Институтот за политички истражувања од Скопје не објави ниту една анкета за расположението на граѓаните пред декемвриските избори, меѓутоа постзборно промовира резултати од испитување на јавно мислење, кои му даваат двојно поголема предност на Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ во однос на неговиот опонент од СДСМ, Зоран Заев.
Според анкетата на ИПИС, спроведена во периодот помеѓу 10 и 13 март 2017 година на 1.100 испитаници на републичко ниво, 26 проценти од граѓаните се изјасниле дека најголема доверба имаат во Груевски, додека 13,5 од граѓаните се изјасниле дека му веруваат на Заев, а 4,5 отсто се изјасниле за лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Покрај тоа, ова испитување покажало дека над 80 отсто од испитаниците се изјасниле против двојазичност на цела територија на РМ, над 75 отсто се изјасниле против платформата на албанските партии како услов за формирање на влада, а над 50 отсто ја поддржуваат иницијативата „За заедничка Македонија“.
Овој институт, кој во јавноста се идентификува со професорот од Правниот факултет Владимир Божиновски, склучил неколку договори со државни институции за јавна набавка, меѓу кои последниот е склучен со Агенцијата за вработување пред само два месеца.
Според Бирото за јавни набавки, овој тендер за истражување на пазарот за потребата од вештини на пазарот на трудот го добил ИПИС откако доставил понуда од 2.499.500 денари, која била за само еден денар пониска од другите две понуди, со оглед дека највисоката понуда изнесувала 2.500.000 денари, колку што е проценетата вредност на договорот.
Во 2015 година, пак, институтот како единствен понудувач склучил два договори со Министерството за здравство за мерење на задоволството на пациентите и евалуација на квалитет на здравствените услуги, во вкупна вредност од 5.796.000 денари.