Општина Центар: Ќе го спречиме Град Скопје да му овозможи на Алек Теранова да гради улица на кејот на Вардар!

by Фокус

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и Град Скопје, под чија ингеренција е кејот на Вардар, донесе незаконска одлука да го узурпира шеталиштето и да направи сервисна улица, која никаде не постои во актуелниот Детално урбанистички план, алармираа денеска од Општина Центар на чело со градоначалникот Андреј Жерновски.

„Во посточекиот ДУП за Мал Ринг, никаде нема предвидено улица на кејот на Вардар, туку подземна сервисна улица, како што и јасно се гледа на планот. Лага е дека тоа ќе биде повторно шеталиште или дека улицата ќе биде само за достава. Ако е така, рестораните и сега го користат кејот за достава и затоа нема потреба ништо да се гради. Доколку е потребна сервисна улица за зградата на Телеком, таа мора да биде направена под земја, согласно важечкиот ДУП“, посочуваат од Центар.

Претседателот на општинската органзиација на СДСМ и директор на општинското претпријатие за паркинзи, Саша Богдановиќ, вчера истакна дека општина Центар неодамна успеала да ја спречи изградбата на оваа улица, но во меѓувреме Градот Скопје со законски измени и одзел дел до ингеренциите, за да може овој проект да го реализира инвеститорот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, кој, според Богдановиќ, е близок до власта.

-Но, не застануваме тука. Во понеделник договоривме заедно со советниците на Општина Центар, вонредна седница, во којашто ќе ги превземеме сите законски мерки со коишто ќе спречиме да продолжи изградбата на оваа криминална улица којашто, знаете дека ја гради познатиот бизнис партнер на Никола Груевски – рече Богдановиќ.

Од Град Скопје, пак, реагираа дека тие ниту ја вцртале ниту ја градат оваа улица, туку тоа го прави приватен инвеститор, откако тоа е предвидено со детален урбанистички план, донесен токму од општина Центар.

-Градот Скопје, врз основа на валиден документ – детален урбанистички план, кој е донесен од страна на општина Центар, е законски обврзан да издаде градежна дозвола за тоа. Доколку не го стори тоа, градот Скопје може да биде тужен од страна на инвеститорот и да сноси финансиски последици“, појаснуваат од Градот.

 

Поврзани новости