Ирена Спасовска: Многу труд вложивме во преговорите со Владата, да се цени државната помош за естрадата!

by fokus

Фолк пејачката Ирена Спасовска која е дел од новото раководство на Здружение на естрадни уметници за „Фокус” вели дека оствариле многу средби со владините претставници, со цел да им се помогне на естрадните уметници во време на кризата.

Се вложило време и труд, па затоа најавената помош за 730 естрадни уметници, во висина од по две плати, односно од по 21,776 денари, според неа е сума за која музичарите треба да бидат благодарни.

-Тимски пристапивме кон изнаоѓање на решение за неповолната состојба во која се најдоа, не по своја вина, нашите естрадни уметници и цели семејства останаа без редовни приходи поради пандемијата. Заедно со претседателот на здружението Горјан Стојановски, со колегата Каан Мазар, и останатите членови на раководството, дадовме се од себе за изнаоѓање на барем привремено решение за нашата бранша. За време на преговорите со претставниците на Владата, наидовме на разбирање. Значи, оваа помош ќе ја добијат уметниците кои се членови на здружението и кои редовно плаќаат членарина, а во исто време не се во работен однос. Според буџетот, според можностите и условите сметам дека естрадата треба да биде задоволна со оваа владина помош. И од разговори со колегите, гледам дека речиси сите ја ценат оваа помош, но и трудот и времето кое го одвоивме за да дојдеме до ова решение. Секако, во секоја ситуација има и такви кои не се задоволни, па би им порачала, ако мислат дека можеле подобро да испреговараат, нека се обидат. Ако успеат, ќе ми биде драго, бидејќи така и јас ќе земам поголема сума. Ние од здружението апелираме сите од естрада да се зачленат и да си плаќаат членарина, која на годишно ниво изнесува околу 500 денари, а не само кога ќе дојде ред да се бара некаква помош. Мислам дека најчесто негодуваат само оние кои се вработени, и не можат поради тоа да ја земат државната помош. И јас сакам да работам, ама ете, не може. Затоа треба да се покаже емпатија и за оние кои ништо друго освен со музика не работат, и овие осум месеци, па и повеќе, им се многу тешки-порачува Спасовска.

Додава дека претседателот Стојановски, како и Сашо Ливрински, Ристо Самарџиев и многу други членови, и покрај тоа што биле во редовен работен однос, и не им следува владината помош, сепак дале се од себе за да се изборат за останатите колеги да бидат помогнати од државата.

Естрадните уметници пролетва исто така добија државна помош поради кризата, во износ од 14.500 денари, во рок од два месеци. Таа помош ја добија над 60 лица, а иницијатор за доделувањето била Ирена. Тогаш таа самата барајќи решение, ја спровела идејата и преговарала со претставниците од Власта.

-Да, за првата помош за естрадата моја беше идејата, успеав сама да испреговарам. Потоа беше создадена жири комисија од наши колеги, околу 60 музичари добивме помош од по две минимални плати. Знам дека најдобро би било кога музичарите би добиле поголеми суми, на подолг период, но мора и ние да покажеме разбирање и да се прилагодиме на можностите на буџетот. А пак, идеално би било кога би можеле пак да настапуваме, чесно да си го заработиме секој денар, а не да чекаме од државата. Во исчекување сме на нови одлуки на Комисијата за заразни болести, во обиди да се изнајдат решенија како би можеле да продолжиме со работа, а никој да не биде загрозен. Додека тоа да се случи, да бидеме благодарни на ова кое сега сме го добиле – изјави Спасовска.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости