Разговараше: Ирена МУЛАЧКА
ФОКУС: До последен момент за кандидат на градоначалник на општина Карпош се вртеа некои други имиња. Како се пресече вие да бидете кандидатот на престојните локални избори и да му се спротиставите на Стевчо Јакимовски?
БОГОЕВ: Во изминатиот период СДСМ го испитуваше јавното мислење и по серија на анкети, се издвои моето име како соодветен кандидат за градоначалник на Карпош. По повеќе консултации, раководството на партијата и претседателот Зоран Заев ме номинираа за кандидат. Довербата од централата, од матичната Општинска организација на социјалдемократите во Карпош, но и од моите карпошани со кои што секојдневно се гледаме, е огромна. Таа поддршка ми дава дополнителна сила и мотивација, но и голема одговорност за реализација на Програмата за живот во Карпош.Инаку, на Јакимовски не му се се спротивставувам само јас или СДСМ и коалицијата. Туку, му се спротивставуваат огромниот дел на карпошани, затоа што тие најдобро знаат кој од зелените оази во Карпош направи бетонски монструми; кој си даде за право самоволно да ја краде здравата животна средина за сегашните и идни генерации; кој во шверцерски манир носеше урбанистички планови на полноќ… На едната страна е тој и урбаната мафија, на другата – цел слободоумен Карпош; на едната страна е тој и узурпаторите на секоја слободна педа зеленило, на другата е достоинствениот живот во Карпош.
ФОКУС: Вие сте пратеник во Собранието. Зошто одлучивте да ја жртвувате пратеничката функција за да влезете во градоначалничка трка?
БОГОЕВ: Пратеничката функција носи сериозна одговорност, а во изминатиот период граѓаните имаа шанса да ја следат мојата работа во Собранието на Република Македонија. Бев пратеник во два мандати и убеден сум дека во вистинската насока ги застапував интересите на граѓаните, особено на младите луѓе, поднесувајќи иницијатива за укинување на екстерното тестирање, кое што веќе е укинато, како и подобрувањето на условите во студентските домови и намалување на невработеноста кај младите и, воопшто, подобрување на перспективите на младите. Имајќи го ова драгоцено искуство од законодавниот дом, знам дека мојот капацитет и знаење можам да ги искористам за подобрување на состојбите во Карпош, општината во која што сум роден јас, моите родители и најголемиот број од моите пријатели.
ФОКУС: Но, нели пратеничкото столче е поудобно?
БОГОЕВ: Токму затоа што пратеничката функцијата е поудобна и покомотна, а тие што ме знаат велат дека мојот темперамент не се врзува за столче, се решив за овој предизвик, активно и посветено да работам и да придонесам за враќање на стариот сјај и градење на современ Карпош, следејќи ги светските трендови на локалните заедници. И секако дека Карпош ќе се развива и понатаму, но не да се полни контото на урбаната мафија, а за сметка на граѓаните, туку ќе се развина рамномерно во сите урбани заедници. Карпош треба да биде заеднички дом за сите што живеат во него, а не попатна станица за профитерите!
ЈАКИМОВСКИ ГО ИСКОРИСТИ СВОЕТО ПОЛИТИЧКО ИСКУСТВО ДА СЕ ПАЗАРИ СО ГРУЕВСКИ И МИЈАЛКОВ
ФОКУС: Како гледате на вашиот противкандидат Стевчо Јакимовски, со оглед на тоа што тој е поискусен и постар политичар од вас?
БОГОЕВ: Без премногу да трошам зборови: на мојот противкандидат гледам како на политичар чија што кариера во Карпош завршува на 15-ти октомври. Јакимовски е главниот виновник и олицетворение на уништувањето на зеленилото во Карпош, за царувањето на урбаната мафија и бетонското лудило кое што се случува во нашата општина. Тој своето политичко исксуство не го искористи за да придонесе за подобрување на состојбите во Карпош, туку за да се пазари со Груевски и Мијалков – за личен интерес и профит, за денеска да биде една од главните маскоти на нивните митинзи. Јакимовски е минато, со граѓаните на Карпош вртиме нова страница.
ФОКУС: Последните две недели редовно сте на терен. Што се случува и со какви проблеми се соочуваат жителите на општина Карпош?БОГОЕВ: Одржуваме секојдевни средби со различни групи на граѓани, одиме од врата до врата, присутни сме по маалските паркчиња, по пазарите, се среќаваме и со стопанствениците. Главните поенти на граѓаните се дека се револтирани од уништените паркови и зелени површини во Карпош, од носењето на Деталните урбанистички планови во нетранспарентна постапка, за време на Бадник или годишни одмори. Еден од проблемите е и урбанистичкото планирање во општината, како и основната инфраструктура, како што се водоводната и канализациската мрежа. Иако Карпош е во срцето на Скопје, во најурбаниот дел, граѓаните се соочуват со елементарни проблеми кои спаѓаат во тековни обврски на општината и работењето на градоначалникот. Алармантна е и загаденоста на воздухот, граѓаните се трујат во арсен и зголемено ниво на ПМ10 честички. На ова мора да му ставиме крај.
ФОКУС: Што според вас направил Јакимовски за општината, а што уништил со оглед на тоа што беше обвинуван дека сака да го уништи зеленилото, гради згради на секој чекор и дека таму владее урбаната мафија?
БОГОЕВ: Граѓаните најлесно ќе одговарат што направил Јакимовски за Карпош. По секојдневните средби со нив, сè повеќе се уверувам дека сè што било направено во изминатиот период е обична шминка, фасада. Таа фасадерска политика на Јакимовски придонесе граѓаните од Злокуќани, од Нерези, од Бардовци, целосно да бидат отсечени од урбаното јадро. Наместо воведување на современи трендови во локалните политики, тој нив ги первертира во евтини популистички трикови: наместо рамномерен развој на општината, тој ги уништи најурбаните зедници за лукративна цена на станбениот квадрат; наместо вистински развој на инфраструктурата, тој крпи дупки и мачка асфалт и бекатони и со тоа се чука в гради како врвно градоначалничко достигнување. Едноставно кажано, тоа ви е како да ставите фластер на скршеница. Тие трикчиња во Карпош веќе не поминуваат. Граѓаните бараат системски пристап во решавање на проблемите.
ФОКУС: Општината е задолжена, а вработените се незадоволни. Јакимовски исто така беше обвинуван за криминални активности. Дали вие имате нешто откриено во врска со неговата работа?
БОГОЕВ: И граѓаните на Карпош коментираат дека Јакимовски со сите нив е комшија! Не поради блискиот однос со граѓаните, туку велат дека затоа што имал стан во речиси секоја нова зграда. Она што меѓу првите работи ќе ги направи новата локална власт е дека ќе спроведеме целосна ревизија на работењето на Стевчо Јакимовски и на неговите раководни луѓе, како и ревизија на вкупното финансиското работење. Постојат сомневања за незаконско трошење на народните, буџетски пари, а како што и напоменав претходно, Деталните урбанистички планови се носени во затворена постапка, без вклученост на јавноста. За ова мора да има одговорност.
ФОКУС: На сметка на ВМРО-ДПМНЕ постојано имаше критики дека имаат млади кадри за пратеници, министри, градоначалници. Дали сега тоа може да послужи како паралела, со оглед на тоа што сте доста млад?
БОГОЕВ: Мојата младост ќе ја искористам за целосна моја достапност за карпошани и за одговор на сите нивни прашања, потреби и барања. Имам елан и енергија за работа, а заедно со мојот тим на соработници ќе манифестираме што е вистинско одговорно и чесно работење. Заврши времето на луксузирање и злоупотребување на народните пари. Завршува времето на анахрони политичари, кои што за себе мислат дека се евергрин мелодија, а во суштина се расипан акорд во еднодецениската политичката какафонија што ја урниса Македонија. Конечно, да се биде млад и да си чесен е предност. Зад моето име и зад моето работење нема црни петна. Ќе работам на тоа општина Карпош да биде една од најдобрите општини во Македонија, еколошки чиста, економски силна и просперитетна.
ЈАКИМОВСКИ Е ГЛАВНА МАСКОТА НА МИТИНЗИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ
ФОКУС: Која е вашата визија за Карпош? Што планирате да направите за подобар живот на жителите на оваа општина?
БОГОЕВ: Во нашата Програма за живот за сите во Карпош имаме решенија и проекти за сите категории на граѓани. Ставаме фокус на заштита на зеленилото и на животната средина. Еден од клучните наши проекти е новиот Парк во Карпош 4, кој што ќе се простира од Скејт паркот во Карпош, вдолж реката Вардар, сè до бунарите за вода. Повеќе од 80.000 м2 зеленило со содржини за спорт и рекреација. Предвидуваме изградба на нова градинка во Влае, непосредно до училиштето Димо Хаџи Димов, бидејќи постои реална потреба од зголемување на сместувачките капацитети за деца во овој дел од општината. Сообраќајниот хаос ќе го решиме со современи еко – паркинзи во урбаните заедници Влае, Карпош 1, Карпош 4, Козле и Владо Тасевски (кај Млечен ресторан).
Насочени сме кон искористување на обновливите извори на енергија и затоа предвидуваме соларни панели на покривите на градинките и на училиштата. Ќе овозможиме пониски трошоци за електрична енергија, а притоа ја заштитуваме и животната средина. И уште многу други проекти кои што ќе значат живот за Карпош. Нема да се фалиме со поставување на два – три сантиметри асфалт, тоа е дел од тековното работење на локалната управа, а не достигнување. Предвидуваме авангардни решенија за Карпош.
ФОКУС: Сметате ли дека ќе го победите Јакимовски?
БОГОЕВ: Уверен сум дека убедливо ќе го победиме Јакимовски во првиот изборен круг! Ова го говори расположението од терен, коментарите на граѓаните, но за промени во Карпош сведочат и релевантни анкети. Заедно со граѓаните, убедливо победуваме на 15-ти, а од 16-ти октомври почнуваме да работиме. Енергично и посветено за реализација на нашата Програма.
ФОКУС: Ако тоа се случи, ќе направите ли ревизија на целото негово претходно работење?
БОГОЕВ: Апсолутно! Ревизија на претходното работење ќе има. Давам збор дека секој кој го прекршил законот, го запоставил јавниот интерес – ќе одговара. Дојде времето на еднакво важење на законите и правдата, а Карпош нема да биде изземен од овој процес – напротив ќе инсистирам на одговорност пред институциите за секој кој се огрешил пред законите. Од ова нема да има отстапки.
ФОКУС: Јакимовски беше човекот кој за неколку години смени повеќе политички дресови? И кога ги подржуваше СДСМ, но и кога ги подржуваше ВМРО-ДПМНЕ жестоко се бореше во зависност која страна на бранеше во моментот? Кој е вашиот став за тоа?
БОГОЕВ: Луѓето се познаваат на мака, а вистинското лице на Стевчо Јакимовски го запознавме во 2013-та година. Денеска тој е еден од главните фронтмени на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ. Но, видовме дека кај Јакимовски нема принципи и вредности, туку само личен интерес и желба за личен профит. Тој е политичар без образ, пластелин во рацете на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. За среќа, за помалку од две недели завршува времето на Стевчо Јакимовски. Го враќаме достоинството на нашиот Карпош!