(ИНТЕРВЈУ) Таравари: Ахмети не е непобедлив, не можев да ги седнам на иста маса Гаши и Касами!

„Јас сум среќен тоа што го кажувавме за ДУИ долго време и сега го кажуваме, веќе го кажуваат повеќе партии. Дека се канцер на општеството, дека се метастазирани во сите институции, дека цела држава е под окупација на луѓе од ДУИ. АА е создадена како антипод на ДУИ, ние сме од поранешна ДПА и традиционално бевме опозиција и партија што треба да ја замени ДУИ“.

by Фокус

Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ открива дека одлучиле да влезат во владата откако не успеале неколку обиди да формирање на ново мнозинство, вклучувајќи ја и операцијата што пропадна поради Кастриот Реџепи, кој, вели Таравари, претходно бил иницијаторот за собирање на потписите. Кога влегувале во владата, тој тврди дека и понудиле на Алтернатива да го поделат колачот, па дури и да направат фузија во една партија. Според него, времето ги потврдило нивните ставови кон ДУИ.

Јас сум среќен тоа што го кажувавме долго време и сега го кажуваме, веќе го кажуваат повеќе партии, и тоа ме радува. Дека се канцер на општеството, дека се метастазирани во сите институции, дека цела држава е под окупација на луѓе од ДУИ. АА е создадена како антипод на ДУИ, ние сме од поранешна ДПА и традиционално бевме опозиција и партија што треба да ја замени ДУИ – вели Таравари.

ФОКУС: Зошто тогаш одлучивте да ѝ фрлите гума за спасување?
ТАРАВАРИ? Ние немавме еден обид, туку неколку обиди за ново мнозинство по 2020 година. Едниот обид е регистриран на 5 ноември 2021 година, но имало и други обиди, разговори дали може да се дојде до потребната бројка, без Левица, со некои партии што беа дел од власта. И не се успеа до 5 ноември кога успеавме да собереме 61 потпис, иако начелно требаше друга комбинација да биде. Но, во последен момент испадна двајца пратеници да не се потпишат.

ФОКУС: За кои пратеници станува збор?
ТАРАВАРИ: Не би ги кажал сега, понатаму ќе ги кажеме, сега сме пред избори, ќе биде како да влијаам врз нешто. Без разлика, не успеавме, односно еден од пратениците беше самоизолиран и самокиднапиран, не знам како точно да кажам зашто не знам што се случи, иако истиот тој беше главниот иницијатор за да почнеме да ги собираме потписите. Чудна земја сме ние.

Така, останавме 60-60 и истиот ден 4 пратеници на Алтернатива отидоа во СДСМ, па ние останавме во опозиција и продолживме со опозиционерство најдобро можно. И се случи војната во Украина и изборите за Советот во Тетово. Таму ние бевме единствена опозициска партија, сите албански партии беа локална или централна власт. И добивме порака со 777 гласови. Тоа е невозможна работа, не знам како може да се случи.

ФОКУС: Како тоа се случи? Што ви покажаа анализите?
ТАРАВАРИ: Беше 20 август, крај на одморите. Имаше незаинтересираност на населението, бидејќи не се гласа за градоначалник, туку само за совет. Секогаш на изборите има 2 пола, па овде беше ДУИ со Беса, која веќе имаше градоначалник.

ФОКУС: Дали тоа значи дека направивте лоша проценка што не соработувавте со Беса?
ТАРАВАРИ: Имаше обиди да излеземе во заедничка листа со Беса, но ете не успеа тоа. Ние во 2021 година безрезервно ја поддржавме Беса како опозициска партија. Да не е ДУИ, го поддржавме Биљал Касами, но добивме низок удар. Касами ги атакуваше и ги земаше нашите активисти, ги вработуваше пред да ги вработи тие на Беса, и почна да нѐ амортизира. Не направивме коалиција со нив, па потоа дојде оставката на Зијадин Села. АА успеа да направи транзиција на лидершипот, и тоа релативно успешно.

Нормално ни требаше да почнеме од почеток, да се поправиме каде се послаби. Се случија превирања во ДУИ, имавме понуда… Тајни преговори немаше, имаше понуда од премиерот Димитар Ковачевски, но да бидам искрен до крај, имало разговори и со ДУИ. Имавме разговори и со повеќе амбасади, средби со политички партии во Албанија и Косово.

ФОКУС: Дали можеби проценивте дека ДУИ е непобедлива на чело со Ахмети, па решивте да му се придружите?
ТАРАВАРИ: Не, Али Ахмети е апсолутно победлив. Албанците од 2011 година досега секогаш давале повеќе гласови на албанската опозиција, отколку на ДУИ. Но, дефектот бил во тоа што албанската опозиција не успеа да се обедини.

ФОКУС: Гледате ли тука вина и кај себе, бидејќи и вие соработувавте и со Беса и со Алтернатива во различни периоди, но никогаш не ги обединивте?
ТАРАВАРИ: Во 2016 година, кога бев секретар на АА, бевме ние и Беса. Имаше уште 2 помали партии, успеавме сите да ги земеме, но не и Беса. Се случи Беса да има 5, ние 3 пратеници, а ДУИ имаше 10. Да бевме заедно, сигурно ќе имавме повеќе пратеници од ДУИ, со гласови кумулативно имавме повеќе заедно отколку ДУИ. Во 2020 година, повторно јас преговарав и со Алтернатива и со Беса да одиме сите заедно. Но, пак не успеавме.

ФОКУС: Каде бил проблемот, зашто сега гледаме двете партии си подадоа рака?
ТАРАВАРИ: Несфатливо ми беше како не можев да ги седнам на иста маса. Имаше разговори во ресторан во Скопје, едни беа на една маса, други на друга маса, јас трчав од една на друга маса, за да се убедиме да направиме коалиција. А во моментот кога ние влегуваме во владата, по еден месец дека тие седнуваат заедно, а нашите обиди беа неколку години?!

Со Алтернатива бевме коалиција, но јас кога јавно излегов и кажав пред вториот круг на локалните избори во Тетово дека ќе го поддржиме Касами добив 20 пораки од Алтернатива дека може да се скрши нашата коалиција. Никогаш дотогаш не сме разговарале дека може да се одделиме. Сѐ уште ми е мистерија и нејасно како откако ние влеговме во влада, тие направија опозициски фронт.

Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости