Рускиот парламент усвојува построг закон против „ЛГБТ пропагандата“

by fokus

Руските пратеници во прво читање гласаа за зајакнување на контроверзниот закон за борба против „ЛГБТ пропагандата“.

„На пленарната седница пратениците на Државната дума едногласно во прво читање ги прифатија измените на законската регулатива со која се забранува унапредување на нетрадиционални сексуални односи“, пишува на веб-страницата на парламентот. Има уште две читања пред да се поднесе законот во Горниот дом на парламентот

Законот од 2013 година, со кој се казнува „ЛГБТ пропагандата“ меѓу малолетниците, се предвидува да биде зајакнат со забрана за „негирање на семејните вредности“ и „промоција на нетрадиционална сексуална ориентација“ и кај возрасните. Овие забрани влијаат на „медиумите, интернетот, литературата и киното“, дури и рекламирањето. „Филмовите кои промовираат неконвенционален секс нема да добијат сертификат за дистрибуција“, предупреди Думата.

Текстот исто така забранува „информации што може да предизвикаат желба за промена на полот” кај децата. „Мораме да ги заштитиме нашите граѓани и Русија од деградација и исчезнување, од темнината што ја шират САД и европските земји”, се вели во соопштението на претседателот на Државната Дума, Вјачеслав Володин.

За ваквите прекршувања ќе бидат изречени високи казни, а странците кои ќе го прекршат овој закон може да бидат депортирани.

Во последниве години, Русија постојано ги зајакнува своите конзервативни ставови кон она што Владимир Путин го прикажува како „декаденција“ на западното општество. Конзервативниот пристап е нагласен и по започнувањето на руската офанзива во Украина, претставена од Кремљ како борба против западниот свет, решен, според Москва, да ја ликвидира Русија.

Поврзани новости