ИНТЕРВЈУ Савески: Апасиев од Левица сака да направи сателит на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Очите на јавноста веќе некое време се свртени кон партијата „Левица“, каде се случуваа превирања и поделба во две фракции. Поради тоа „Фокус“ направи интервју со предводниците на двете фракции, Здравко Савески и Димитар Апасиев, за да се чујат двете страни на приказната.


Здравко Савески е доктор на политички науки, синдикалец и активист. Познат предводник e на левичарското движење во Македонија, основач на левичарските организации Солидарност и Ленка. Неговиот политички активизам кулминираше кога во 2015 година беше уапсен поради неговото учество на протестите пред кабинетот на претседателот, против аболицијата која ја потпиша Иванов. Вели дека правната битка се уште не е завршена.

Разговараше: Маја ВАСЕВА

ФОКУС: Што мислите за средбата меѓу Силјановска и Апасиев? Се коси ли тоа со идеологијата на Левица?

САВЕСКИ: Силјановска е кандидат за претседател на десничарска партија, која, исто како СДСМ, им слугува на интересите на капиталот. Левица е партија која ги штити интересите на работниците, сиромашните и обесправените. Оттука, каква била поддршка за некој од кандидатите на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ се коси со идеологијата на Левица. А дури и самата средба, во услови на изборна кампања, сама по себе е изразување поддршка.

ФОКУС: Зошто тврдите дека средбата е за фотелја?

САВЕСКИ: Веројатно се имаат договорено, во случај на победа на Силјановска, Апасиев да биде советник во нејзиниот кабинет. Можно е договорот на Апасиев со Мицкоски да вклучува поддршка за Силјановска за потоа Левица, ако пучот на Апасиев успее, да влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и Апасиев да добие на таков начин пратеничко место. А Левица да стане новата Социјалистичка партија на Ѕинго. Ние не можеме да знаеме што Апасиев се има договорено со ВМРО-ДПМНЕ, но дека тој човек одработува за ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од јасно.

ФОКУС: Дали би оствариле вие средба со некој од кандидатите?

САВЕСКИ: Не. Тие се кандидати на двете корумпирани врхушки што го осиромашија народот во овие три децении и не заслужуваат човек да им даде легитимитет, остварувајќи средба со нив.

ФОКУС: Како дојде до судирот во Левица и каква улога во тоа имаше отвореното противење на Апасиев за Договорот од Преспа?

САВЕСКИ: Левица е против Договорот од Преспа. Тоа е договор кој беше наложен од САД со цел остварување на неговите геополитички интереси на Балканот и Европа. Тоа е договор кој нема да ги подобри односите помеѓу македонскиот и грчкиот народ, кој нема да го намали национализмот, туку, напротив, ќе отвори терен за националистичките сили во двете земји дополнително да го заведуваат народот. И тоа е договор кој нема ама баш никаков легитимитет, кој е истуркан во Собранието преку поткуп, амнестии и менување на Кривичниот законик.

Проблемот со Апасиев е што немаше идеолошка зрелост да направи разлика помеѓу критиката на Договорот од Преспа од левичарски позиции и запаѓањето на отворени националистички позиции. Но, за тоа што тој реши преку фалсификување документи да изврши пуч во Левица далеку од тоа дека се должи на идеолошки причини. Тој влезе во дослух со раководството на ВМРО-ДПМНЕ и веројатно му е ветена одредена лична корист ако одработи и од Левица направи сателит на ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи обидите преку статутарен пат тоа да го оствари не му успеаја, тој се одлучи преку фалсификување документи да изврши пуч во Левица.

ФОКУС: Беше ли судирот испровоциран од надворешно влијание? Апасиев тврди дека во Левица има пучеви и расколи секој пат пред избори?

САВЕСКИ: Да, токму пред избори во Левица и претходно имаше сериозни судири. На парламентарните избори луѓе кои беа во дослух со СДСМ се обидоа да извршат пуч во Левица. Ситуацијата во Левица е уште еден од многуте примери како СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ делуваат, преку поткуп и репресија, да ја уништат секоја трета партија која ја чувствуваат како закана.

ФОКУС: Апасиев објави одлука на судот со која тврди дека останува единствен правен застапник на Левица. Што ќе следува по ова? Ќе ја обжалите пресудата, но што потоа? Што доколку и повисоките судски инстанци одлучат исто?

САВЕСКИ: Точно е дека првостепената судска одлука е донесена во корист на Апасиев. Но, самата таа одлука е вистински срам за целото судство и има далекусежни реперкусии по онаа дефектна демократија што наводно ја имаме. Судот својата одлука ја донесе, на пример, уважувајќи мејл наместо записник на орган на Левица кој има печат и потпис. Конкретно, еден член на Президиумот на Левица пиша мејл дека дава оставка. После тоа, на седницата на ЦК таа оставка е повлечена и тоа е запишано во записникот на кој има и печат и потпис. А судот решава дека релевантен е мејлот, а не записникот. Има многу други вакви небулози во одлуката на судот.

