Интервју со Ранко Дакиќ: Уметноста и културата во Северна Македонија се затруени со политички и комерцијален опортунизам од најнизок ранг!

by fokus

Деновиве, поточно на 24-ти септември во МСУ беше отворена самостојната изложба под наслов ,,Егзил”, на Ранко Дакиќ, академски скулптор и сликар кој 32 години живее и работи во Берлин, а кон крајот на септември престојуваше во Македонија. Изложени се 37 експонати – масла на платна, скулптури во бронза и цртежи. Организатор на изложбата, како и автор на текстот во монографијата е Златко Теодосиевски.

Ранко Дакиќ е ретка појава на македонската уметничка сцена, и ова е прва негова самостојна изложба во Скопје. Уметничко училиште има завршено во Скопје, а во 1985 година дипломира на ФЛУ-Скопје, прва генерација. Во 1987 година Сенатот за култура на град Берлин го потврдува неговиот престој како ,,збогатување на уметничката сцена во Берлин”, и со тоа започнува неговиот животен пат како самостоен уметник во град Берлин. Четири пати има добиено откупна награда за сликарство и цртеж од фондацијата Кунстлерфордерунг, негови дела се наоѓаат во уметничкиот фонд на град Берлин, во галерии и многу приватни колекции.


Со осврт кон неговото творештво, Златко Теодосиевски вели – уметноста на Дакиќ е целосно непозната, неговото творештво нема за цел да ни открие некои зачудувачки новости во сликарството или скулптурата. Впрочем, тоа денес тешко да може да го направи кое и да е творештво. Но, може на пример, да ни го отвори неговиот внатрешен свет, а може и неочекувано да ни помести некои граници во македонската ликовна уметност.

Ценет надвор од земјава, а сепак неговата изложба која е настан кој се случува сега, и можеби никогаш повеќе, помина на некој начин тивко, без медиумско внимание и без заслужениот простор во етерот. Ова интервју со Дакиќ ,,Фокус” го направи за време на неговиот престој во Македонија.

Разговараше: Вики Клинчарова

Фокус: По три децении отсуство, како ја доживувате оваа прва самостојна изложба во Скопје, кои се вашите општи впечатоци?

Дакиќ: Имајќи ја предвид севкупната македонска апатија, ЕГЗИЛот што го инсталиравме во МСУ-Скопје, за мене е голем подвиг. Направивме сериозен напор, ги совладавме сите пречки, го исцедивме максимумот во границите на можното. Мислам дека направивме една сериозна поставка. Јас сум презадоволен.

Фокус: Презадоволен во ,,македонската апатија”?!

Дакиќ: Зошто да не, ние нашата работа си ја завршивме коректно, за се друго немам никаква одговорност. Македонската апатија не е моја измислица, тоа е реалност, а во една таква реалност, ова што го направивме е подвиг.

Фокус: На отворањето на вашата изложба немаше масовност, скоро никаква јавна резонанца, со исклучок на ,,Фокус”, на Бранко Тричковски и уште неколку споделувања на социјалната мрежа Фејсбук, медиумите и јавните гласила како да беа глуви и неми, дали МСУ како промотор потфрли или причината е на друго место?

Дакиќ: Видете, на отворањето беа мои драги пријатели и луѓе кои сакаа со своето присуство да изразат почит кон мене и кон мојот труд, многумина не можеа да бидат присутни, но тоа си има свои оправдани причини, впрочем јас не можам да ги терам луѓето да присуствуваат на отворање или да споделуваат соопштенија. Зошто медиумите не споделуваа соопштенија, тоа е друго прашање?! Оваа изложба не е моја приватна забава, тоа е јавен настан во јавна институција, финансирана од јавни пари. МСУ е сериозна институција од највисок ранг, со својата содржина МСУ-Скопје е последниот бастион на современиот свет, прекрасен простор. Вратите на МСУ за мене беа отворени, имав одлична соработка со директорката Мира Гаќина и вработените, заедно ги надминувавме сите пречки. Најголем проблем е што културните институции се заробени од политичкиот конформизам. Дали МСУ потфрли во промоцијата? Не знам, мислам дека не, впрочем прашајте ги нив.

Фокус: Но, сите индиции упатуваат на тоа дека јавноста и јавните гласила не беа информирани?

Дакиќ: Добро, кажете ми која ,,јавност” и кои ,,јавни гласила”? Македонската јавност и уметничката сцена се заробени и поделени на кланови, лобистички групи и друштвенца, а јавните гласила се занимаваат со булеварски теми, комуналии, градоначалници, панаѓури, скандали и клеветења, владее перманентна тензија и психоза, јавниот дискурс е потрошен на политички теми. Во таква реалност, што може да очекувате?

Фокус: Вие сте кавадарчанец, Кавадарци беше пред неколку години прогласен за град на културата, град на уметноста, уметничката колонија Михајлово ,,најголема колонија на Балканот”, како го примија кавадарчани овој настан?

Дакиќ: Немам поим, не следам кавадаречки медиуми. Во Кавадарци имам само своја адреса. Кавадарчани моментално се занимаваат со грозјето и ајварот, исто како и секоја есен. Во Кавадарци многу зборови се искажани во име на уметноста, но за уметноста, ништо, впрочем, тоа е проблем и во целата држава, луѓето обожаваат да се повикуваат на нечие ,,име” – во име на правдата, во име на културата, уметноста, демократијата, подобар живот… Но, секој сака да си ги зачува своите привилегии, никој не сака да крвари. Уметничката колонија Михајлово има повеќе врска со гастрономија, отколку со уметност. Сите уметнички колонии во државата се претворени во гастрономска забава. Мислам дека без нив, уметноста ќе добие поголем општествен статус, ќе се ослободи од еден ужасен канцер. Уметноста и културата во Северна Македонија е затруена од политички и комерцијален опортунизам од најнизок ранг.

Фокус: Кажете ни нешто повеќе за вашето сликарство, скулптурата, како вие ја дефинирате уметноста?

Дакиќ: Никако не ја дефинирам уметноста, тоа е надчовечки производ, таа го дефинира мојот стремеж. Јас сум само обичен службеник, слуга. Сликарството, скулптурата, цртежот се дисциплини со кои ја изразувам мојата опсесија, останатото е комуникација помеѓу гледачот и објектот. Тоа е се. Златко Теодосиевски многу добро ги има објаснето овие релации во монографијата.

Фокус: А која е таа опсесија?

Дакиќ: Опсесија која ме ослободува тематски и идеолошки, која ме ослободува од културата.

Фокус: Може ли да ја појасните ја вашата формулација ,,ослободување од културата”?

Дакиќ: Културата и уметноста се две сосема различни категории. Културата е минато, она што е зад нас, односно она што го оставаме позади нас, уметноста е она што е пред нас, фронт што допрва треба да се случи. Ослободувањето од културата не значи нејзина негација (па макар и тоа да е), туку исчекор од нејзиниот просторно-временски контекст, без тој исчекор нема култура, нема уметност, нема живот.

Фокус: Оваа изложба ќе трае до 14-ти октомври, кога да го очекуваме вашиот следен проект?

Дакиќ: Мислам дека ова ќе биде последна изложба. Јас сум задоволен, нема потреба повеќе.

Фокус: Искрено, во име на вистинските љубители на уметноста, се надеваме дека ќе го промените вашето мислење.

Поврзани новости