(ИНТЕРВЈУ) Велковска: Сите зборуваат за заштита на животната средина, а штом стапат на функција се нејзини главни џелати

by fokus

Носителката на независната советничка листа на Зелен хуман град (ЗХГ) за Град Скопје, Драгана Велковска во интервју за „Фокус“ го објаснува нивниот пристап во изборната кампања. Вели дека најважната порака што сакаат да им ја пренесат на скопјани е дека е редно време со заеднички сили да си го вратат Скопје.

Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

ФОКУС: Која ПР/маркетинг агенција ја води вашата кампања? Доколку немате ангажирано агенција, на кој начин ја водите кампањата?

Велковска: Кампањата ја водат нашите активисти заедно со докажана филмска екипа. Тоа е причината што во нашите продукти се видливи енормниот ентузијазам и одлучноста за промени. ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД одлучи да води доминантно позитивна кампања. Секако, во одредени ситуации сме принудени јавно да критикуваме лоши политики или да демантираме манипулации, но, гледаме да се држиме до презентирање на нашите решенија за враќање на Скопје под контрола на скопјани. Нашето знаење и нашето искуство се должат на фактот што долги години сме институции во сенка.

ФОКУС: Преку кои комуникациски алатки ги пренесувате вашите пораки до граѓаните?

Велковска: Најприсутни сме на социјалните мрежи, но ги користиме и традиционалните медиуми. Секако, за нас незаменливо е директното двонасочно комуницирање со граѓаните. Во текот на кампањата организираме чести маалски средби. Многу важна алатка се и нашите агори кои се јавни форуми каде што секој заинтересиран граѓанин може да се вклучи во тематската дискусија со свои ставови. Платформата МојГрад која ја лансиравме во мај годинава е уште еден наш механизам за директна демократија преку кој одржуваме константна двонасочна комуникација со граѓаните.

ФОКУС: Кои се главните пораки кои сакате да ги пренесете преку кампањата?

Велковска: Најважната порака што сакаме да ја пренесеме на скопјани е дека е редно време со заеднички сили да си го вратиме Скопје! А тоа ќе се случи само кога нашите сограѓани со својот глас на претстојните локални избори ќе придонесат способни луѓе да застанат на чело на градот и да обезбедат најпрво отворени канали за комуникација со граѓаните, а потоа заедно со нив да го обликуваат начинот на кој ќе се трошат заедничките пари. Ефективна вклученост на граѓаните во управувањето со градот е еден од стожерите на ЗХГ. Таа отвореност единствено може да доведе до редуцирање на социјалната раслоеност и оптимални прогресивни решенија за отпадот, јавниот превоз, паметно управување со природните ресурси и хуман третман на животните.

ФОКУС: Како ги оценувате кампањите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ?

Велковска: Кампањите на дпмне и сдсм се веќе видени евтини обиди за доведување во заблуда на гласачите. Навистина не знам со кое лице дпмне бара доверба кога единаесетте години на власт ги искористија за акумулација на моќ и држење на сите нас во заложништво. Кое потценување на интелигенцијата и дрска манипулација е градоначалникот во заминување од сдсм да мести ланец на велосипед во видео со партиска пропаганда, додека во реалноста е четири години нарачател на доминантно автоцентрични политики кој никогаш не се зафатил темелно и суштински со развојот на Скопје Велоград. Активисти и активистички групи во континуитет јавно го критикуваат за неговите импровизаторски решенија наменети само за фотографирање и промоција демек се работи нешто. 

ФОКУС: Имаат ли независните листи како Вашата. поддршка кај граѓаните?

Велковска: Во кампања сите зборуваат за заштита на животната средина, а штом стапат на функција се нејзини главни џелати. Токму затоа, партиите, а особено дпмне и сдсм, се на својот залез во Македонија – факт што го покажуваат резултатите од анкетите од кои јасно се гледа дека поддршката за партиите е досега најниска во историјата на независна Македонија и продолжува да опаѓа. Истовремено, експоненцијално расте процентот на поддржувачи на независните листи со тоа што ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД има најголема поддршка во Скопје. Поддршката за ЗХГ е толку голема бидејќи на нашата листа има долгогодишни активисти, најголем дел од нив волонтери, кои во изминатите години покажале дека стојат принципиелно на своите заложби и дека ниту може да бидат купени, ниту може да бидат притиснати да отстапат.

Поврзани новости