Доктор Владимир Ристовски е специјалист интернист и субспецијалист кардиолог во градската болница „8 септември, која долг период преставуваше Ковид центар, каде што беа хоспитализирани најтешките пациенти. Тој во интервју за „Фокус“ објаснува како поминуваат за време на целиот овој период и недостигот од медицински кадар со кој се соочуваат. Исто така, појаснува дека освен Ковид 19, тука се и другите болести со кои се соочуваат пациентите, но тврди дека едно е сигурно после корона кризата на сцена настапуваат психијатрите…
Разговараше Ирена МУЛАЧКА
ФОКУС Поминаа повеќе од осум месеци како Ковид 19 е главна тема во државата, односно бројот за заразени постојано се зголемува, како и бројот на починати. Кој е вашиот став околу ова?
РИСТОВСКИ Се разбира, главно недисциплината од страна на населението, сомнежот дека вирусот постои, непочитувањето на мерките и нивното слабо спроведување и санкционирање во пракса, мешање на политиката во медицината која што апсолутно е неприфатливо за едно современо европско општество кон кое претендираме се едни од главните причини за тоа да сме таму кај што сме, да не кажам на врвот по бројот на заболени и починати пациенти од КОВИД 19. Се додека сите заедно не застанеме сами пред себе и не направиме да секој поединец ги почитува мерките за заштита кои што се добро познати на целото население, да не се прават групни собирања особено помеѓу помладата популација, додека не се санкционира секој поединец, ама буквално секој кој што ги прекршува мерките и не се направат рестрикции во движењето од еден град во друг ќе имаме толку високи бројки на заболени.
ФОКУС Болницата во која работите „8 септември“ беше во првите борбени линии. Може ли да ни објасните како изгледаше еден ден во тој период?
РИСТОВСКИ Во почетокот на епидемијата заедно со инфективна клиника бевме во првите борбени линии, секој ден комплетно беа отварани кат по кат од болницата за прием и лекување на овие болни, хоспитализирани беа пациенти од полесна клиничка форма до пациенти со најтешка клиничка форма кој што неретко завршуваа на респиратор. Од јуни месец па се до денешен ден во нашата болница се хоспитализираат пациенти со најтешка клиничка слика, на кои им е потребно интензивно и инвазивно лекување( пациенти на механичка вентилација). Просторни можности имаше, голема болница, симпатична, мегаломанска градба од крајот на седумдесетите години, но никој не праша дали имаме соодветен медицински персонал за лекување на овие болни, не само по број на здравствени работници, туку и по профил на лекари кои што работеа во таа установа.
ФОКУС Како се справувавте со толкав наплив на пациенти?
РИСТОВСКИ Беа само тројца инфектолози кои што се разбира ниту авантуристички не можеа да ги водат сите овие пациенти. Се затвори комплетно целото интерното одделение ( кардиологија, гастроентерехолепаологија, пулмологија, ендокринологија и одделот за интензивно лекување) и сите хируршки делови заедно со шок соба, интернистите од сите профили заедно со анестезиолозите беа активно вклучени во третманот и лекување на овие болни. Имаше дежурства кога на број од 180 пациентити дежураа само 3 интернисти и двајца анестезиолози облечени во скафандери со маски на температура од +30 степени, каде што се правеа по 10 и повеќе часа визита. Медицинските сестри, исто така со 24 часа дежурства секој втор, трет ден без притоа некој да праша дали може да издржиме, дали имаме потреба од дополнителен кадар, едноставно оставени сами на себе без никаква поддршка и од министерството и раководството на болницата. Дополнително се покриваа 24/7 сите итни кардиолошки состојби. После овој голем ударен бран беа распределени одредени колеги од внатрешноста на помош. Како што гледате постои константен притисок повторно да бидеме КОВИД центар на што има отпор од колегите интернисти пред се поради неисполнетите обврски од страна на надлежните.
ФОКУС Факт е дека покрај Ковид 19 се заборави на другите болести од кои умираат пациентите, а не се малку?
РИСТОВСКИ Тоа прашање го поставивме многу пати пред надлежните, што е со другите болести, не е само КОВИД 19 заболување. Јас како кардиолог и колегите кои работат интервентни процедури бевме приморани комплетно да го стопираме елективниот програм, целокупната дијагностика не само кардиолошка туку и од другите интернистички но и хируршки дејности, се запре, останаа голем број на пациенти кои требаше да се стенирааат, оперираат, дијагностицираат и.т.н. Бевме задолжени да прифаќаме пациенти со акутен миокарден инфаркт од целата држава кои што беа суспектни или позитивни на КОВИД 19, но се разбира дека имавме и пациенти кој што воопшто не беа заболени од вирусот.
ФОКУС Сите лекари ли беа вклучени?
РИСТОВСКИ Се уште постојат лекари кои што не виделе и не знаат како изгледа пациент заразен со SARS-CoV-2 вирусот, за разлика од други кој што секојдневно беа ангажирани во нивното лекување, се уште се одбиваат пациентите од другите установи кои што се КОВИД 19 позитивни, а се со акутен коронарен синдром, иако требаше секоја болница да има свој тријажен дел за прифаќање и лекување на овие пациенти. До ден денешен голем број лекари од други специјалности, а вработени во јавните здравствени установи се изземени и не се вклучени во третманот и лекување на овие болни.
ФОКУС Кардиоваскуларните заболувања се покажаа како болест која руши рекорди и на болни и на починати. Зошто?
