Граѓаните чии домаќинства се исклучени од мрежата на БЕГ, а и понатаму се обврзани да плаќаат месечен паушал, својот протест овој петок ќе го преселат помеѓу Основен суд 2 и Апелација Скопје. Револтирани се, како што велат, од незаконското работење на дел од судиите.
„Нивната улога во судниците е да испорачаат фер и праведни судски постапки според законите на Република Македонија, а не да го штитат криминалот и бизнисите на моќниците. Ги повикуваме сите оштетени граѓани кои поминале низ неправдите во судниците на Основен 2 и Апелација да ни се приклучат“, велат исклучените.
Планираат со гласно читање на Законот да ги потсетат судиите на нивните заклетви.
„Да ги испорачаме нашите, граѓански барања на нивните врати. Доста ни е од монополи и банки кои систематски не уништуваат! Доста ни е од измислени фактури! Доста ни е од преплатени услуги кои не ни требаат! Доста ни е од рекет од ненаситни политичари! Време е да го покренеме гласот за правда и правично судење. 5 до 12 за судството!“, додаваат од таму.
Овие граѓани организирани преку здружението „Но пасаран“, веќе две години протестираат секоја сабота пред Регулаторната комисија за енергетија чиј правилник ги обврзува да го плаќаат паушалот затоа што, според правилникот, нивните домови се затоплуваат преку ѕидовите од парното на нивните соседи. Нивниот протест овој петок ќе се одржи од 11:55 до 14:00 часот.