Интервју со Максим Димитриевски: Во опозиција познавав еден Заев, на власт друг

by fokus

Кумановскиот градоначалник Димитриевски, веќе втор мандат е на чело на втората по големина општина во Македонија, откако на последните локални избори во Куманово ја победи матичната партија СДСМ по што почна локална соработка со ВМРО. Во интервју за „Фокус“,  тој зборува за разидувањето со СДСМ, за неговото граѓанско движење „За наша Македонија“, а се осврнува и на односите со Бугарија. Како што вели, владата на Заев станала софистицирана варијанта на режимот на Груевски.

Разговараше: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

ФОКУС: Кога одлучивте да се кандидирате за независен кандидат за градоначалник, односно кога СДСМ одлучи да не ве поддржи, на чело на партијата беше Зоран Заев. Му замерувате ли?

ДИМИТРИЕВСКИ: Не, Заев не беше причината за судирот со партијата, ниту, пак, јас сум се судрил со партијата, туку се судрив со голем дел од раководството во мојата партија. Јас не се судирам со човек, туку се судирам со политиките што тој човек ги спроведува. Секој човек има свои карактеристики, маани и доблести. Има лоши и добри политики.

ФОКУС: Каков беше Заев?

ДИМИТРИЕВСКИ: Во опозицијата познавав еден Заев, во периодот на власта запознав нов. Заев спроведуваше лоши политики во периодот на власт. Ние имавме колосални разлики во политиките и начинот на практикување власт. Веројатно ваквото практикување на власт беше причината за мојата елиминација од највисоките партиски органи.

Но, на таквите одлуки заткулисно секогаш кумуваа други поединци, кои вешто и умешно се криеја зад неговото име, нив јавноста ги знае, а особено партиското членство во СДСМ, моите партиски другари со кои заедно поминав многу.

ФОКУС: Сепак, Заев веќе не е на чело на партијата. Гледате ли сега разлика?

ДИМИТРИЕВСКИ: Од страна на граѓаните поразени се таквите политики и тој го напушти челното место во СДСМ, а граѓаните на Куманово ја поддржаа политиката што беше предложена од мене и од граѓанското здружение „За наше Куманово“.

СДСМ има прекрасно членство, кое во моментов е маргинализирано поради клиентелистичкиот пристап на актуелното раководство и борбата за власт на поединци, макар и еден ден повеќе.

За жал, до ден денеска не изостануваат дејствијата на семејствата, особено родителите на носителите на највисоките државни функции од мојот град, кои сметаат дека буквално треба да контролираат сѐ.

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости