби истите тендери како компанијата на Чифлигароски. Со оглед дека Наумов е осомничен и за злосторничко здружување, произлегува дека во рамки на овој предмет опфатени се повеќе осомничени, но од обвинителството не добивме одговор на прашањето дали меѓу нив е и Чифлигароски.

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ИЗНУДА

Своевремено, „Фокус“ пишуваше дека „СВ-Инвест“ се споменува во кривичната пријава што друга битолска компанија – „Рубитон“, ја поднесе до Министерството за внатрешни работи во 2020 година, бидејќи, како што се наведува во пријавата, поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски вршел изнуда.

Поточно, сопствениците на „Рубитон“, Васко Василев и Јани Радивчев, во пријавата до МВР навеле дека Ковачевски вршел притисок во корист на „СВ Инвест“ да отстапат дел од договорот што го склучиле за ископ во РЕК Битола или во спротивно да платат 250.000 евра во готово.

Фокус открива: Како компанијата „Рубитон“ била „убедувана“ да отстапи милионски договор во РЕК Битола?

Неколку години по написот, овој случај го актуелизираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски кон средината на 2021 година на брифинг со новинари обвини дека во позадина стоел братот на тогашниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев-Вице Заев, кој, според Мицкоски, изнудил 250 илјади евра од компанија од Битола која добила тендер за ископ на јаглен од РЕК Битола.

Во однос на ваквите обвинувања, реагираше Вице Заев, кој во изјава за „Фокус“ рече дека обвинувањата на Мицкоски немаат врска со реалноста и дека, како што рече, станува збор за лага, измислица, креација во умот на човекот кој е опседнат со него.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости