Во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, универзитетската професорка Билјана Ванковска, која на претстојните избори е кандидатка за претседател поддржана од Левица, вели дека работите доаѓаат до степен во кој не може, како што вели, да си го дозволи луксузот да биде салонски интелектуалец кој само ќе критикува отстрана или ќе навива за левата идеологија. Ванковска вели дека сите нејзини противкандидати се „варијации на иста тема“ и сите се претставници на една иста политичка, идеолошка, социо-економска парадигма, која накусо гласи „немаме друга алтернатива“. Таа оценува дека резултатот од Рамковниот договор е поделена и заробена држава, а договорите со Грција и Бугарија се асиметрични и колонијални. Со нов граѓански Устав, според неа, ќе се пресече Гордиевиот јазол.
Разговара: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Како дојде и како се случи соработката со Левица, која ја поддржа Вашата кандидатура за претседател на државата?
ВАНКОВСКА: Да потсетам, иако не сум формално член на партијата Левица, јас бев еден од нејзините основачи (т.е. мојот потпис беше еден од оние први 1.000 за регистрација на партијата). Оттогаш не ги кријам симпатиите, но дејствувам како поединец, критички интелектуалец.
Но, работите доаѓаат до степен во кој дури ни јас не можам да си го дозволам луксузот да бидам салонски интелектуалец, кој само ќе критикува отстрана или ќе навива за левата идеологија, време е за дејствување!
Крајно време зошто работите одат во драматично лоша насока, со две партии во македонскиот блок, кои само си ги менуваат местата, но не задираат во политичкиот и во економскиот статус кво.
Поканата од Левица искрено ме изненади, но по кратко размислување, сфатив дека местото ми е во оваа битка (како што се пее во Интернационалата – последен и решавачки бој, а јас би додала – социјализам или варварство).
ФОКУС: Дали повеќе се доживувате и настапувате како кандидат на Левица или како независен кандидат со поддршка од партијата?
ВАНКОВСКА: Не, јас не глумам никаква независност. Особено на избори, сметам дека е лицемерно да се глуми независност, а да се настапува заедно со партиски лидер или и целосна поддршка. Напротив, зборувам за јасна идеолошка хармонија и синергија меѓу моето лично „вјерују“ и она за што се бори Левица.
Не сум учествувала во формулирањето на програмските определби на партијата, дефинитивно има некои мали прашања по кои го задржувам сопственото мислење, кое малку се разликува и од партиското, но заедно сме по суштинските принципи: борба против олигархијата, неолиберализмот и неоколонијализмот на кои сме подложени како македонски народ и држава, став против етничката сегрегација и владеењето на етнополитички картел, силен отпор на секој вид милитаризација, а битка за социјална правда, позитивен мир и човечка еманципација, како и меѓународна солидарност и соработка со сите напредни сили.
ФОКУС: Какво е Вашето мислење за актуелниот претседател Стево Пендаровски, односно дали сметате дека тој бил добар или лош претседател, и зошто?
ВАНКОВСКА: Не би сакала да се изјаснувам само против еден од моите противкандидати. Мислам дека сега кога сите седуммина стоиме на исто рамниште, треба да примениме ист критички аршин кон она што го нудат. За актуелниот претседател, всушност, можам да го кажам она што сум го кажувала за речиси сите бивши носители на оваа функција: бледи, послушни, без проактивност и лидерски капацитет. Затоа сме тука каде што сме.
ФОКУС: Какво е вашето мислење за останатите претседателски кандидати и кој од нив го сметате за најсериозен противник?
ВАНКОВСКА: За жал, кампањата веќе изминува, а ние немавме можност да се претставиме пред јавноста сите одеднаш и на едно место. Медиумското претставување претставува спектакл, создава повеќе шум отколку јасна претстава кој за што се залага. Сепак, очекувам моите противкандидати да соберат храброст и да прифатат барем два ТВ дуели.
Јас кон секој од нив се однесувам исто, односно имам ист став: сите се тие претставници на една иста политичка, идеолошка, социо-економска парадигма, која накусо гласи „немаме друга алтернатива“ (освен капитализам, НАТО-изација, одење кон ЕУ со брзи или „одложени“ чекори, јакнење на меѓународниот протекторат преку т.н. реформски процеси), што е всушност друго име за интервенционизмот и т.н. стејтбилдинг на кој сме подложени повеќе од четврт век).
Мојата позиција е апсолутно различна под речиси сите основи: од начинот на сфаќање на суверенитетот и патриотизмот, до односот кон „стратешките сојузници“ и визијата за Македонија во мултиполарниот свет.
Што се однесува до тоа кој е најсериозен противкандидат, за жал медиумската и политичката кампања веќе издвоија двајца т.н. фаворити, а сите останати ги сметаат за непотребен товар. Понекогаш мислам дека некои медиуми повеќе би сакале на „Лото“ да извлечат свој фаворит (со мамење, се разбира). Тоа е главната одлика на оваа кампања во која сме божем еднакви.
ФОКУС: Дали очекувате да влезете во втор круг и ако е така – со кого?
ВАНКОВСКА: Сметам дека е недостоинствено да се бориш само за да учествуваш. Кај мене има натпреварувачки дух, јас кога се борам за нешто, се давам целосно и се трудам да оставам силен впечаток. Воопшто не калкулирам кој ќе ми биде од другата страна во евентуален втор круг: мене ми се сите исти! Тие идеолошки не се разликуваат во суштината на нештата, а јас имам што да понудам како нова парадигма и политика.
ФОКУС: На кои постулати се темели Вашата изборна програма и каков претседател ќе бидете доколку ја добиете довербата од граѓаните?
ВАНКОВСКА: Нека звучи и популистички (впрочем, јас немам проблем со таквите етикети), но јас би сакала да бидам народен претседател, човек од народот за народот. Фактот дека зад себе немам ама баш никаква политичка функција, го сметам за предност (и доказ за интегритет и чистота во политичкиот валкан ринг), а не недостаток.
Другите кандидати се „варијации на иста тема“, јас и Левица нудиме борба за нешто ново, односно напуштање на веќе утабаните патеки што не водат никаде. Постулатите на мојата програма се левичарски: антиимперијализам, антимилитаризам, против социјална, класна и друга дискриминација и експлоатација.
Македонија мора да биде наша, суверена, нефедерализирана, македонскиот народ не смее да биде потстанар во својот дом, кој го правуваат или однадвор, или однатре по пат на уцени и диктатура на едно малцинство. Нам ни треба социјално и класно обединување, бидејќи најголемиот број граѓани се сиромашни, несреќни, експлоатирани, зависни и застрашени.
ФОКУС: Каков ќе биде Вашиот пристап и какви чекори ќе преземете согласно овластувањата, пред сѐ во надворешната политика и безбедносно-одбранбениот сегмент?
ВАНКОВСКА: Во надворешната политика ќе ја потсетам и новата влада и собрание, ама главно јавноста, дека светот има четири страни, дека во Глобалното мнозинство не спаѓа Западот (кој е малцинство што доминира врз база на неправеден меѓународен систем, милитаризација, закани, експлоатација и е подготвен дури и да нè втурне во трета светска војна).
Сонцето (економскиот и технолошкиот развој, па дури и некои цивилизациски прашања за културната соработка и еколошката заштита на планетата Земја) се раѓа на исток, ама тоа овде мнозина сакаат да го сокријат.
Согласно промените во светот, Македонија треба да се вклучи во дијалог и соработка со сите, држејќи се до своите политички определби (за сопствен политички и уставен систем), а со отвореност кон културна и економска соработка.
Во таквиот свет, не ни треба нова Студена (или жешка) војна, а за мала и сиромашна земја како Македонија, најсоодветна е воената неутралност. Наместо да издвојуваме од својата сиромаштија за војни и за авантурите на НАТО, треба да го штитиме нашиот национален интерес.
ФОКУС: Исто така, претседателот предлага членови на Судски совет како и гувернер на Народна банка, па какви лица ќе предложите за овие функции, кои се однесуваат на два сектори кои се соочуваат со големи предизвици и важат за доста фрагилни?
ВАНКОВСКА: На ова прашање, можам да се обложам, дека ќе добиете исти одговори од сите кандидати: ќе ги предложиме најдобрите, најстручните, најдокажаните и сл. Јас ќе тргнам обратно: најпрво треба да видиме каква правна одговорност носат некои функционери што се најодговорни за состојбата во која се наоѓаме. Обично, проблемите се системски, а не кадровски.
ФОКУС: Од почетните настапи на предизборните настапи и митинзи, една од пораките што преовладува е дека ќе се залагате за укинување на Рамковниот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Кои се вашите аргументи за ваквата позиција?
ВАНКОВСКА: Рамковниот договор (како прводонесен) имаше и најмногу време да се докаже во практиката. Резултатите се поразителни, освен за картелот на олигархии и елити, кои веќе ги зграбија политичките командни позиции, но и бизнисот. Македонија никогаш не била поподелена и позаробена држава.
Другите два се асиметрични и во суштина колонијални договори, кои се однесуваат само на Македонците и на оние што се чувствуваат како Македонци во политичка/граѓанска смисла на зборот.
Ние на овој пат, од 2001 година до денес го загубивме правото на уставен суверенитет, правото на самоопределување (т.е. право да носиме одлуки за себе и својот национален интерес), се пазариме со коските на Гоце Делчев и илинденците, туѓи држави ни се мешаат во културата и ни кажуваат кои сме и што сме.
И притоа, во економскиот дел и натаму нè експлоатираат, благодарение на овие божем наши компрадорски елити (кои работат за својот џеб и за туѓи интереси).
Потребни ли се уште аргументи?
Се натпреваруваме чии домови се поиспразнети од младата популација (македонските, албанските, ромските, српските или влашките) – што зборува дека овде никому не му е дом. Оваа Македонија, простете, е туѓа. Треба да си ја вратиме.
ФОКУС: Што се однесува до Рамковниот договор, тој стана дел од Уставот, а дел од партиите го прогласија за нормативно затворен по последниот закон за употреба на албанскиот јазик, па дали Вашето решение во овој дел е нов граѓански Устав што го најавувате?
ВАНКОВСКА: Сите овие договори и синџири што ни се закачени за нозете се „конституционализирани“ или во фаза на внесување во Уставот (со ефективно или т.н. одложено дејство).
Јас предлагам навидум радикален чекор (сечење на Гордиевиот јазол, кој инаку не може да се расплетка), но, всушност, се повикувам на неотуѓивото право на граѓаните да создадат своја политичка заедница по сопствена мерка (политѕ), да донесат нов Устав кој акцентот ќе го стави токму врз нивната слобода, политичка дејствителност, социјална правда и достоинство (до-стојување на АСНОМ-ските принципи кои ја воспоставија оваа наша македонска држава).
Тука не мислам само на идентитетските прашања, туку и уште повеќе на радикални социјални и економски мерки кои би биле од бенефит за сите граѓани, еднакви пред Уставот и законот без оглед на нивните други разлики и особености.
ФОКУС: Во врска со Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, по првиот земјава стана членка на НАТО, а вториот беше една фаза до т.н. француски предлог, кој ни донесе преговарачка рамка со која ги отворивме преговорите со ЕУ, но сѐ уште не сме ги отвориле преговарачките поглавја поради неисполнување на обврската за уставни измени.
ВАНКОВСКА: Во врска со Преспанскиот договор, кој, ете, конечно и признаваме дека бил заради НАТО, а не ЕУ (како што лажеше власта пред референдумот од 30 септември 2018).
Второ, тој договор беше внесен во Уставот на криминален начин (еврокомесарот Хан тоа го нарече „балкански методи“, ама не му се гадеше од нив зашто им беше од геополитичка полза дури и кога го газиме принципот на владеење на правото) – и тоа не смее ни да се заборави, ниту остави неказнето.
Дали знаете дека поддршката за НАТО опаѓа, односно расте бројот на граѓани кои би гласале за напуштање на Алијансата, која не донесе ни профит, ни развој, ни мир – туку поголема небезбедност, поголеми издатоци и отсуство на инвеститори.
Бугарскиот договор, по неговото слово не водеше кон т.н. француски предлог – прочитајте го. Тој доведе до пазарење со историјата преку државно менторирана и скапо платена т.н. историска комисија. Францускиот предлог дојде како резултат на безрбетниците во македонската влада, а еден од тие луѓе е сега мој противкандидат, кој уште и се фали со тоа.
Да се разбереме, преговори не сме почнале, а тоа веќе го доби една Украина разурната од војна, воено профитерство, колапс на државата. И ние уште наивно треба да веруваме дека работата лежи во ставање на Бугарите во Уставот!?!
ФОКУС: Дали сметате дека членството на Македонија во НАТО носи повеќе позитивни или негативни ефекти за државата во ова време на судир на глобалната сцена, и каков е вашиот став во однос на ЕУ – дали треба да се стремиме да станеме членка на Унијата и по која цена?
ВАНКОВСКА: За НАТО веќе бев јасна – Алијансата има империјална природа, и во Брисел веќе се зборува за глобално НАТО (што би било елиминација на Обединетите нации, т.е. империјален марш на западот и по цена на глобален судир). Тоа не е наша опција, ниту, пак, решение за нашите внатрешни проблеми.
ЕУ треба да ја гледаме со очи ширум отворени. Мојата противкандидатка зборува дека ЕУ е реалност, а јас велам: не, таа е бајка. Реалноста на ЕУ е во нејзината драматична трансформација од сила и зона на мирот, во предвоена зона и цивилна филијала на НАТО.
Она што Брисел (како и да го земете, како седиште на НАТО, ЕУ или канцеларија на САД во Европа) го бара од нас, нема никаква врска со она што нам ни е потребно. Мојата политика ќе биде политика на алтернативи, а не одење по погубниот пат на „месечарење“ и одење кон глобален судир од несогледливи размери и последици.