Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица меѓу кои градоначалник на општина, надзорен орган во општина и тројца соизвршители.
-Со дејствијата опишани во наредбата, првоосомничениот – градоначалник на општина и третоосомничениот – надзорен орган во општината, како соизвршители сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување при јавни набавки, а второосомничениот како вистински сопственик на две правни лица и брат на првоосомничениот, сторил две продолжени кривични дела и тоа кривично дело Поттикнување во врска со кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело. На четвртоосомничениот – сопственик и управител на сега избришано правно лице и овластен потписник на банкарските сметки на друг сега избришан правен субјект му се става на товар дека сторил продолжено кривично дело Помагање во врска со кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело, додека петтоосомничениот – управител на правното лице чиј сопственик е второосомничениот, сторил Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство, соопшти ЈО.
Во шестгодишен временски период, од 2012 година до 2018 година, се вели во сопштението, поттикнати од второосомичениот, прво и трето осомничените ја злоупотребиле својата службена положба и прибавиле корист за друг со што нанеле штета на општинскиот буџет, додека четвртоосомничениот, издавајќи фактури со невистинита содржина кон правното лице на второосомничениот кои не ги евидентирал во својата сметководствена евиденција, му помогнал да изврши кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело . Петтоосомничениот со поднесување на документација со невистинита содржина свесно ги повредил прописите за постапка за доделување на договор за јавна набавка и на тој начин остварил за друг имотна корист од поголеми размери.