Изградба на наутичка инфраструктура, отворање за ноќно пловење по Охридското и другите гранични езера, пловидба по езерата без граници, измена на законска регулатива за олеснување при увоз на едрилици и пропратна опрема за истите, субвенционирање на трошоците при привремен извоз на спортските едрилици… Ова се дел од барањата на Едриличарската федерација во насока на популаризација на едрењето во нашата држава.
Разговарал: Дејан АЗЕСКИ
ФОКУС: Лично сте присутен во водни спортови близу половина век и не се откажувате и ден денес. Од каде толкав ентузијазам и дали е поврзано со условите кои ги дава Охридското езеро?
СТАВРЕВ: Да, од 1980 година, кога првпат имав контакт на Градското пристаниште со едрилиците и луѓето инволвирани во едрењето во тој момент и таа поврзаност со езерото трае и ден денес, не се намалува, константно се зголемува. Охридското езеро е нашиот најголем природен, но за жал неискористен спортски терен, идеален за развој на водните спортови, со можност за организација на Балкански, Европски но во блиска иднина и на Светски првенства, но мора да се подобри наутичката инфраструктура.

ФОКУС: Деновиве Македонија е сведок на веројатно најголемиот подвиг на македонското едрење. Стружанецот Ердал Лушо е на пат да го преполови Атлантикот. Кажете ми нешто повеќе за овој несекојдневен настан?
СТАВРЕВ: Во моментов Ердал плови од Португалија за Канарските острови, прва етапа од 660 наутички милји од престижната Setka Atlantic Chalenge за препловување на Атлантикот. Втората етапа е од Канарските острови до целната линија лоцирана меѓу островите Мартиник и Света Елена на Карибите.Тоа е класа на едрилица од само 5м должина, изработена од водоотпорна шперплоча, зајакната со епоксидни платна и смоли. Има 5 сета на едра, кои се користат во различни временски услови. Секој натпреварувач мора да ја изработи сам според зададен проект и потоа да изедри пробни 400 наутички милји. Само 8 едриличари успеаја да ги поминат квалификациите и ќе пробаат да го препловат Атлантикот.
Во оваа трка не е битно да си прв, најбитно е да го препловиш Атлантикот, кој ти приредува неверојатни изненадувања. Тоа е борба со природата, со брановите, со ветарот, борба со самиот себе и на крај борба со останатите едриличари. На моменти најблизок човек околу тебе се космонаутите од Меѓународната Вселенска Станица. На првата етапа треба да се биде претпазлив заради нападите на едрилици од страна на Орка китовите, кои во последните неколку месеци се во пораст. Безбедносните и навигациските одлуки се на самиот едриличар, без помош од страна, нема модерни навигациски системи. Познавајќи го лично Ердал, од моментите кога едреше во класата Оптимист (класа на едрилица за деца до 15 години), па во другите класи и ова што е денес, длабоко сум убеден во неговиот успех! Му посакувам многу среќа и поволен ветар за неговата едрилица Пиксел, да биде првиот Македонски едриличар што го препловил Атлантикот во толку мала едрилица.
ФОКУС: Последните неколку години едрењето рапидно се популаризира. Неодамна се одржа национално првенство на Македонија во класа крузери во кое зедоа учество дури 15 едрилици. На што се должи овој развој?
СТАВРЕВ: Развојот на едрењето во Македонија бележи подеми но и падови, но во последните 10 години бележи нагорна линија. Целта на Федерацијата но и на самите клубови членки е да овој Олимписки и пред се еколошки спорт е да си го најде своето место на мапата на спортовите во Македонија. Во едрењето нема старосна граница, се едри од 7-77 години, во различни класи на едрилици. Си остарел кога ќе престанеш да едриш. Во системот на натпревари на Едриличарска федерација на Македонија, во нејзиниот годишен календар, е и првенството за крузери (едрилици со екипаж од повеќе членови). Учествуваа 15 крузери, со околу 150 македонски едриличари и скипери. Секоја година ова првенство се одржува на различно место (Грција, Турција, Хрватска…). Целта е да се зголеми бројот на македонски едриличари и скипери од возрасните групи, како од машки така и од женски пол.

