Во интервјуто за новиот број на неделникот „Фокус“ кој излезе вечерва, претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, меѓудругото, зборува и за неговото учество во владата на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Вели дека ниту тогаш, ниту сега некој може да му наметне свој став и дека секогаш бил принципиелен. Открива и детали од фамозните меници кои пратениците ги потпишувале како гаранција дека нема да го напуштат владејачкото мнозинство.
Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
ФОКУС: Во тоа време имаше уште еден скандал: потпишувањето меници од страна на сите пратеници од владејачкото мнозинство, за во случај да ја напуштат коалицијата. Побара ли некој од Вас да потпишете меница?
ТРАЈАНОВ: Тоа јас прв го отворив како проблем и реков дека е неприфатливо. Сите потпишувавме такви меници на невидено. Се потпишуваш на некаков бланко-договор, меѓу другото, дека некој ќе ни води кампања. Сумата за отштета се движеше од 200 до 600 илјади евра. Па, едно време бараа залог, но се откажаа од тоа. Имаше такви будалштини што ги правеше ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека веќе се откажаа од тие работи.
Важно е дека тоа прв го актуализирав како проблем. Пет минути пред да се направат пратеничките листи, одите се потпишувате дека прифаќате кандидатура. Не само јас, сите пратеници и веднаш потпишувате некоја меница, некој куп. Немате шанса да го прочитате договорот. Или ќе потпишете, или нема да бидете дел од пратеничката листа.
ФОКУС: Успеавте да видите на која сума Вие потпишавте?
ТРАЈАНОВ: Меницата мислам дека беше од 200 до 600 илјади евра, во зависност од тоа каква кампања фирмата ќе ви води. На крај, треба да платите ако го напуштите мнозинството. Но, тоа немаше правна важност. Јас тоа го знаев. Но, кај некои можеби тоа влијаело.
А, порано имаше и други изјави: да потпишеш дека ќе ги застапуваш интересите на ВМРО-ДПМНЕ. Уште полошо беше што такви изјави потпишуваа и судии и обвинители, за да бидат избрани.
ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК