Интервју со Богоев: Јакимовски финансиски ја колабираше општината и ја претвори во дивоградба

by Fokus

Стефан Богоев е речиси три години градоначалник на скопската општина Карпош. Тој во ингтервју за „Фокус“ раскажува за сите предизвици со кои се соочил откако седнал на градоначалничката фотеља, во каква состојба ја затекнал општината, дали имало долгови и што се тој направил како прв човек на Карпош. 

Разговараше Ирена Мулачка

ФОКУС Веќе три години сте градоначалник на Карпош, во каква состојба ја затекнавте општината?
БОГОЕВ Да, скоро три години сум градоначалник на една од најзадолжените општини во нашата држава. Така да, Карпош ја затекнав во прилично лоша финансиска кондиција, со долг од речиси 18 милиони евра, кој и до ден денеска е реален проблем за нормално функционирање на општината. Со поддршка од Владата се сервисираше дел од долгот, но тоа не беше доволно, затоа што неодговорното финансиско работење тука било пракса повеќе години. Финансиски колабирана општина, во која граѓаните ја имаат загубено довербата. Вака, со една реченица би го опишал затекнатото. Сега, со сите сили работиме да ја менуваме оваа слика.

ФОКУС Имаше ли превработеност?
БОГОЕВ Апсолутно. Превработеноста беше констатирана и во Извештајот на Државниот завод за ревизија, кој беше изготвен нешто по моето доаѓање на функцијата градоначалник. Имавме примери на голем број службеници кои земале плата, а не доаѓале на работа. Истите биле ангажирани преку агенција за привремени вработувања и на голем број од овие случаи не им беше продолжен договорот.

ФОКУС Дали вашиот претходник Стевчо Јакимовски работел законски?
БОГОЕВ Јас не сум орган кој кажува дали некој работел законски или не. Но, како што спомнав претходно, добро е што имаме извештај за материјално – финансиското работење на Општина Карпош од институција како Државниот завод за ревизија. Овој извештај и јавно го презентирав (во април 2018) и го доставивме до Основното јавно обвинителство и Управата за финансиска полиција. Тука се констатирани повеќе злоупотреби, како штo e: ненаменско трошење на средства добиени како долгорочен кредит од деловна банка. На пример, кредитот бил земен за финансирање на активности во област на инфраструктура и реконструкција на градинки, а истиот се трошел за сервисирање на стари долгови. Потоа, 618 илјади евра од Буџетот на Карпош се доделиле само за еден кошаркарски клуб, „Карпош Соколи“ – без да се даде извештај за што се потрошиле парите. Нотирани се и сериозни забелешки за новата општинска зграда која се градеше на местото на старите општински бараки (долж „Партизански одреди“), а проектот не е одобрен од Советот. За новата општинска зграда е земен и наменски кредит од 1,4 милиони евра, кој бил потрошен за други потреби. Денеска, Општина Карпош е лоцирана во бараки – дивоградби. Општината која треба да се бори против дивите градби е сместена во дивоградба. Ова е само капка во морето од тоа што на дневна основа го гледаме и излегува на површина. Прашањето е дали Јакимовски барем нешто направил законски!? Сепак, извештаите од ДЗР, истражувањата на новинарите, не треба да бидат само материјал за интервју туку повод за отворање и завршување на постапки. Како земја која ги отпочнува преговорите со Европската Унија мора да покажеме дека амнестиите и „пазарењето“ се наше црно минато и секој што сторил криминал мора да одговара. А, секое кривично дело има име и презиме. Затоа, очекувам и одговорност за урбанистичкото злосторство кое се изврши во Тафталиџе. Доставени се голем број на докази од наша страна, предметите треба да добијат разрешница, а не да заглават по судските лавиринти.

ФОКУС Во моментов државата се соочува со корона кризата. Кој е вашиот став околу ова прашање?
БОГОЕВ И државата, преку Владата и ресорните министерства, но и Карпош, Градот Скопје, а и сите други општини се соочени со корона кризата и на различни начини се справуваме. Сметам дека покажавме добра подготвеност и мобилизираност. Тука, пред се би ја истакнал работата на здравствените власти, Комисијата за заразни болести и секако министерот Филипче, кои навремено реагираа за да се спречи ширењето на Ковид – 19. За жал, главен проблем е неизвесноста и недостатокот на информации. Дури и Светската здравствена организација нема целосни и точни информации за вирусот. Тоа значи дека треба уште да бидеме внимателни и да не се опуштаме. Карпош продолжува со секојдневното миење и дезинфицирање на улици, тротоари и јавни површини. Периодов делевме и заштитни маски, дезинфициравме згради, градинки и училишта. Корона кризата не обедини, не научи на некои основни работи, но и го покажа нашиот менталитет. Деновиве, како сите да го губиме трпението и да сакаме да се вратиме на нормалните навики и рутини. Тоа е разбирливо, но да бидеме одговорни. Да носиме заштитни маски, да одржуваме растојание и да не се групираме, за колку што е можно побрзо да заврши овој вирус, кој очигледно ќе ја обележи 2020 година.

ФОКУС Сметате ли дека Северна Македонија располага со здравствени капацитети и доволно медицински кадар за да се соочи со опасниот непријател?
БОГОЕВ Како што гледавме сите, се прават напори за да се зголемат здравствените капацитети. Јас имам и повеќе другари и соработници – доктори кои се сега на располагање на здравствените власти и на повик, за било каква потреба и помош за намалување на последиците од вирусот. Со сигурност никој не може да каже дали капацитетите се доволни, затоа што и системите на многу поразвиени и побогати земји „колабираа“ пред коронавирусот. Добро е што умееме да ја контролираме кризата, сега за сега, но тоа не е знак дека треба да се опуштиме, особено кога гледаме дека има некоја константа во бројот на заболени лица на дневно ниво.

ФОКУС Општина Карпош е првата локална самоуправа која воведе е-настава поради прекинот на воспитно образовниот процес поради ширењето на Ковид19?
БОГОЕВ Да, први инициравме е – настава, иако наставниот дел не е под наша надлежност. Ние сме задолжени за одржување на инфраструктурата во основните училишта. Сепак, дојде идеја дека седењето на учениците дома може да биде продуктивно и корисно. Разговаравме со претставниците од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, презентиравме нацрт верзија на Google drive, а потоа овој пример, заедно со други платформи се пренесе на национално ниво.

ФОКУС После два ипол месеци како функционира онлајн наставата?
БОГОЕВ
Ако има нешто добро од оваа криза, тоа е online наставата. Ми пристигнуваат голем број на коментари од родители дека нивните деца сега учат повеќе од порано. Секако, директната и непосредна комуникација, учењето на час на може да се замени, но кризата отвори можности во делот на е – образованието. Сметам дека и по Ковид – 19 треба да се задржат сегменти од овој начин на учење.

ФОКУС Во неколку наврати досега вашето име беше поврзувано со Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Може ли да ни кажете за што точно се работи?
БОГОЕВ
Секој еден кој имаше фотографија со Бојан Јовановски автоматски се поврзува и со случајот „Рекет“. Тоа за дел од медиумите, јавноста и политичкиот противник е привлечно, интересно, но фотографиите се едно, а фактите друго. Јас бев повикан како сведок, со моето сведочење во Основното јавно обвинителство да помогнам во постапката во случајот „Рекет“. Се што имав како информации ги дадов на институциите.

ФОКУС Дали сте се договорале со него за некаква бизнис соработка?
БОГОЕВ
Нема никаква бизнис соработка. Уште на почетокот бевме отворени и лично ги повикав сите институции кои ги гонат сторителите на кривични дела да дојдат во Карпош, да проверат документација и фактичка состојба.

ФОКУС Што се направивте за време на вашиот мандат како градоначалник на општина Карпош?
БОГОЕВ
Иако почетокот на интервјуто го започнав со наследените долгови, што дефакто постојат и се реалност, горд сум што не застанавме со развојот на Карпош. Пред се, сериозно работиме на надоместување на изгубеното зеленилото. Никој не може да биде слеп на агресивната урбанизација која се случи во Карпош (особено во делот околу Тафталиџе 1). Затоа одговараме со многу повеќе зелени површини и трајна заштита на јавниот простор. Подигнавме 1.250 м2 нови тревни површини, a засадивме 643 нови висококвалитетни, повеќегодишни дрвја. Работиме на два паркови, кои ќе претставуваат една целина. Кај Алпинистичката карпа во завршна фаза е Спортско – адреналинскиот парк, каде што ќе има терени за фудбал и одбојка на песок, скејт парк, сквер, детско игралиште и адреналински дел. На овој потег, во должина, до бунарите на р.Лепенец се чисти и рамни теренот, исто така, за нов парк, на 60.000 м2. Ова беше простор кој со децении претставуваше „урбана“ скопска депонија, каде што се палеа огнови на отворено.Кога сме кај трајна заштита на јавниот простор, сакам да ја посочам салата „Партизан“ која ја вративме во владение на Карпош. Избравме идеен проект и веќе се работи на основниот проект за реконструкција на салата. Тука ќе ја покажеме разликата. Затоа што со години свесно се уништуваше оваа сала, со намера да прерасне во ново градилиште. Ова не го дозволивме. Вложуваме и во јавната хигиена, со тоа што набавивме 2 цистерни за секојдневно миење на сервисните улици. Онаа слика, која ја паметат старите карпошани и скопјани – повторно станува реалност. Улиците секојдневно се мијат. Направивме многу и на полето на детска заштита. Имаме нова градинка во Бардовци, која згрижува 78 деца, како и нов објект на градинка во Тафталиџе 2. Сериозно вложуваме во периферните делови. Како со новата градинка во Бардовци, така и со подобрувањето на инфраструктура во Криви Дол, подготовка за нова водоводна мрежа во Нерези и сл. Периодов инвестираме и во разубавување на маалските јавни површини. Имаме ново и уредено зеленило кај Драмски, во Карпош 2. Паралелно се работи и на зелените површини и системи за наводнување во „Лептокарија“ (Карпош 3), меѓу зградите на „Московска“ во Тафталиџе, кај воените кули во Нерези, на ул. „Женевска“ во Тафталиџе 2 и на ул. „Иван Аговски“ во Карпош 1. Започнавме и со изведбата на зелен и спортско – рекреативен центар во училиштето „Лазо Трповски“, во Карпош 3. Се работи на нови терени за кошарка, мал фудбал, ракомет и сервис, но и на фитнес дел и детско игралиште. Целта е секоја населба да има одреден маалски центар, каде што граѓаните почесто ќе поминуваат дел од своето слободно време, ќе се дружат, ќе споделуваат моменти и маалски приказни. Карпош бил познат по маалски соживот. И вреди да го вратиме истиот. Поконкретно за сообраќајната инфраструктура, целосно се реконструирани улиците „Њуделхиска“ на Млечен, „Карпошово востание“ во Карпош 3, „Даскал Камче“ во Карпош 1, „Варшавска“ во Тафталиџе (каде што имаме и нова водоводна и канализациона мрежа), а Градот Скопје ги обнови „Московска“, „Љубљанска“ и дел од булеварот „Партизански одреди

ФОКУС Кога според вас треба да се одржат предвремените парламентарни избори?
БОГОЕВ
Мислам дека премногу си даваме свои толкувања, а малку гледаме што вика правото и тоа што како закон или овој период уредба е донесено. Секако, се наоѓаме во прилично сензитивен период и мојот став е дека здравјето на граѓаните е најважно. Исто така, дневните партиски препукувања на никој не одат во прилог. Сметам дека штом се создадат услови и соодветен протокол за организирање на избори – истите треба да се случат. На Македонија и е потребна стабилна Влада и Собрание, кое ќе треба да се справи и со сериозна економско – социјална криза предизвикана од коронавирусот. Преку свесно, а не аргументирано пролонгирање на денот на изборите нема да имаме помалку заболени од коронавирус, но ќе имаме институции со спорен легитимитет. Овие денови слушаме за „новата нормалност“. Како млад политичар, градоначалник сметам дека таа „нова нормалност“ не смее да ни донесе нови маратонски преговори, десетици лидерски средби, надмудрувања и различни толкувања. Премногу време изгубивме изминатите години водејќи вакви битки. Сега сме пред сериозен тест. Потребни се легитимни институции кои ќе имаат исклучително тешка работа и ќе бидат соочени со криза, но и институции кои ќе треба да отвораат европски поглавја.

 

Поврзани новости