Интервју со Дина Муцунска: 2020 е изгубена година за туризмот- сите сме на раб на опстојување или пропаст

by Fokus

Семејството на Дафинка Дина Муцунска е едно од малкуте  во нашата држава кое веќе две децении упорно инвестира во хотелиерсвото и туризмот иако и сама е свесна дека тоа е сектор со убедливо најдолг рок на повраток на инвестициите. Поради ваквиот факт најголем дел од бизнисмените кои се инволивирани во туризмот својот развој но и општо работа веќе со децении го базираат на кредити. Но што да се прави во ситуација како денешната во која нема никакви ниту теоретски услови да се сервисираат огромните кредити на хотелиерите? Одговор на ова и уште многу други прашања поврзани со кризата и туризмот ни дава Муцунска во интервју за Фокус.

Разговараше Дејан Азески

ФОКУС Во јавноста постои перцепција дека сите околни па и Европски држави прават многу повеќе за спас на туристичкиот сектор кој дефинитивно беше најпогоден од оваа криза. Дали е тоа така и во праксата? Дали навистина туризмот како сектор е оставен сам на себе? Каква е состојбата со кредитите кои во голем процент ги имаат сопствениците на хотелите?
МУЦУНСКА Дозволете ми најпрво да ве воведам во ситуацијата на туристичкиот сектор кој навистина е најпогоден од Ковид 19 кризата. Таа се рефлектираше не само со тотален прекин на работата на операторите кои се вклучени во туризмот, туку и со откажување на се што имаа „сработено“ во 2019, односно резервациите, продадените и договорените аранжмани за цела 2020. Штетата е огромна. Во повеќето од 90% случаи се работи за микро и мали бизниси, кои се и често семејни, каде не остануваат залихи, па се земаат  кредити за подготовка за сезоната, кои се враќаат по реализација на планираното, односно:

– хотелиерите имаат големи инвестиции: во подготовка, градење, реновирања, редовно одрржување на сместувачките капацитети, во сезона со помала фреквенција држат и плаќаат поголем број вработени од потребата за да можат да бидат на нивните работни места во високата сезона, во посета на саеми за продавање на сместувачките капацитети…

– тур-операторите и туристичките агенции однапред инвестираат во: обврзувачки договори со копнените и авио-превозниците, закупени хотели, сместувачки капацитети, екскурзии, за посета на саеми низ светот и сите пропратни и промотивни материјали, активности и контакти, на кој начин воглавно ги продаваат своите производи…

– превозниците веќе инвестираа во купување и подготовка на превозни средства, разни дозволи и осигурувања, контакти…

– се инвестираше и во туристички водичи, атракциите, екскурзиите, содржините за забава, рекреација и релаксација, во нивната подготовка, оддржување, приодите до нив се обновуваа…

Знам дека многу од ова ви звучи минорно, но всушност да почнам се да набројувам, на моето излагање ќе му нема крај. Реалноста е дека туризмот е многу комплексна гранка, вклучува многу оператори и многу човечки ресурси, бара исполнување на многу процедури и стандарди, бидејќи безбедноста и квалитетот на услугата се најважни за понатамошно опстојување на пазарот, а сето тоа чини многу, многу средства. Ние веќе сме во третиот месец во кој работата на сите од овој сектор е сведена на 0% приход, со однапред земени кредити за инвестиции, бројни расходи кои си течат, нови долгови кои се создаваат врз база на обврзувачките договори. А болната страна на приказната е тоа што се до крај на годината, независно од тоа дали или не, ќе постои здравствена криза, кризата во овој сектор ќе се продлабочува, бидејќи како што кажав групните резервации како странски, така и домашни, кои се најголемиот обем од работата, до крај на годината се откажани, а нови поради тековната ситуација не се очекуваат или ќе се во многу мал обем, како и индивидуалните посети.

ФОКУС Што е со владините мерки- кои секојдневно ги слушаме и читаме по медиумите?
МУЦУНСКА Владините мерки, кои директно се насочени кон овие економски оператори, се во форма на позајмици кои треба да се вратат. Безкаматни кредити и „субвенционирање“ на плата од 14.500ден.(но не за сите вработени) и на 50% од придонесите на плата. Дополнително ова се средства кои доколку економскиот оператор не покаже загуба за 2020, треба да ги врати во државната каса, што ни укажува дека ни името субвенции-кое значи неповратна помош, не им е соодветно. Индиректните мерки насочени кон туризмот, преку потрошувачите и нивното стимулирање, со 100 евра за искористување во домашните сместувачи капацитети, се скромни и веројатно недоволни за многу луѓе со егзистенцијални проблеми, со кои се здобија поради нивната финансиска истоштеност, од периодов низ кои се минува и е прашање колку самите граѓани ќе се во можност да ги искористат. Кое пак значи дека голема е веројатноста овие средства воопшто да не стигнат да се слеат во туристичкиот сектор. По горниот коментар на реалната состојба, лесно е да се заклучи дека навистина сме оставени сами на себе, бидејќи кредитите и позајмените „субвенции“ ќе треба да се вратат, а од каде?. Мерките би биле во ред за кризен период со намален приход од 30% до 50%, но сега зборуваме за скоро три можеби и повеќе месеци со 0 приход, а и сектор кој дефинитивно ќе остане во тешка криза долго време. Голема е веројатноста дека многу од операторите, кои во периодов некако опстојуваат, на подолг период да ја изгубат битката и да пропаднат, што значи беда, сиромаштија, луѓе без работа, изгубени животи од стрес и нервози.

ФОКУС На прагот сме на летната туристичка сезона 2020. Што може да очекуваме споредбено со 2019 година? Дали очекувате некои прекомплицирани процедури за странските туристи кои теоретски нив би ги одвраќале од доаѓање во Македонија?
МУЦУНСКА Резервациите и договорите за странските групи се откажани до крај на 2020 како поради тековната криза, така и поради неизвесноста и специфичноста ,а истите се прават година до две однапред. Така да и во момент кога ќе се отворат границите и кога ќе почне некакво движење на луѓе преку нив, нови групи со сигурност нема да има. Веројатно ќе добиваме по некои индивидуални странски туристи, но како што стои сега ситуацијата, а тој тренд годинава сигурно ќе продолжи, прекуграничните патувања ќе бидат обременети со многу процедури, па ќе биде намален нивниот број на минимум. Интерниот домашен туризам  ќе постои, но исто така поради општата економска криза и намалениот обем на работа, со која се соочија најголем број од економските оператори и различните организации, ќе биде значително намален и сведен на најекономичен, најскромен, најкраток помин. Тоа се однесува како за индивидуалните туристички посети, така и за организираните настани, како семинари, работилници, тим-билдинг организации. Сакам да обрнам внимание да се прави разлика и помеѓу туризмот и угостителството, кои се надополнуваат како дејности, но се различно засегнати од кризата. Туризмот во главно го сочинуваат ентитетите кои горе ги спомнав и за кои се објаснив дека кризата ќе трае цела година, а оние кои ќе успеат да ја преживеат, задолжувањата и новите тековни инвестиции без кои нема да можат да продолжат да работат, ќе ги враќаат на крајот од 2021, 2022 и 2023. И тоа ќе ги враќаат доколку имаат успешни сезони, а доколку не, реално е дека „децата ќе им бидат во долгови“ или ќе ги изгубат и своите домови. Зборуваме за истите тие работодавци, кои беа прозвани за експлоататори и дека не се грижат за работниците.Секторот угостителство, како рестораните, кафеаните, кафулињата…, е моментално во криза, со слични инвестиции како и хотелиерите, само што со завршувањето на здравствената криза, тој ќе почне да живее, а дел од него, оној во урбаните средини дури и поинтензивно поради претходната апстиненција.

ФОКУС Според вашите информации каква е состојбата со вработените во овој сектор? 
МУЦУНСКА Во однос на отпуштања, од мои сознанија засега нема многу. Нашата земја и бездруго последниве години имаше голем проблем со недостигот на работна сила за секторите туризам и угостителство. Постоеше нејзин огромен одлив особено кога е најпотребна во високата сезона. Во многу наврати имам споменато дека со години наназад функциониравме како инкубатори за создавање на кадри, односно кој како се профилираше за работа во секторите туризам и угостителство, така и заминуваше во странство. Тоа е проблем на ниво на држава и со другите работни профили. Така да од оваа причина во секторите, работниците ги „држиме“ на работа и кога имаме реално намален обем на активности и немаме потреба од нив и затоа и во настаната криза, кој работодавец на било каков начин можеше да се снајде и по цена на додатни задолжувања и кредити, не ги отпушти работниците. А секако другата страна е и хуманоста и живеење како семејство, на малите бизниси.

ФОКУС Што Дина Муцинска- како долгогодишен туристичко-угостителски работник, па и консултант- предавач би им советувала на институциите кои се директно надлежни за туризмот? Кои мерки се неопходни на краток, а кои на долг рок?
МУЦУНСКА Од мојата прва летна работа како послужувач, до денес, повеќе од две децении, работам во секторите туризам и угостителство и како практичар и како теоретичар. Хотел Манастир е еден од првите приватни хотелски инвестиции(2004) и при тоа најавтентичен наш хотел, кој со години оддржува високи оцени (9.2-9.3) на платформата букинг.ком. Тие сведочат  за квалитетот на нашата понуда и услуга, бројните други достигнувања како на полето на консултанството, така и во креирање на туристички производи и сериозниот удел во создавање на цела туристичка дестинација. Исто така тие ми даваат кредибилитет јавно да ги споделам моите укажувања дека мора да му се помогне на секторот за да опстане, за да се спасат работните места и да профункционира повторно. Туризмот исто така поврзува многу комплементарни бизниси, кои ќе почувствуваат големи загуби од неговиот пад. Со претпоставка дека здравствената криза, во моменталниот обем значително ќе се намали или ќе згасне и ден поскоро секторот ќе почне со работни активности, за периодот кој следи ги предлагам следните мерки:

  • Мораториум за одплаќање на кредитните рати и стопирање на течење на камата, најмалку 12 месеци
  • Овозможување на кредити без камата, со грејс период од 12 месеци, за постигање на ликвидност, со полесни услови за достапност
  • Субвенционирање, без барања за поврат, на 50% од нето платата на сите вработени во секторот до крајот на 2020г.
  • Целосно ослободување од плаќање на придонеси на плата
  • Поврат на сретсвата уплатени за ДДВ за 2019г.
  • Поврат на сретствата уплатени за туристичка такса во 2019г.
  • Промена на ДДВ на 5% за угостителските услуги
  • Промена на дел од законските регулативи, сметководствени стандарди, особено за пресметката на амортизација
  • Кампањи за кревање на интерната свест за убавините на нашата држава
  • Кампањи за искористување, на природното и културното наследство во туристички цели, во духот на самоодржливоста
  • Засилена промоција на нашата земја како туристичка дестинација, како интерна, така и надворешна
  • Стратегија за туризам, скроена за нашето поднебје, во однос на нашите ресурси и специфики, функционална
  • Формирање на Министерство за туризам

Сите овие мерки се потребни за да опстојат туристичките оператори, да постанат повторно самостојно ликвидни, да застанат на сопствени нозе и да продолжат повторно да го полнат буџетот, да допринесуваат кон бруто домашниот производ и да носат свеж девизен прилив, преку дојдовниот туризам, како што го правеа тоа до сега.

Поврзани новости