Доколку денеска се одржат локални избори, СДСМ би освоил 19 отсто од гласовите, додека ВМРО-ДПМНЕ би имала поддршка од 16 отсто од избирачите. Според најновото национално истражување на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), трета партија е ДУИ со рејтинг од 8 отсто, а зад неа се Алијанса за Албанците и Левица со поддршка од по 4 отсто од гласачите.
Во главниот град, на прашањето за чиј кандидат за градоначалник би гласале, од 744 испитаници 21 отсто одговориле дека нивниот глас би завршил за кандидатот на СДСМ, 16 за кандидатот ВМРО-ДПМНЕ, 8 отсто за ДУИ, 7 отсто за ДПА и 4 отсто Левица. Притоа, 20 отсто од испитаниците одговориле дека не знаат за кого би гласале, додека 10 отсто одговориле дека нема да гласаат.
Во скопската Општина Ѓорче Петров, пак, анкетирани се вкупно 242 граѓани и од нив 24 отсто одговориле дека доколку денеска има избори би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а 21 отсто за СДСМ.
Во Куманово, пак, доколку денеска се одржат локални избори, од вкупно 277 испитаници 28 би гласале СДСМ, 7 отсто за ВМРО-ДПМНЕ и 4 отсто за ДУИ. Податоците за останатите градови покажува предност на СДСМ во Штип и во Охрид.
Во Тетово, пак, од 257 испитаници 14 отсто одговориле дека би гласале за кандидат на ДУИ, а само 2 проценти помалку, односно 12 отсто се изјасниле за кандидатот на СДСМ. По 10 отсто се изјасниле за Алијанса за Албанците и за Беса, а 8 отсто рекле дека ќе гласаат за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Гостивар, според резултатите од анкетата, највисок рејтинг има Алијанса за Албанците со 22 отсто, зад кандидатот на ДУИ би застанале 17 отсто од испитаниците, додека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ уживаат поддршка од 10, односно 8 отсто.