(ИНТЕРВЈУ) Зечевиќ: Судско-обвинителскиот систем итно да се ресетира, правда ни е насушно потребна!

Шарената револуција заврши дел од целите што ги бараа граѓаните, а тоа беше враќање на слободата и демократијата и казни за оние кои го имаа прекршено законот, вели генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ-Вардарски во ексклузивно интервју за „Фокус“.

by Фокус

Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ-Вардарски, за најновиот број на неделникот „Фокус“ го дава првото интервју откако беше избран за прв партиски оперативец. Меѓу другото, тој во интервјуто говори и за состојбите во правосудството. Според него, Шарената револуција е светол пример.

Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Како ја оценувате ситуацијата во правосудството, во кое доверба искажаа 3 отсто од граѓаните, најголем дел од судиите и обвинителите признаваат дека трпат притисоци и ургенции, а жестоки критики испорачуваат и странски амбасадори?

ЗЕЧЕВИЌ: Судскиот систем мора да се реформира, но исто така и судиите мора да добијат пристојни услови за работа. И тука не мислам само на финансиски аспект, туку и на технички, организациски и така натаму. Ова е голема тема, на која можам да зборувам, да аргументирам со денови, но да ја оставиме за во некоја следна прилика.

ФОКУС: Сепак, станува збор за актуелна и важна тема, која не може да се игнорира. Како ги коментирате превирањата во Судскиот совет, кои дополнително ја нарушуваат сликата за судството? Дали е точно дека делумно кавгите се рефлексија на внатрешните борби во СДСМ?

ЗЕЧЕВИЌ: Не, апсолутно тоа не е точно, нема трошка вистина во ова тврдење. Можеби некој сака да си најде алиби во овие конструкции. Ви тврдам дека нема клинч инспириран од партиски влијанија.

ФОКУС: Дали, според вас, треба да се спроведе ветинг, кој постојано се споменува но никако да се случи?

ЗЕЧЕВИЌ: Мора да има ресетирање на системот. Иако, не мислам дека единствено ветингот ќе ги реши проблемите во судството. Ерозијата на судскиот систем како последица на 11-годишното владеење на ДПМНЕ треба од темел да се обновува. Да се создаде систем за професионални судии и судството со квалитетни и достоинствени услови на работа.

Судијата не треба да делува под притисок на јавност, туку по принцип на закон, приоритет и воспоставен систем. Повторно ви велам дека ова е огромна тема, која мора да ја држиме сите заедно на највисоко рамниште и да работиме на судството да му го вратиме достоинството, а на граѓаните вербата.

ФОКУС: Почна да се проширува „црната листа“ на САД, на која прв беше ставен струшкиот градоначалник Мерко поради корупција и влијание во правни постапки. Каква порака е ова и дали очекувате таму да се најдат функционери од СДСМ? Што во таква ситуација – дали ќе побарате повлекување?

ЗЕЧЕВИЌ: Правда ни е насушно потребна, тоа е глас и на граѓаните, на јавноста, но и на сите кои добро ѝ мислат на земјата. Најавите дека ќе има проширувања на листата ги разбирам како аларм дека судско-обвинителскиот систем мора итно да се ресетира. Се надевам дека ова ќе го охрабри судскиот систем. Државните органи и институции треба сериозно да работат за тој организам на правдата да застане на здрави нозе. Никој не може да биде над законот.

ФОКУС: И Вие бевте дел од Шарената револуција, чиј лозунг беше – нема правда нема мир, а видовме трговија со правдата за наводни повисоки цели и заднински дилови од лукративен карактер. Сметате ли дека ги изневеривте граѓаните?

ЗЕЧЕВИЌ: Шарената револуција е светол пример за протестното движење на обединети слободумни граѓани, која сметам дека ги даде своите резултати. Земјата која беше заробена од еден погрешен систем е на некој начин вратена во рацете на народот. Шарената заврши дел од целите што ги бараа граѓаните, а тоа беше враќање на слободата и демократијата и казни за оние кои го имаа прекршено законот.

Имам разбирање дека дел од целите не се во целост реализирани и тука го разбирам тој негативен одиум кај дел од луѓето со кои заедно чекоревме.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости