Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ-Вардарски, за најновиот број на неделникот „Фокус“ го дава првото интервју откако беше избран за прв партиски оперативец. Меѓу другото, тој во интервјуто говори и за изборите што треба да се одржат следната година. Според него, нема причина зошто да се спојуваат претседателските и парламентарните избори.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Останувате ли на ставот прво да има претседателски, па парламентарни избори, иако законските рокови предвидуваат расчекор од само 2 месеца? Нели е пологично и од финансиски и од практични причини да се спојат изборите во еден термин?
ЗЕЧЕВИЌ: Јасно се издвоени изборите едни од други и има зошто се така одвоени. Не гледам причина зошто да ги спојуваме. Зошто волјата на граѓаните да ја калкулираме со продолжување или скратување мандати? Едноставно е, ајде да го почитуваме Уставот и Законите, без притоа да правиме политички толкувања.
ФОКУС: Дали вашата стратегија за одвоени избори се базира на фактот што произлегува од јавно објавените анкети, кои покажуваат дека СДСМ има понизок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ? Дали вашата цел е со помош на поголемиот коалициски потенцијал да се обидете да победите на претседателските избори и на тој начин да ја свртите ситуацијата на парламентарните избори потоа?
ЗЕЧЕВИЌ: Нема некоја посебна тајна. Секако дека секоја партија си гради своја стратегија. Ние постојано работиме на внатрешниот капацитет, но и на надворешниот – коалицискиот капацитет. Ние сме искрени со нашите коалициски партнери и тој надворешен коалициски капацитет не ни е подарок, не ни е паднат од небо, ние го градиме континуирано, посветено и чесно.
Ги следиме рејтинзите, секако, ги имаме предвид и околностите, период на посткризи, Ковид и енергетска криза, донесените тешки одлуки и слично. Но, на крајот изборите се главната анкета. Многу фактори денеска имаат едно влијание, но ако се во интерес на државата, потоа имаат позитивно влијание. Не е ова бајка во која сакам некој да верува, ова е реалност.
На пример, анкети со големи предности на ДПМНЕ гледавме и порано, и пред локалните избори во Маврово Ростуше, или на пример во 2020 година. Најтешките и државотворни одлуки во целиот овој период ги носи СДСМ и тоа на сите им е јасно. Но, тоа е затоа што ние не калкулираме со иднината на Македонија и убеден сум дека таквиот пристап граѓаните го ценат и соодветно ќе го вреднуваат кога ќе дојде време за тоа.
ФОКУС: Дали почнати се одредени внатрепартиски дискусии и консултации околу кандидатот со кој ќе настапите на претседателските избори?
ЗЕЧЕВИЌ: Претседателската функција е врвот на државната пирамида. Таа фигура треба да е со исклучителна морално-политичка вертикала во себе, со визија и одважност да ги претставува вредностите на македонската Република. СДСМ ќе го избере најдобриот, победничкиот кандидат за претседателските избори, преку соодветна процедура. Секако дека ќе следуваат и консултации со нашите коалициски партнери.
Уште од сега можам да најавам дека две работи се сигурни: прво, кандидатот на СДСМ ќе биде следниот претседател на државата; и второ, Македонија ќе има мирно море уште пет години, цврсто држејќи го кормилото на напредокот и државниот успех.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.