ФОКУС: Како актуелен претседател на едриличарската федерација кои се вашите совети и барања до надлежните институции за дополнително популаризирање на овој спорт?
СТАВРЕВ: Изградба на наутичка инфраструктура, отворање за ноќно пловење по Охридското и другите гранични езера, пловидба по езерата без граници, измена на законска регулатива за олеснување при увоз на едрилици и опрема за истите, субвенционирање на трошоците при привремен извоз на спортските едрилици, за настап во странство, како на репрезентацијата, така и на клубовите. Исто така и поголема соработка со релевантните институции, се со цел запознавањето со олимпискиот спорт едрење и негов развој.
ФОКУС: Каква е состојбата во помалите категории едрилици кои се воедно и олимписки категории. Дали Македонија има шанси да создаде врвни и конкурентни спортисти на една од следните олимпијади?
СТАВРЕВ: После пауза од 12 години, пред 2 години настапивме на Светско првенство во класата ИЛКА 4 во Волос Грција, како и на Европско првенство во класата Оптимист во Солун, Грција. Минатата година настапивме на Европско првенство во ИЛКА 4 класата, во Изола, Словенија. Оваа година имавме настап на Европско првенство во класата ИЛКА 4 во Пуцк, Полска, како и на Светското првенство во Порторож, Словенија, во класата Оптимист, но настапивме и на Балканскиот шампионат во едрење, Во Несебар, Бугарија, во класите Оптимист, ИЛКА 4 и ИЛКА 6.
За да создадеме врвни и конкурентни спортисти за една од следните Олимпијади, потребно е покрај тренинзите на море со соодветен кадар (кој за жал го немаме во Македонија, а на ФФК нема ни катедра за едрење), набавка на нова опрема и едрилици, поволности при увозот, што значи оваа опрема при увозот да не се смета КАКО ЛУКСУЗ. Исто така при секој настап надвор од Македонија, за опремата која ја носиме ние сме приморани да вадиме АТА карнети за привремен извоз на спортските едрилици, а сето тоа чини пари (за разлика од другите спортови во кои опремата се става во една торбица и се патува). Се се врти околу парите и помошта во финансирањето на овој спорт од надлежните институции, МОК и спонзорите. Еднаш за секогаш мора да се сфати дека многу побрзо Македонија ќе оди на Олимпијада во индивидуалните спортови отколку во екипните, таков е случајот и со едрењето.
ФОКУС: Какви се трендовите во светското едрење? Дали е тоа навистина спорт на иднината кој најбрзо се популаризира?
СТАВРЕВ: Светското едрење е институција во институција, се развива многу брзо, се воведуваат многу нови класи, дел меѓународни, дел Олимписки. Од година во година, постојано се зголемува бројот на нови едриличари од сите возрасти.
ФОКУС: Сепак тешката ситуација во светот ограничува одредени пловни рути и плус ограничува спортисти на одредени држави да ги покажат своите квалитети на меѓународните натпреварувања. Дали за спортистите треба да има граници или тие како и секогаш во историјата би требало да се издвоени од политиката?
СТАВРЕВ: Никако! за спортистите не смее да има граници, ниту политика да влијае врз спортот, но за жал сме сведоци на такви примери во светот.
ФОКУС: Покрај со едрењето, вие сте еден од возобновувачите и на професионалното веслање во Охрид преку веслачкиот клуб Горица Ремо. Како дојде до тоа?
СТАВРЕВ: Преку мои лични контакти, со пријатели од Швајцарија. Едноставно ми беше многу жал што еден од најстарите охридски клубови од водните спортови, згасна заради бирократски процедури и без разбирање за потребите на спортистите/веслачите од Веслачкиот клуб Југ. Се пружи шанса и со помош на SEE CLUB BIEL, но и Општина Охрид, се доби опрема (скифови, дубли, четверци и ергометри) и повторно веслањето се врати на голема врата во Охрид преку веслачкиот клуб Горица Ремо. Се започна со организација на регати, но и настап на регати во Македонија и странство, организација на државни првенства во ергометар-машини за веслање на суво, кога не дозволуваат временските услови да се весла во вода.

ФОКУС: Сопственик сте и на еден од најатрактивните кампови за трајлер возила во Македонија. Познато е дека токму во овој дел од туризмот имаме најслаба инфраструктура во земјава што е штета бидејќи сме на рутата на многу камперски возила кои поминуваат но не застануваат во Македонија. Како тоа да се промени?
СТАВРЕВ: Да, тоа е кампер-стоп, не автокамп. Тоа е тренд кој многу брзо се развива во светски рамки, мора да се развива и кај нас, да се постават регулативи, низ цела Македонија да се отворат кампер-стопови, каде што туристите со нивните возила, ќе можат да се одморат, да ги посетат локалните знаменитости и да ги пробаат локалните специјалитети. Секако и да се знае каде можат да застануваат, да ноќеваат, да фрлат ѓубре и да ги испразнат хемиските тоалети и техничката вода. Не може тоа да биде нив кај што ќе им текне или на јавните паркинзи. На светско ниво е тоа многу добро регулирано, не може во центар на градот да се оди со камп возило, затоа постојат камперстопови. Секој си носи на задниот дел од возилото велосипеди, мали скутери или евентуално влечка и приколка со помало возило со кое ќе може да оди во блискиот град.
Ги поканувам сите заинтересирани да дојдат, на едрилица да поедрат, на скиф, дубл или четверец да повеслаат или да дојдат со кампер возило во кампер стоп Дивоно, да поуживаат во релаксирана атмосфера и незаборавни зајдисонца. Секако тука е и манифестацијата Фестивал на водените спортови(Ohrid water festival), која е своевиден промотор на сите водени спортови на Охридското езеро и се оддржува последните 10 дена од месец Август и задолжително да се посети.