Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС На последните парламентарни избори, ДУИ загуби многу гласови и загуби во многу општини, но не и во Гостивар. Каков резултат очекувате партијата да постигне на претстојните локални избори, пред се во големите центри со доминантно албанско население?
БЕЈТА Најпрвин ви благодарам за интервјуто. ДУИ е најголемата албанска партија во Македонија. Исто така, во име на ДУИ јас сум работел напорно за нештата во Гостивар да бидат подобри. Со жителите на Гостивар го подобривме денешниот Гостивар. Заедно во овие четири години ги поставивме темелите. Сега ќе го изградиме утрешниот Гостивар. Очекувам да победиме, за да заедно покажеме дека работата се вреднува во Гостивар.
ФОКУС Дали сметате дека имате сериозна конкуренција во противкандидатите, пред се од Арбен Таравари од Алијансата за Албанците, кој веројатно пресметал дека има големи шанси за победа, штом жртвува министерска позиција за да влезе во градоначалничката трка?
БЕЈТА Демократијата е една од најубавите работи во политиката. Во трката, одлуката ја носат граѓаните. Ми беше задоволство да излезам со програма во коавторство со граѓаните за Утрешен Гостивар. Ќе оддржам кампања врз основа на оваа програма, а не против другите кандидати. Врската што не карактеризира со граѓаните е одржаниот збор, комуникацијата и желбата за да го видиме градот во насока на трансформацијата во Утрешен Гостивар.
ФОКУС Како може да се одрази оваа локална битка врз владата, со оглед дека ДУИ и Алијансата за Албанците се коалициски партнери во владата, која се одржува на тенко парламентарно мнозинство?
БЕЈТА Заедничкото управување на централно ниво не нè спречува да нудиме различни алтернативи на локално ниво. Во Гостивар имаме посериозна и веродостојна алтернатива, исто како и моите колеги во другите општини. Суверениот народ ќе одлучи за кандидатот кој сака да му биде градоначалник. Ова е локален натпревар, дел од една позитивна и демократска кампања. Ние ќе продолжиме да бидеме на страната на луѓето.
ФОКУС Какви комбинаторики се можни во вториот круг на изборите? Дали ќе го поддржите кандидатот на СДСМ во Скопје, а за возврат да добиете поддршка од СДСМ во Чаир, Сарај, Тетово, Гостивар…?
БЕЈТА Кампањата започна и нормално е вниманието да биде концентрирано кај граѓаните, а не на политиката. За мене, поважна од политичката поддршка на разни партии е поддршката од граѓаните на Гостивар. За мене, важна е програмата што ја подготвивме со граѓаните. Луѓето заслужуваат идеи за иднината и конкретни програми за кои ќе одлучуваат. Затоа, важно е да се спроведе кампања со позитивни идеи и дух, оставајќи ги настрана сметките на политичките интереси.
ФОКУС Како ги коментирате информациите дека БЕСА го поддржи Таравари во вториот круг во Гостивар, додека Алијансата да го подржи Биљал Касами во Тетово, а зад нив во двата града да застане и ВМРО-ДПМНЕ?
БЕЈТА Мислам дека Демократската унија за интеграција ги има најдобрите алтернативи за градовите што ги спомнувате. Во Гостивар, сме работеле бескрајно веќе четири години и граѓаните ги гледаат промените. Во Тетово, г-ѓа Теута Арифи штотуку оконча неколку мошне важни проекти за градот и претставува алтернатива поблиска до граѓаните. Други партии влегуваат во трки за да ги зајакнат своите политички структури. А ние за да работиме за граѓаните на нашите градови!
ФОКУС Вие бевте еден од оние што се залагаа за политички промени по последните избори, што очигледно поранешните партнери од ВМРО-ДПМНЕ не можат да ви го заборават, па едно од многуте обвиненија на ваша сметка е дека сте изградиле два трговски центри во Гостивар. Дали има вистина во тоа?
БЕЈТА Не создадов никакво богатство откако се вклучив во политика. Дури и некои бизниси што ги имав претходно ги ставив во мирување. За време на мојата кариера, но и во животот, се потпирав на принципите и вредностите на кои ме научија родителите. “Да бидеш добар човек”, се сеќавам дека секогаш ми велеше мојот татко. Така што, секоја задача што ми беше доверена најодговорно сум ја вршел и секогаш во интерес на граѓаните. Фактот дека интересите на граѓаните ги ставам во прв ред, се докажува со моите дејства во врска со Никола Груевски. Не сум се изразил против ВМРО, туку против Груевски. Мислам дека моите ставови за Груевски ги разбираат и ги прифаќаат и подржувачите на партијата ВМРО.
ФОКУС Кои се вашите најголеми постигнувања во претходниот мандат, кои ќе бидат ваша легитимација за да барате нов мандат од жителите на Гостивар, и со каква програма ќе настапите на овие избори, односно кои ќе бидат вашите главни програмски ветувања?
БЕЈТА Во ситуацијата во која го најдовме Гостивар, ни требаше многу да работиме за подобрување на инфраструктурата на градот. Значи, работевме за да го средиме денешниот Гостивар. Освен инфраструктурата, работевме напорно да ги реконструираме училиштата и да изградиме нови средини за образование на нашите деца. Ги проширивме зелените површини и спортските терени, строго придржувајќи се кон дадените ветувања, па дури и ги надминавме. Свесен сум дека има уште многу работа да се направи. Затоа, инфраструктурата ќе продолжи да биде наш приоритет, за да ја прилагодиме на високите стандарди за привлекување на нови инвестиции. Главниот фокус на Утрешен Гостивар ќе биде локалната економија и вработувањето. Вложувањето на меѓународната компанија “ПРГ Англија” со изградба на две фабрики во нашиот град, покажува дека сме на вистинскиот пат и дека треба да продолжиме со работите кои сме ги започнале. Во нашиот фокус, несомнено ќе продолжат да бидат приоритет нашите деца. Тие се утрешнината, затоа ќе се погрижиме за да им обезбедиме образование во услови кои ги заслужуваат. Нема да престанеме со реновирање на училиштата, да ги опремиме со кабинети и потребни средства за образовниот процес, а ќе изградиме и нови простории за нив.
ФОКУС Каков исходот од локалните избори може да се одрази врз општите политички текови и процеси и дали по нив може да се очекуваат нови предвремени парламентарни избори?
БЕЈТА Локалните избори на 15 октомври се важни во однос на текот на изборната кампања без инциденти и изразување на слободната волја на граѓаните. Триумфот на слободната волја значи избор на вистинска програма и лидер. Ќе ја спроведеме програмата која ја ветуваме за да ги продолжиме работите што ги започнавме кон Утрешен Гостивар. Посакувајќи и успех на реформската влада, верувам дека климата по изборите ќе биде добра.