Здружението на граѓани Преродба за утре најави протести и блокади пред македонското Собрание со почеток од 10 часот, непосредно пред почеток на парламентарната седница на која пратениците ќе дискутираат и одлучуваат за отворање на Уставот.
Впрочем, организаторите најавуваат протести секој ден од 10 до 14 часот, со цел, како што истакнуваат тие, продолжување на македонскиот отпор и се додека не се исполни барањето за поднесување оставкана актуелната власт.
„Од говорницата пред Собранието ќе се обратиме со Општ јавен повик за продолжување на континуираниот македонски отпор, народна/граѓанска непослушност, против штетните нелегитимни недемократски и антидржавни политики на нелегитимната власт“, се наведува во нивното соопштение.
Воедно, од здружението најавија и организирање мораториумски народен собир и демонстрации пред Јавното обвинителство.
„Мораториумските акции на отпорот ќе ги шириме низ Република Македонија и насекаде во светот, во земјите, каде живеат и чии државјани се македонски граѓани, со нивно масовно учество“, велат организаторите.