Исмајлоска-Старова: Немаше никакви закани, гласав за просперитет на Македонија

by fokus

Одговорно ги отфрлам наводите за некакви закани кон мене при одлуката којашто ја донесов во македонското Собрание. Мојата постапка е исклучиво водена од желбата за просперитет на Македонија“, вели Исмајлоска-Старова, експратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, која беше исклучена од партијата веднаш потоа.

Но Исмајлоска-Старова вели дека не се кае. Исто така тврди дека најголема поддршка добила од сопартијците.

-Гласав за отворање на Уставот, токму за да придонесам кон подобрувањето на решенијата, а со тоа и да помогнам за процесот. Постапив според сопственото уверување. Поддршката која отворено пристигна од голем број граѓани, а и од меѓународниот фактор, е момент кој треба да се обидеме да го искористиме во наша полза, за нашата татковина. Не сум загрижена за својата безбедност, бидејќи постојано добивам поддршка од граѓаните, меѓу кои моите сопартијци се најбројни. Во политиката, како најважен дел од животот на народните избраници, има моменти во кои мора да се донесат и тешки одлуки  – вели Исмајлоска-Старова во изјава за „Макфакс“.

Доколку Владата подаде рака и ги прифати барањата на осумте пратеници за дополнување на амандманите, таа вели дека ќе гласа и за уставните измени.

-Процесот е започнат. Доколку Владата подаде рака за точките кои сметам дека ќе внесат мир кај народот, ќе ја добијат мојата поддршка. Ние мора да застанеме на нозе и заеднички да го спроведеме овој процес до крај – тврди Исмајлоска-Старова за „Макфакс“.

Поврзани новости