Ако ова помине, тоа ќе значи дека секој правен застапник во секоја партија ќе може отворено да го крши Статутот, да разрешува секого што не му се допаѓа, да воспостави апсолутна власт во партијата – само зашто го владее печатот на партијата. И, ако некој се жали против тоа – судот ќе пресуди во корист на владетелот на печатот.

Ќе ја обжалиме одлуката на првостепениот суд на апелација. Се надеваме дека таму ќе наидеме на повеќе сенс за владеење на правото. Но, самата одлука на првостепениот суд за нас е сериозна индикација дека правда по судовите, кога ќе се вмешаат во тоа СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, е наивно да се очекува.

ФОКУС: За Први мај секогаш има паралелни протести. Зошто е невозможно да се обедини синдикалното движење?

САВЕСКИ: Оваа година имаше четири протести за Први мај, три на синдикатите и четвртиот нашиот, против приватизацијата на јавното здравство преку т.н. јавно-приватно партнерство. Голем дел од синдикалните позиции се заземени од луѓе кои единствено ги интересира фотелјата и кркањето пари на сметка на работниците. И, кои, за да ја задржат фотелјата, им слугуваат на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа ги спречува вистинските синдикалци, кои дефинитивно ги има, да испливаат на површината, и да го организираат работничкото движење. За жал, корумпираното однесување на синдикалните газди го нарушува легитимитетот и на овие искрени синдикалци, кои ни криви ни должни, наидуваат на недоверба кај работниците, кои не им веруваат и ним. Ако некогаш се успее вистинските синдикалци да застанат на чело на синдикатите, ќе има и заеднички и моќен протест за Први мај, од кој властите сериозно ќе се плашат.

ФОКУС: Како ги толкувате резултатите од првиот круг на претседателските избори. Дали на народот, и тоа цел народ, и Македонците и Албанците, и урбаните и руралните, конечно му пукна филмот од големите партии и им сврте грб? Има ли тука шанса за некоја нова политичка сила, како на пример вашата партија или, пак, за некоја широка коалиција, здружена опозиција, сенароден фронт?

САВЕСКИ: Ваков силен шамар како во првиот круг на претседателските избори корумпираните врхушки на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ досега немаа доживеано. Во првиот круг стана јасно дека тие веќе не можат да очекуваат дека така лесно ќе го лажат народот и понатаму, нудејќи им празни надежи пред избори, а по избори гледајќи како да украдат што повеќе пари. Вашиот циркус нас повеќе не не’ интересира – тоа е силната порака од првиот круг.

Но, не мислам дека ова е шанса за некоја нова опција. Најискрена да биде, од најпаметните и најчесните луѓе во Македонија, нема да им дадат поголема поддршка. Зашто луѓето се едноставно разочарани од секого. Имаме сериозна криза на претставувањето, која ќе владее во следниот период. Само по себе, тоа не е и лошо. Луѓето се освестија во голема мера дека циркусот од демократија што се прави во негово име – повеќе нема да се прави со нивно учество. Дали тој револт на народот од корумпираните врхушки понатаму ќе се успее да се насочи во вистинска насока, односно ќе се искористи за да се воспостави власт во корист на обичниот народ наместо да им се дозволи на корумпираните врхушки да владеат без народот – е големото прашање на нашата блиска иднина.

ФОКУС: Веќе е извесно дека стануваме членка на НАТО, нешто што се слави како голем успех на актуелната Влада. Нивните аргументи се дека Северна Македонија со ова ќе ја добие безбедноста во и онака нестабилниот регион. Заев и Пендаровски предупредуваа и на опасност која би се излеала како резултат на спорот меѓу Србија и Косово.  Како гледате на тоа?

САВЕСКИ: Членството во НАТО е далеку од завршена работа. Унгарија и Турција сѐ уште го немаат ратификувано договорот и не мислам дека тоа ќе се одвива така подмачкано во овие две земји. НАТО си има сериозни внатрешни проблеми, кои далеку од тоа дека можат да се пренебрегнат.

Во светски рамки веќе во голема мера се разгори новата Студена војна помеѓу САД, од една страна, и Кина и Русија, од друга страна. Тоа често ќе има катастрофални реперкусии за многу народи кои ќе се најдат на линијата на огнот. Тоа особено го гледаме во Сирија и Украина. Најновиот притисок на САД, да ја затвори „балканската дупка“ на НАТО, во чиј склоп беше и притисокот за склучување на Договорот од Преспа, нема да оди така подмачкано и ќе предизвика нови тензии на Балканот. Тоа сигурно ќе го искористи Русија и Балканот, уште еднаш, ќе биде поприште на судирот на империјализмите. Решението против тоа е јакнењето на соработката помеѓу балканските народи, недозволувањето корумпираните врхушки што не’ владеат, да нѐ вртат едни против други, за нивни интерес и за интерес на нивниот империјален господар.

ФОКУС: Кои се вашите амбиции во политиката? Ве гледавме како предводник на многу протести? Политички сте независен, против секоја власт, ги критикувавте и вашите соборци од Шарената револуција што преку партија седнаа на функција? Дали имате намера да им се спротивставите од пратеничките клупи?

САВЕСКИ: Јас по убедување сум социјалист. Моето политичко дејствување е во насока на воспоставување власт која ќе работи во интерес на обичниот народ, а не во интерес на крупниот капитал. Во Македонија ако не се крадат толку пари, ако не се трупаат толкави богатства на грбот и на маката на работниците, има доволно пари за пристоен живот на обичниот народ и повеќе од тоа.

Јас ќе продолжам да се борам. Таа борба воопшто не е лесна. И јас веќе платив огромна лична сметка поради таа борба. Сметка што нужно ги наметнува прашањата: за кого и дали вреди? Но, голем број социјалистички борци настрадале и настрадуваат далеку повеќе отколку тоа што е во мојот случај. И нивниот пример ми дава сила да истраам.

ФОКУС: Во каква состојба се работничките права во земјава? Што би направиле за да ги подобрите и што мислите за реформите во овој дел на актуелната Влада? Ја зголемија минималната плата, ги обесштетија стечајците.

САВЕСКИ: Сето тоа се фрлање трошки. И мислам дека конечно, по три децении, луѓето почнаа да сфаќаат дека им фрлаат трошки. А тоа, за наши услови, е голем исчекор напред. Ја зголемија минималната плата? И пак четиричлено семејство со двајца вработени кои земаат минимална плата имаат помали приходи од минималната синдикална кошничка, која го дефинира најосновниот минимум за живот кој нема да биде сведен на преживување. А што правиме со социјалната помош? Тие луѓе располагаат со средства за живот од 50 до 100 денари дневно. Власта реши да им ги зголеми социјалните надоместоци, но се караат СДСМ и ДУИ, ниту на едните, ниту на другите социјалната помош не им е приоритет, па еве веќе речиси половина година тие пари никако да дојдат до примателите на социјална помош.

А што правиме со трошоците? Банките оваа година повторно остварија рекордна добивка? Врз основа на што? Од небо им падна добивката, или од легализираниот грабеж на граѓаните? Што треба да прави власта во врска со тоа? Да седи со скрстени раце? Рекордери станавме по загадување! Тоа предизвикува болести! А тоа значи голем пораст на трошоците за лекување. Во меѓувреме власта бара изговори да ги намали, а не да ги зголеми вложувањата во јавното здравство. И ситуацијата сѐ повеќе се сведува на: имаш пари – ќе се лечиш; немаш пари – земај кредит, собирај донации или – умри! И власта ја зголемила минималната плата…

На работниците им фрлаат трошки, на газдите им овозможуваат невидени профити на сметка на народот. Ама, вистината за тоа, конечно, по три децении, почнува да се сфаќа од поголем број луѓе.

ФОКУС: Бевте еден од најистакнатите демонстранти на протестите пред кабинетот на Иванов, за што добивте и куќен притвор? Не добивте ли порив да излезете на протест кога се изгласа законот за амнестија со кој беа амнестирани осомничените за терористичко загрозување на уставниот поредок при упадот во Собранието?

САВЕСКИ: Јас излегов, заедно со други активисти, на протест поради бегството на Груевски, барајќи одговорност од власта поради покажаната некадарност или сплеткарење што го овозможи бегството. Но, не бевме во голем број. А тоа е резултат на длабоката разочараност во која се наоѓа нашиот народ. Но, таа не може долго да трае, за жал, зашто допрва нѐ чекаат лоши работи ако продолжиме да молчиме.

Инаку, судскиот процес против мене (и против Мариглен Демири и Владимир Куновски) уште трае. Веќе повеќе од три години. Со свесна намера да нѐ казнуваат преку влечкање по судови.

ФОКУС: Од друга страна го поддржавте СЈО. Што мислите за преговорите со кои се решава судбината на ова обвинителство? Ја убија ли политичките партии последната надеж за воспоставување на правна држава?

САВЕСКИ: СЈО е едно од најголемите разочарувања за учесниците во Шарената револуција кои не се полтрони на СДСМ. Колку само пари натрупаа обвинителите на СЈО во своите џебови! И за што? За да играат како што им свират од СДСМ! