Истражување: Преспанскиот договор ги подели граѓаните

by fokus

Договорот од Преспа останува чувствителна тема, но тој претставува компромис што требаше да се направи и ги зајакна мирот и стабилноста во регионот, гласи еден од заклучоците од паралелното истражување на јавното мислење под наслов „Перспективите на Договорот од Преспа, јавното мислење во Северна Македонија и Грција”.

Истражувањето е спроведено во двете земји од Институтот за демократија „Социетас Цивилис” од Скопје и Институтот за истражување на Универзитетот во Македонија во Солун, чии резултати денеска беа презентирани на онлајн настан организиран од Конрад Аденауер и грчката Фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП.

Според ова истражување, во Грција е целосно поделено јавното мислење, така што 36 отсто сметаат дека е договорот е корисен и исто толку дека е штетен. Слична е сликата и кај нас, каде 39 отсто од анкетираните одговориле позитивно, а 35 проценти негативно. Речиси шест од десет анкетирани Грци смета дека договорот е компромис што требаше да се направи, а во Македонија бројката е помала и изнесува 47 отсто.

Сличен е ставот на јавноста во двете земји и по прашањето за тоа дали со договорот се поткопуваат националните интереси на нивната. Односно, 48 отсто од Грците и 47 отсто од Македонците се согласуваат со овој став, а негативно одговориле 39 проценти од анкетираните во Грција и 35 отсто од оние во Македонија. Од оние кои и понатаму го отфрлаат Договорот, во Грција и во Македонија наведуваат различни причини.

Во Грција за 42 проценти главната причина за неприфаќање е отстапувањето на „националноста и јазикот”, а во Македонија 37 отсто го навеле отстапувањето од името. Сепак, нешто повеќе од половина од Грците и 45 отсто од Македонците се согласни дека Договорот е фактор на мир и стабилност на Балканот.

Поврзани новости