Исмет Гури требало да биде вратен во Шутка, но стана недостапен за органите на прогонот

by fokus

Полицајците кои вчера биле во домот на поранешниот функционер од ДУИ, Исмет Гури не вршеле контрола дали Гури ја почитува мерката куќен притвор, туку со решение од Кривичен суд требало да го вратат во притвор во Шутка.

Од Кривичниот суд денеска излегоа со повеќе детали од кои произлегува дека на Гури од неодамна му била сменета мерката притвор во куќен притвор.

Но, кривичниот совет постапувал по жалба на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и донел решение Гури пак да биде вратен во притвор во Шутка.

Вчера кога требало да биде однесен пак зад решетки, полицијата не го нашла дома, па по него веднаш беше распишана централна и меѓународна потерница.

Од институциите нема детали кога Гури од Шутка бил пуштен во куќен притвор и зошто.

Во јули тој беше осомничен и уапсен во акцијата на  МВР и Обвинителството, со која 15 лица се сомничат за даночно затајување и злосторничко здружување.

Гури е од Чаир и првостепено е осуден за уништување изборен материјал на локалните избори во 2013 година.

Кога беше уапсен веќе беше разрешен од директорската функција во УЈП и беше близок со групата која се оддели од ДУИ, а потоа и формираше партија на чело со Изет Меџити.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости