Интервју со Д-р Виктор КАМНАР: Не заслужуваме пониско ниво на здравствена заштита од остатокот од светот!

by fokus

Како автор на повеќе стручни книги од областа на медицината и како еден од најмладите универзитетски професори во Македонија, доктор Виктор Камнар и тоа како имаше што да ни кажи на сите можни теми поврзани со здравството во нашата држава. Во интервју за „Фокус“ зборува за слабостите на нашиот систем, но и за најдобрите предлог-решенија базирани врз светски искуства.

Доктор Камнар е реален и не ги залажува читателите дека пандемијата ќе заврши утре, но не е ниту песимист дека таа ќе трае бескрајно. Тој им оддава најголемо признание на своите колеги, кои навистина во изминативе години херојски се покажаа и докажаа во борбата со оваа пандемија со незапаметени размери

Разговарал: Дејан АЗЕСКИ

ФОКУС: По точно едногодишна здравствена голгота, што нѐ очекува во следните неколку месеци? Дали има простор за каков било оптимизам?

КАМНАР: Оптимизмот мора да постои, посебно во вакви времиња исполнети со неизвесност и континуирано исчекување за подобро утре. За жал, во последнава година светот е соочен со непознат непријател, односно брзото ширење на вирусната инфекција – ковид 19. Сведоци сме дека интензивно се работеше во изнаоѓање адекватна заштита, односно вакцина и исто така многу важно обезбедување услови за нејзино масовно производство, сѐ со цел на оваа пандемија да ѝ се стави крај преку имунизирање на најголемиот дел од населението во светот.

ФОКУС: Колку светот ефикасно се справува со пандемијата?

КАМНАР: Гледаме дека одредени земји со голема динамика веќе вршат имунизација на своето население, а во дел од нив се забележува и намалување на заболените. Морам да истакнам дека сме далеку од крај на пандемијата, но факт е дека се направени првите чекори кон нејзиното сузбивање.

ФОКУС: Каде сме ние?

КАМНАР: За жал, мораме да констатираме дека во нашата земја, забележано е доцнење на овој процес, што придонесува кон зголемување на стравот и неизвесноста, кои долго време се веќе присутни. За среќа, добро е што еве деновиве започна вакцинацијата, па веќе имаме и слики на наши колеги, кои се разбирливо во првата група за вакцинација, што ја примаат вакцината, а не само слики од соседните земји и пошироко.

ФОКУС: Сепак, сте оптимист?

КАМНАР: Како што реков и на почетокот, оптимизам мора да постои и искрено се надевам дека во најкраток период во нашата земја ќе имаме доволен број вакцини и ќе се пристапи кон масовна имунизација. Верувам дека ние граѓаните на оваа земја не заслужуваме ништо помалку од остатокот на светот.

ФОКУС: Вакцините, поконкретно немањето доволно вакцини е рак рана на нашето секојдневие. Евидентно е дека заостануваме, не само зад развиените држави, туку и зад соседите. Дали ова можеше некако да се избегне и што сега треба и може да се направи?

КАМНАР: Ова прашање можеби треба да се насочи кон надлежните институции што се ангажирани околу процесот на договарање и набавка на вакцините. Сигурен сум дека тие би имале одговор зошто во средината на февруари не ги добивме првите вакцини, кои морам да нагласам се донација, а не договор со светските производители на вакцини.

Како што напоменав, светот веќе прави огромни напори да ја зголеми динамиката на производство на вакцината од повеќето производители, секако помината низ сите потребни контролни механизми  и на најадекватен начин да ја достави до сите земји што имаат побарување, со цел динамиката на вакцинацијата да се забрза и со тоа да се зголеми бројот на имунизирано население. Ги имаме првите резултати од навреме преземен таков чекор од одредени држави и тоа ни дава огромна надеж дека, сепак, на оваа пандемија има начин како да ѝ се стави крај.

НЕ СМЕЕМЕ ДА ЗАБОРАВИМЕ ДЕКА ИМА И ДРУГИ БОЛЕСТИ

ФОКУС: Втора критична точка со која се соочуваме е пренапрегнатоста на здравствениот систем и медицинскиот кадар. Дали ова темпо и интензитет на работа е уште долго одржливо?

КАМНАР: Чудно е тоа што човек не знае колку има сила и енергија, сѐ додека не се соочи со исклучително тешка ситуација. Тоа истото важи и за моите колеги, за чиј ентузијазам и пожртвуваност можам да најдам само пофални зборови. Секако сѐ има и граници, посебно во услови кога неизвесноста постојано се продолжува.

Неминовен е фактот дека медицинскиот кадар е веќе преуморен од континуираната борба со оваа пандемија, но верувам дека нашиот ангажман и пожртвуваност и понатаму ќе продолжи, без разлика на условите. Процесот на навремено и адекватно дијагностицирање и лекување на сите други болести, и покрај пандемијата, мора да продолжи, сепак, приоритет се пациентите и тоа секогаш ќе остане така.

ФОКУС: Со жалење можеме да констатираме дека вашата професија веќе со децении е ставена на маргините и несоодветно наградена. Дали во постковид периодот врз база на досегашните грешки конечно медицинарите ќе го добијат заслуженото место во општеството?

КАМНАР: Знаете, ова е секако мое лично мислење, а тоа е дека на медицинарите им е многу поважно заслуженото место кај пациентот и оваа пандемија го покажа тоа. Мене лично ми е многу поважна почитта и пријателството што ќе го добијам од пациентот и од неговата фамилија. Кога ќе ги видам нивните задоволни лица, знам дека моето место како доктор е оправдано, дека мојот избор да се посветам на луѓето во нивните најголеми битки е оправдано. Тоа е местото каде што се трудам постојано да бидам.

Воедно, јас верувам дека секој граѓанин, без разлика на професијата, треба да има соодветно и заслужено место во едно општество, а тоа е возможно само ако тоа општество се темели на морални и етички принципи. Принципи што како општество, сепак, треба поагресивно да се трудиме да ги градиме и да ги негуваме сите ние. Едноставно, неодржливо е секогаш да тврдиме дека некој друг ни е виновен кога работите не ни одат во посакуван правец. Домашната задача е обврска што сами мораме да ја завршиме.

МЕДИЦИНСКИОТ КАДАР ГИ ДЕМАНТИРА СТЕРЕОТИПИТЕ

ФОКУС: Државата потфрли во многу области овие денови, но, сепак, здравството некако успеа да остане на ниво на тешката задача. На што се должи тоа? Ентузијазам, наследство од социјализмот или нешто трето?

КАМНАР: Тоа се должи на луѓето од медицинскиот персонал што се дел од тој здравствен систем. Јас ви ја разбирам вашата зачуденост, бидејќи набљудувајќи од страна, најверојатно ви изгледа неверојатна таа издржливост и пожртвуваност. Но, доколку со нив работите со години, некогаш и по 24 часа на ден, ќе знаете дека тие се истите луѓе од пред една, пет, десет години и тие се долго време веќе дел од тој здравствен систем и со истата пожртвуваност како првиот ден на нивното работење.

Единствено ми е жал што тоа е видливо само во вакви услови. Голем дел од здравствените работници, за жал, се инфицираа од ковид 19 .На своја кожа го почувствуваа тоа искуство, изгубивме и некои од нашите колеги, за кои искрено и од срце жалам. Ненадоместлива загуба, која нема зборови  да се опише.

ФОКУС: Врз база на целото тешко искуство во овие месеци, кои лекции ги научивме? Кои реформи му се неопходни на здравството во иднина?

КАМНАР: И покрај тоа што од осамостојувањето на нашата земја беа воведувани бројни реформи во македонското здравство, сепак, неопходни се нови, конкретни и подобри промени. Главната цел на тие реформи е да се подобри инфраструктурата на болничките капацитети со цел да се подобрат условите за пациентите и целокупниот медицински персонал.

ФОКУС: Од каде Вие би тргнале?

КАМНАР: Неопходна е инвестиција во опремата и несомнено строго дефиниран начин за планирање и инвестиција во кадровските потенцијали на земјата. Потребна е дигитализација и софтверско поврзување на здравствениот систем, со што би се оптимизирале расходите и би се имало увид што е тоа што осигурениците добиваат, а државата го плаќа.

Тоа е подолготраен процес, кој мора да се почне побргу за да роди плод порано, со тоа ќе се подобри и врати довербата првенствено во државното здравство и ќе се оправдаат придонесите, кои нашите граѓани ги плаќаат целиот работен век.

ФОКУС: А, што е со приватното здравство?

КАМНАР: Потребно е да се направи поголем мост и со приватното здравство, бидејќи луѓето што работат таму се истите што работеле претходно во државното, а сведоци сме на повторно мигрирање назад.

Тоа ни покажува колку јавното и приватното здравство се меѓузависни и можат да се дополнуваат. Сѐ поограничени сме и со медицински кадар, кој пред пандемијата масовно се одлеваше на Запад.

Значи треба да најдеме финансии и за плати и за опрема и за медицински услуги. Односно, да го реформираме јавниот здравствен фонд и да ги осигураме и услугите за пациентите согласно приходите и издатоците за персоналот и опремата, трудејќи се да го задржиме и унапредиме. Здравството е скапа област, но здравјето нема цена. Впрочем, пандемијава нѐ потсетува на приоритетите.

НЕ ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ПРЕМНОГУ КРИТИЧНИ КОН СЗО

ФОКУС: Големи критики од светската јавност има на сметка на СЗО, за кои се вели дека се само протоколарна и виртуелна организација. Дали таа перцепција е точна или погрешна?

КАМНАР: Видете, мојот личен став е да не оценувам нешто на кое што сум само надворешен набљудувач, но, сепак, мораме да си признаеме  СЗО е организација со повеќе од 7 децении постоење и во неа членуваат 195 држави. До сега сведоци сме на успешно спроведување на многу програми за борба против ендемски болести, спречување многу епидемии, воведување протоколи и спроведување кампањи за превенција и борба на многу болести и состојби што се закана за човештвото. Затоа никако не сметам јас лично дека се работи само за протоколарна институција.

Имено, во овие времиња не треба да бидеме премногу критички настроени, имајќи го фактот дека целиот свет се соочува со досега непознат непријател и секој чекор во насока на негово совладување е исполнет со неизвесност.

ФОКУС: Втор проблем што се констатира глобално е фактот дека ние не можеме да се потпреме на нашите сојузници кон кои се стремиме. Па така, ниту од ЕУ ниту од САД досега немаме добиено никаква поддршка. Дали тоа значи дека треба и понатаму да останеме лојални или спасот да го бараме во алтернативни извори на вакцини?

КАМНАР: Добро, морам да признаам дека никогаш не сум бил приврзаник кон таа теза, што, за жал, многу долго време владее меѓу нас, а тоа е дека поголемиот дел од светот е против нас и ние сме несфатени и неприфатени бидејќи сме мала земја.

Точно е дека сме мала земја по територија и население, дел од проблематичниот Балкан, со години соочена со најразлични политички, етнички и економски предизвици, но факт е дека некогаш треба да се погледнеме и самите себе. Можеби не секогаш решенијата на проблемите лежат надвор од нашите граници. Покрај апликација како држава за добивање одредени дози вакцини преку различни механизми, сепак, видовме дека постојат и други начини на нивно обезбедување.

ФОКУС: Што треба да се направи?

КАМНАР: Во услови на глобална пандемија, сведоци сме дека земјите се вртат сами кон себе, мобилизирани се да обезбедат што е можно повеќе дози за своите граѓани, дури и повеќе од колку што им е потребно. Па, видовме и самите кај нас, првата пратка за имунизација на здравствениот персонал беше од донација. Затоа неопходно е за заштитата на здравјето на нашите сограѓани да се користат сите понудени можности за набавка на вакцини, а не да се чека на донации во количества далеку помали од потребните.

ФОКУС: Дали е нормално за луѓето толку долг период да бидат под пресија, неизвесност и страв. Како сево ова долгорочно ќе се одрази на нашето здравје?

КАМНАР: Секако, постоењето континуиран страв и неизвесност не е добро за здравјето на луѓето. Сепак, секој поединец различно реагира при соочување со тешкотии. Можам да увидам дека постојат луѓе што цело време се придржуваат кон здравствените препораки, додека други, пак, ќе ги најдете во преполните кафеани. Така што, и покрај тоа што изгледа дека стравот и неизвесноста се постојано присутни, сепак, секој на различен начин се справува со нив.

Но, факт е дека ќе мора да почекаме уште за олабавување на мерките, многу важно слободното патување во странство, особено во постковид периодот, бидејќи ќе бидат наметнати и други регулативи за кои слушаме дека се спомнуваат, како ковид пасоши или нов тип визи. Сето тоа несомнено ќе влијае врз нас како луѓе да се ослободиме од перцепцијата на затвореност, потребата за патување, не само туристичко, туку и деловно, секако ќе се одолжи и сигурно ќе влијае врз нашиот ментален, но и социјален  статус.

ФОКУС: За крај прашањето што сите нѐ интересира. Дали некогаш ќе се најде вистинската причина за оваа пандемија? Кое е вашето стручно или општочовечко мислење?

КАМНАР: Овде можам да кажам само што јас лично мислам без никакви достапни факти и докази, а тоа е дека зад вакви големи работи, без разлика дали се од политичка, економска, здравствена, социјална природа, секогаш постои причина зошто тие се случуваат. Сепак, едно е сигурно, за оваа здравствена криза ќе се пишува и ќе се дебатира уште долго, на оваа тема ќе има многу работи, кои ќе излезат на виделина со текот на времето и издржани заклучоци би се носеле од една историска дистанца. Едноставно, овие работи се премногу големи и со преголемо влијание за светот воопшто да се препишат на некоја случајност.

ИНТЕРВЈУТО е дел од специјалниот прилог на Фокус за Постковид опоравување кој е подржан од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Британската амбасада во Скопје.

 

Поврзани новости