Поради постоење висок ризик јавните функционери да го евидентираат на туѓо име имотот стекнат на нелегален начин, а по завршување на функцијата да си го префрлат на свое име, како неопходност се наметнува потребата од донесување на закон за потекло на имотот на граѓаните на РСМ, вели претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска во мини-интервју за Фокус, по повод на најавите на владата за проверка на имотот на јавните функционери.
Влатко Стојановски
ФОКУС Речиси сите политички партии, вклучително и оние што го формираа новото парламентарно мнозинство, во предизборието најавија процес на таканаречен ветинг во судството и проверка на имот на јавните функционери. Дали некој досега ја консултирал Антикорупциската комисија во однос на тоа?
ИВАНОВСКА Не, политичките партии досега ниту ја консултирале ниту треба да ја консултираат ДКСК за своите изборни програми. ДКСК, согласно ЗСКСИ, прави проверка на вистинитоста на податоците внесени во изјавата за имотна состојба и интереси. Доколку постои основано сомневање дека имотот на лицето, кое согласно ЗСКСИ е должно да поднесе изјава за имотна состојба и интереси, е несразмерно зголемен во споредба со неговите редовни примања и примањата на неговото семејство, ДКСК поведува постапка за испитување на имотната состојба.
ФОКУС Според вашите сознанија или размислувања, како би се спровела ваква обемна постапка за скенирање на имотната состојба на јавните функционери? Дали е потребна нова законска рамка, според кои критериуми би се правел изборот и каква методологија би се користела?
ИВАНОВСКА Поради постоење висок ризик јавните функционери да го евидентираат на туѓо име имотот стекнат на нелегален начин, а по завршување на функцијата да си го префрлат на свое име, како неопходност се наметнува потребата од донесување на закон за потекло на имотот на граѓаните на РСМ. Единствено на тој начин може да се воспостави целосна, односно клучна контрола врз недвижниот имот на граѓаните на РСМ. До донесување на закон за потекло на имотот на граѓаните на РСМ, ДКСК врши проверка на имотната состојба согласно важечките законски одредби.
Критериумите за избор на примерок зависат од ризиците од корупција поврзани со извршувањето на функцијата. На пример, со цел да извршиме објективен избор на судии кои ќе бидат опфатени со годишниот план за проверка на имотната состојба, до Судскиот совет доставивме барање за податоци кои се однесуваат на број на предмети во работа за последните 2-3 години, број на решени предмети по судија за секоја година, број на заостанати и застарени предмети, број на предмети за кои по жалба пред повисок суд донесени се различни одлуки од претходно донесените, број на доставени поплаки за судиите до Судски совет итн. Но, во отсуство на аналитичка евиденција, Судскиот совет не можеше да ни ги достави бараните податоци поради што за избор на примерок за проверка на имотната состојба кај судиите ќе мора да одбереме друга соодветна статистичка метода.
ФОКУС Кои други институции покрај Антикорупциската комисија би требало да се вклучат?
ИВАНОВСКА Важни во овој процес се сите институции кои имаат контролна улога врз работењето (пример: Судскиот совет за судиите, Советот за јавните обвинители за јавните обвинители и сл,) но важни се и оние институции кои имаат допирни точки со евидентирање на движниот и недвижниот имот, особено од аспект на квалитетна контрола на поднесените документи и намалување на ризикот од фалсификати.
ФОКУС Какво е вашето мислење околу воведувањето на функцијата вицепремиер за антикорупција?
ИВАНОВСКА Борбата со корупцијата не е лесна, напротив – многу е комплексна, а успехот е поголем доколку е искрена. Низ оваа призма гледано, очекувам дека справувањето со корупцијата ќе зајакне.
ФОКУС Како сте задоволни од досегашната работа и учинок на Комисијата во овој состав, сметате ли дека во некој сегмент можеше повеќе?
ИВАНОВСКА Работејќи во непроменети услови (просторни, материјални, човечки, а што е најважно и софтверски), ДКСК го даде својот максимум и испорача различни резултати од претходно.