РИСТОВСКИ Кардиоваскуларните болести се хронични болести кои се јавуваат како водечка причина за смрт кај луѓето не само во Македонија, туку и во светот. Во најголем број случаи долго време остануваат недијагностицирани и во моментот кога ќе се појават првите манифестации истите се јавуваат во вид на ургентни акутни коронарни состојби (во вид на срцев инфаркт) или мозочен удар (цереброваскуларен инзулт). Ваквите манифестации настапуваат неочекувано брзо и во многу голем број случаи завршуваат со фатален исход пред воопшто да се примени било каков медицински третман. Лица од сите возрасни групи можат да бидат инфицирани од коронавирусот. Сепак, вирусот е особено ризичен за лицата на возраст над 60 години и оние кои имаат други медицински состојби, особено ризични се пациентите со срцева слабост и коронарна артериска болест
ФОКУС Тоа што е страшно е што се повеќе пациенти се јавуваат на млади години кои имаат вакво заболување. Кои се најризични групи и зошто?
РИСТОВСКИ Најризична група за заболувања од SARS-CoV-2 се пациентите со хроничните заболувања( кардиомиопатија, артериска хипертензија, дијабетот, пациентит кои се на хроничен хемодијализен програм и онколошките пациенти ).Оваа група на пациенти пројавуваат потешка клиничка слика и имаат многу поголем морталитет од другите пациенти. Неретко гледаме и млади пациенти со развиена тешка форми на воспаление на белите дробови како резултат на преголем имун одговор на организмот кон болеста( т.н. цитокинска бура). Главна причина за високата стапка на смртност е хиперкоагулабилноста што ја прави овој вирус односно создавање на тромби во човечкото тело и нивната дисеминација .
ФОКУС Што е со младите?
РИСТОВСКИ По однесувањето на младите во ова време – невреме се гледа каков ни е образовниот процес и домашното воспитување и за тоа како ние се грижиме за нашите деца и како ги воспитуваме, но секако и тука има исклучоци. Транзицијата за која сметам дека е се уште присутна, секојдневието за опстанок, работата и брзата зарабока и несигурноста придонесоа да се изгубат сите морални и етички вредности кај младите. Децата се тие кон кои треба најмогу да вложуваме зашто тие се иднината на нашата држава.
ФОКУС И во периодот кога болницата преставуваше Ковид центар, кај вас беше преполно со пациенти со срцеви заболувања. Какви се статистиките и како се справувавте?
РИСТОВСКИ Како што напоменав и претходно во нашата болница се прифаќаа сите пациенти со акутни кардиоваскуларни состојби без оглед дали беа позитивни или негативни на КОВИД 19. Се тријажираа сите пациенти, имавме проблеми со бројот на медицинскиот персонал со оглед дека имавме доста колеги кој што беа во позитивни и во изолација. Статистички со најлоши прогнози за морбидитет и морталитет имаа пациенти кој што беа со срцева слабост. инсулин зависен дијабет и хронично белодробно заболување. Кај овие пациенти болеста брзо прогресираше, да не кажам и минути во влошувањето на нивната состојба. Пациентите и доста касно побараа лекарска помош што се гледа по факТот дека без веднаш беа поставани на респиратор. Покрај стандардната антибиотска терапија , беа третирани и со озоно и биолошка терапија, со трансфузија на плазма, со антитела од претходно излекуван пациент.
ФОКУС Има ли доволно кадар?
РИСТОВСКИ Не, има голем недостаток од здравствен кадар, не само лекари, туку и медицински сестри и болничари. За 10 години тој недостаток уште повеќе ке се одрази, а веќе се чуствува. Има одредени специјалности кои што недостасуваат веќе одреден период. Просторни можности има, има голем број болници низ државата кои стојат празни, несикористени , а тоа е затоа што нема медицински кадар .
ФОКУС Се почесто има лекари кои го напуштаат јавното здравство и заминуваат на работа во приватните болници или во странство. Зошто се случува тоа?
РИСТОВСКИ Условите за работа, ниските приходи, егзистенцијата, невреднување на трудот, мешање на политиката во медицината, партиските вработувања се главни причини за заминување во странство или по приватните болници. Заминуваат не само млади лекари, туку и лекари со долгогодишно искуство. Нормално тој тренд на заминување на медицински кадар е застапен насекаде, во сите држави, но на Балканот и во нашата држава е многу поголем. Нашите колеги и колешки заминуваат на работа во Германија, „која што ни е особено благодарана “ што и даваме високообразован квалитетен кадар па затоа и се одлучуваат да заминат надвор од држaвата.
ФОКУС Кој е вашиот став околу случувањата со Ковид 19, до кога би траеле алармантните бројки на заразени и починати?
РИСТОВСКИ Не сум епидемиолог да кажам до кога ќе траат овие алармантни бројки на заболени, епидемиолозите се тие кои што треба да ни дадат одговори, но и на нив контролата им бега од раце, а тоа се гледа од сегашните бројки, но како кардиолог, односно пред се како лекар мој став е доколку сите заедно се придружуваме кон меркита за заштита ќе се намалат бројките, да имаме подобра организација во болниците, меѓусебна соработка и прераспределба на кадар таму кај што е најпотребно, притоа и да не ги изоставиме пациентите кои што не се болни од ковид 19, а им е потребна било каква интернистичка или хируршка процедура да им помогнеме.Се додека работат рестораните, кафичите, се прават свадби, има групни собирања кој што никој не ги санкционира, а нормално децата не идат во школо, но битно во “кафич” седат, ќе бидеме таму кај што сме, на врвот по новозаболени и починати пациенти. Многупати кажав нешто и ќе повторам , после КОВИД 19 кризава настапуваат психијатрите на сцена.