Интервју со Максим Димитриевски: Ќе учествуваме на следните избори во коалиција со граѓаните

by fokus

Кумановскиот градоначалник Димитриевски, веќе втор мандат е на чело на втората по големина општина во Македонија, откако на последните локални избори во Куманово ја победи матичната партија СДСМ по што почна локална соработка со ВМРО. Во интервју за „Фокус“,  тој зборува за разидувањето со СДСМ, за неговото граѓанско движење „За наша Македонија“, а се осврнува и на односите со Бугарија. Како што вели, владата на Заев станала софистицирана варијанта на режимот на Груевски

 Разговараше: Фросина ФАКОВА СЕРАФИНОВИЌ

 ФОКУС: Формиравте здружение „За наша Македонија“ и почнавте веќе да формирате ограноци по градовите. Како сте задоволни од процесот?

ДИМИТРИЕВСКИ: По примерот во Куманово, во другите градови на Македонија се формираат граѓански здруженија, кои се идентификуваат со политиките на граѓанското здружение „За наше Куманово“. Ова граѓанско здружение прераснува во едно републичко граѓанско движење, во кое секојдневно се приклучуваат голем број индивидуалци од различни професии, различна политичка провениенција, но и граѓани што воопшто не се политички определени, граѓани од различна етничка, верска и политичка припадност.

ФОКУС: Како програмски и концепциски е поставено здружението и која е крајната цел? Дали ќе прерасне во партија?

ДИМИТРИЕВСКИ: Граѓанското здружение „За Наше Куманово“, на последните локални избори излезе со своја визија, понуда и програма пред граѓаните на Куманово и ја доби нивната доверба, извојувајќи убедлива победа пред партиите што се присутни на политичката сцена повеќе од 30 години. Па, зошто тоа да не се преслика и на републичко ниво?

Во овој момент кај граѓаните постои заситеност од постоечките политички субјекти, а сѐ поизразена е желбата и мотивацијата кај нив да се приклучат во едно ново движење, кое ќе биде „од граѓаните за граѓаните“. Иницијативата за вакво нешто не е моја, туку доаѓа од жителите на секоја општина поодделно, каде што се присутни навистина голема енергија, желба и идеи за напредок на државата и подобар живот за граѓаните.

ФОКУС: Дали во партијата има незадоволни членови од СДСМ? Дали Петар Атанасов е таму?

ДИМИТРИЕВСКИ: Секако дека има. Секој ден е сѐ поголема заинтересираноста на граѓаните од различна политичка провениенција, но и неопределени граѓани за приклучување кон граѓанските здруженија низ републиката.

Атанасов формираше свое граѓанско здружение под името „Модерна“. Петар е мој добар пријател и соработник од времето на заедничките денови во СДСМ. Не исклучувам соработка и со ова граѓанско здружение на следните парламентарни избори, како и со многу други.

ФОКУС: Најавивте дека ќе учествувате на следните парламентарни избори. Дали веќе сте разговарале за некаква меѓусебна поддршка со другите партии за следните избори?

ДИМИТРИЕВСКИ: Единствената коалиција со која ќе настапиме на следните парламентарни избори се граѓаните. Впрочем, затоа е и граѓанско движење, а не политички субјект. Ќе се обратиме до сите, без разлика на нивната партиска и етничка припадност и очекувам да се приклучат сите што сакаат да припаѓаат на еден концепт за чесно, одговорно и домаќинско работење.

По завршување на изборите, во зависност од резултатите ќе ја понудиме нашата политичка и програмска платформа до сите политички субјекти што се држат по стратешките државни начела за евроатлантска иднина на Македонија и ќе бидеме во коалиција со оние што ќе бидат спремни истата да ја прифатат и на неа интензивно да работат.

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости