Интервју со Пановски: Го донесов сумамедот во Македонија, сега проколнувам тој лек да не се пие, а пак вo двојни дози, тогаш е отров

by Fokus

Доктор Никола Пановски е професор на Институтот за микробиологија и поранешен директор на Фондот за здравство. Тој во интервју за „Фокус“ објаснува како за време на целата ковид пандемија граѓаните се „трујат“ со непотребни антибиотици, кои воошто не делуваат на вирусна инфекција. Исто така, доктор Пановски тврди дека до крајот на годината за сумамед и панцеф се препишани повеќе од 600.000 рецепти, а буџетот на Фондот за здравство е оштетен за околу половина милион евра. 

Разговараше Ирена МУЛАЧКА

ФОКУС Докторе веќе одреден период алармирате дека за време на пандемијата со Ковид 19 се пијат многу антибиотици. Можете ли да ни објасните што се случува?
ПАНОВСКИ
Се случува пандемија на полипрагмазија, односно дел од специјалистите и дел од матичните лекари, препишуваат антибиотици за вирусна болест, на која тие воопшто не дејствуваат, а и други лекови кои јас не би ги коментирал, тоа го оставам на оние кои се постручни од мене за тие лекови. Излегоа некои рани студии дека азитромицинот, па потоа цефиксимот, можеби имаат антивирусни својства. Тоа беше во март. Тоа дејство кое го имаа во лабораторија не се потврди во клиничките студии. Тоа се два достапни лекови кај нас, под заштитените имиња Сумамед и Панцеф. Од сосема непознати причини, почнаа пациентите да ги бараат, а лекарите да ги препишуваат. Масовно, дури тоа си го нарекоа „стандардна терапија или профилакса“ за ковид 19, непозната во науката. Во Хрватските протоколи за третман на ковид, нема збор за нивниот сумамед во лекување на оваа болест. За жал се препишуваат и други антибиотици, како што е моксифлоксацин, кој инаку не е на позитивната листа на ФЗО, па не ја знаеме точната бројка на потрошени пакувања.

ФОКУС Кои според вас антибиотици најмногу се користат и имате ли податоци колку досега се потрошени?
ПАНОВСКИ На прво место е лекот азитромицин, најчесто како Сумамед таблети од 500 мг, за кој оваа година ќе заврши со најмалку 200.000 реализирани рецепти повеќе во однос на 2019 година, што во проценти изнесува 122% зголемување. На второ место е лекот цефиксим, под заштитено име Панцеф таблети од 400 мг, со зголемување од 60.000 реализирани рецепти повеќе од лани, или во проценти 64% зголемување, на трето место е антибиотикот ципрофлоксацин со 30% зголемување. Реализиран рецепт значи рецепт на терет на ФЗОМ, препишан од матичен лекар и подигнат во аптека. Тука не се бројат и нема точни податоци за истиве лекови, купени во аптека со лични средства на граѓаните, пропишани на обичен рецепт. Се смета дека тоа се уште најмалку 100.000 пакувања за азитромицин подигнати на овој начин. Често се пропишуваат и лекови кои не се на позитивната листа на Фондот и за нив нема податоци од ФЗО, односно тие антибиотици пациентите сами ги купуваат на обичен (розов) рецепт напишан од било кој дипломиран лекар кој има факсимил.

ФОКУС Кои се тие лекови?
ПАНОВСКИ Тоа се лековите: цефподоксим (Трицеф), моксифлоксацин (Моксирал, Моксилам Авелокс), левофлоксацин (Флексид) итн. Интересно, кај другите антибиотици има стагнација, па и намалување на рецептите, а тоа пред се се однесува за формите на антибиотици за деца. Значи, очигледно е кој е мотивот за препишување, тоа е вирусната болест ковид, а намалувањето на рецепти за деца и за другите антибиотици е логично, оваа година другите инфекции се многу поретки поради рестриктивните мерки и мерките за лична заштита.

ФОКУС Зошто матичните лекари речиси на секој позитивен пациент на Ковид 19 му препишуваат антибиотик?
ПАНОВСКИ Тоа е прашање за психолозите и социолозите. Имено, не постои матичен лекар кој не знае дека за вирусна болест не се даваат антибиотици. Ниту за профилакса, ниту за терапија.  Поминале низ многу обуки. Нема поедуцирани лекари од матичните. Една причина, притисок од страна на пациентот да добие нешто. На комшијата му препишаа и јас сакам. Што повеќе толку подобро. Ако не ми дадеш, ќе одам кај друг лекар. Втора причина, ако не му препишам, а му се случи нешто, кој ќе објаснува дека јас не сум виновен (инаку знае дека не би бил виновен). Трета причина, немам време да го прегледам, да му објаснам, да направам лабораторија, дел од лабораториските прегледи како Ц реактивен протеин (ЦРП) не се покриени од ФЗОМ, пациентот сам треба да ги плати. Ако не му дадам, треба секојдневно да го следам, вака ќе му препишам, бар неколку дена нема да ми се јавува. Четврта причина, специјалистот, најчесто интернист или инфектолог предложил, што е многу честа појава, а матичниот е во незгодна позиција да му објасни на пациентот дека специјалистот не е во право. Дел од матичните лекари, во овие времиња на страв и паника, правилно ги водат пациентите, не брзаат со терапија, ги следат, ја стекнале довербата од пациентите и не препишуваат непотребни лекови. За жал, мој впечаток е дека тие се малцинството.

ФОКУС Може ли со тоа дополнително да се влоши здравствената состојба?
ПАНОВСКИ Антибиотикот сумамед, го пратам од неговото пронаоѓање и промоција во Загреб 1990 година. Јас прв го донесов во Македонија и го испитував како делува на бактериите. Со него работам 30 години, пола свет сум го посетил, заедно со другите надворешни соработници на Плива од другите земји, каде сме го промовирале овој лек. Тој се дава три дена, а дејствува 10 денови. За сексуално преносливи болести се даваат две таблети од 500мг, а дејствуваат во следните 10 дена. По амоксиклавот, тоа е втор најиздаван лек во аптеките во светот. Сега, дојдов во ситуација да преколнувам тој лек да не се пие!!! Не делува на вирусот, не е лек за избор на бактериска пневмонија после ковид, и конечно не смее да се пие во двојни дози, шест дена, наместо три, а тоа станало пракса. Тогаш е отров, со двојни дози!!! И не се комбинира со некои лекови, како што е моксифлоксацинот, а и тоа се прави. Штетата е огромна, се уништуваат нашите добри бактерии, се овозможува кај некој што ќе се хоспитализира да се населат отпорните болнички бактерии многу брзо и многу лесно, на празното место каде биле добрите бактерии. Се селектираат отпорни бактерии.

ФОКУС Имате ли информации колку рецепти за одредени лекови се препишани и за колку пари станува збор?
ПАНОВСКИ Според моја проценка, од 350-400.000 рецепти, реализирани за овие два лека (лани се пропишале 230.000, а годинава ќе бидат помеѓу 580.000 и 630.000) половината се во домашните аптеки, а 200.000 се испиени без потреба. Буџетот на Фондот е оштетен за околу половина милион евра, а уште толку платиле граѓаните од свој џеб. Парадоксот е што јас се надевам дека половината од овие пакувања ќе бидат фрлени во отпад, а нема да се испијат.

ФОКУС Како Фондот за здравство го дозволува тоа со оглед на тоа што се работи за голема сума на пари?
ПАНОВСКИ Не знам, и јас се прашувам. Ако е тешко и треба стручни лица да проверуваат дали имало потреба од антибиотик или не, тогаш за двојни дози на сумамед не треба стручност, такво дозирање едноставно не постои за респираторни инфекции, ниту интернистот или инфектологот смее да го предложи, ниту матичниот смее да го препише, ниту фармацевтот смее да го издаде, а ако на крај, осигуреникот го прочита упатството, наменето за него, треба да заклучи дека не го лечат, туку го трујат. Знаете ли што би се случило во САД, осигурителна компанија ова да го открие!!! Прво докторот треба да ги плати од свој џеб (или осигурителната компанија каде што е осигуран), со камата, за сите лекови препишани спротивно на медицина базирана на докази. Кога оваа пракса се вовела во САД, пред неколку децении,  одеднаш бројот на гнојни ангини пораснал за 300%, а настинките рапидно се намалиле. Имено, докторот за да го оправда антибиотикот, пишувал дијагноза ангина кое е бактериско, а не настинка, која е вирусно заболување. Или се зголемила дијагнозата пневмонија, која е почесто бактериска, а се намалила дијагнозата бронхитис, која е секогаш вирусна инфекција. Се добила погрешна слика за вистинската етиологија на инфекциите. Затоа, велам, тешко е да се докаже дали докторот правилно препишал лек, но за двојни дози на лекот, како што упорно се препишува сумамедот кај нас, не би имало спас. Не само што би ги платил лековите, туку осигурителните компании би барале оштета за нанесената штета по здравјето на пациентите поради очигледно неправилно дозирање на лекот. Се разбира, за двојните дози нема никакво оправдување. Овие средства можеа да се потрошат на пример за бесплатни брзи тестови кои разликуваат вирусна од бактериска инфекција. Матичните ќе беа должни да ги направат пред  да пропишат антибиотик. Добивката ќе беше огромна, и во смисла на здравјето на пациентите и во економска смисла.

СЕ ТРУЈАТ СО 10 ДО 15 ЛЕКОВИ ОДДЕДНАШ, АМА ВАКЦИНАТА ИМ Е СТРАШНА

ФОКУС Секојдневно се појавуваат нови лекови кои наводно помагаат за лекување на Ковид 19. Кои според вас се лековите кои можат да помогнат ако се влоши состојбата?
ПАНОВСКИ Голема одговорност е да посочам некој лек, а ниту сум ги испитувал, како што 40 години ги испитувам антибиотиците, а според мојата професија во базичната медицина, не сум ни можел со нив ни да лекувам. Одговорот можам да го сведам на следниов од многуте парадокси поврзани со оваа болест: лековите кои се промовираат во западниот развиен свет, пред се во ЕУ и САД, се безобразно скапи и неефикасни (пример: ремдесивир). Лековите кои се промовираат во источните земји, па и во Африка и Австралија, се ефтини и прилично ефикасни (пример: ивермектин). За наша несреќа, ние копираме од Запад, и тоа од земјите кои се неуспешни во борбата против Ковид 19. Тука ја изземам Германија, Скандинавските земји и Балтичките (кои географски се повеќе исток отколку запад). Конечно и од САД пред некој ден тројца угледни клиничари одржаа драматичен прес, барајќи од сите доктори во САД веднаш да го употребуваат лекот ивермектин во сите фази на ковид 19, лек кој почна да се употребува во Австралија уште во март, па потоа во Индија, Иран, Египет  и триесетина други земји. Погледнете го бројот на смртните случаи во Австралија, Далечниот исток, па и сиромашните азиски и африкански земји и споредете ја со смртноста кај богатиот Запад (без Германија, Скандинавија и Балтикот), па сами извлечете заклучок.

ФОКУС Кој е вашиот став околу вакцинирањето против Ковид 19 и дали сметате дека тие вакцини се безбедни?
ПАНОВСКИ Се што до сега се правеше, сите рестрикции и ограничувања би биле помалку вредни, ако не се чекаше вакцината. Успешна вакцина ќе овозможи побрзо враќање на економијата, отворање на универзитетите, училиштата, концерти и спортски натпревари со публика и што е најважно за нас постарите, да си ги гушнеме внучињата. Без вакцина, старите и вулнерабилните групи би останале затворени со години, или би се втурнале во ризик да се заразат, па кој преживее да раскажува.  Дали се и колку се безбедни ќе знаеме повеќе по 4 месеци кога ќе стигнат кај нас. До тогаш ќе бидат вакцинирани десетици милиони луѓе. Интересно е дека сега некои читаат јавно од производителот какви несакани дејства може да има вакцината, што било доказ дека целта е да се уништи населението, да се свело на милијарда, голем мерак за тоа имал и Сорос и Бил Гејтс. Замислете, тој што сака да ги убие луѓето сам пишува како ќе ги убие!!! Во упатството за секој лек, па и да е аспирин, ако читате за несакани дејства на лекот, ќе прочитате многу пострашни работи отколку за вакцините. Ама нашиот народ нема гајле да пие двојни дози, 10 до 15 различни лекови одеднаш, дури и кога е здрав, за превентива, ама вакцината била страшна.

ФОКУС Според понудата, која вакцина е најдобра?
ПАНОВСКИ Прво, најдобра е вакцината која е достапна, Значи не е битно која, ако ја нема. На пример еве, средина на декември, јас се уште не сум вакциниран од грип, треба на работа да не вакцинираат. Второ, најдобра е вакцина која е бесплатна и иста за сите, и богати и сиромашни. Трето, најдобра е вакцината која не е задолжителна, туку е доброволна. Четврто, најдобра е вакцина која не мора да се дава на децата и младите, зошто ако има некои одложени дејства, по да речеме 25 години, јас лично, не би се плашел да ги добијам, бидејќи тоа ќе значи дека уште би бил жив. За оваа болест децата не треба никогаш да се вакцинираат туку да стекнат природен имунитет. Значи која е најдобра вакцина ќе знаеме за едно 25 години, тогаш ќе ви одговорам, ви ветувам, ако сум жив. Само трпение, што е четврт век, јас не брзам, ќе ве чекам.

 

Поврзани новости