(ИНТЕРВЈУ) Тодоров од „Кубус“: Самонаречените банкари се криминалци и треба да одат во затвор

by fokus

Златко Тодоров е сопственик на „Кубус“, кој прв ја откри аферата „Банки“, односно шемата во банкарскиот систем, која, според него, но и, според извештајот на странскиот експерт Драго Кос, функционира со години. Случајот „Еуростандард“ го актуализираше случајот „Банки“ и го сврте вниманието и кон Тодоров, кој со години пред институциите докажува дека Комерцијална банка го втурнала во банкарска криминална шема.

Земал кредити од банката за да им дава заеми на фирми што не ги познавал, дел од парите му враќале трети фирми, а потоа тој останувал должен и на банката, и на фирмите.

Во интервју за „Фокус“ зборува за она низ што поминал во оваа негова борба, за влијанието на претседателот на Управниот одбор на Комерцијална, Хари Костов, и за поврзаноста на бизнисот и политиката.

Разговараше: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

ФОКУС: Според вашите тврдења, но и според извештајот што го изработи Драго Кос, измамите почнале во 2004 година, а Вие сте станале свесни за ова во 2011 година. Која беше првата сомнителна трансакција, за која подоцна сте станале свесни?

ТОДОРОВ: Првата ваква трансакција е кога на сметката на „Кубус“ стигнале пари од Инвест банка денешна Шпаркасе банка. Јас имам една фирма и една сметка во една банка. Парите биле дојдени без да бараме, без никакво сознание. Се јави директорот од Дирекцијата за кредитирање на Комерцијална банка, Саша Твртковиќ и кажа дека ќе стасаат пари, но дека тој го има вирманот за обезбедување и дека ќе ги префрли парите, а потоа ќе се затвори со банката.

Јас реков немам ништо против, ако е тоа во согласност со законите. Бидејќи се пари што одат на трансакциска, немаме ништо под маса, во ред, нека си го тераат своето. Парите стигаат како кредит одобрен на фирмата „МЗТ Хепос пумпи“.

Одобрениот кредит на „Хепос“ стига на сметката на „Кубус“ на Комерцијална банка. Тие пари во истиот ден, користејќи го вирманот за обезбедување што служи како обезбедување ако не го плаќаме кредитот, нели кој е бланко потпишан, одат во фирмата „Макпромет“ Штип. Ги вади лицето Кирчо Иванов и оди го купува „Годел комбинатот“ како физичко лице.

ФОКУС: Што значи ова за нашето општество?

ТОДОРОВ: Нашето општество е зависно и окупирано од неколкумина луѓе што ја спроведуваат стратегијата. Но, доаѓа време кога ова треба да се обзнани, затоа што ние си ја изгубивме државата. Промената на името е многу болна работа, но излегува дека е дел од некоја стратегија што ја зацртале неколкумина и сосема логична последица кога ја гледате оваа активност на паралелниот систем.

Излегува дека ние ја имаме внатрешно изгубено државата. Имаме сопственици на државата и поради тоа кај нас владее клептократијата. За ова знае и претседателот, ама ништо не презеде, нула. Јас најодговорно тврдам, со документацијата што постои, дека самонаречените банкари се криминалци и треба да одат в затвор, треба да ги вратат парите што ги имаат украдено од семејствата на работниците низ сите стечаи на големите, а и на малите фирми што им се нашле на патот.

 ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости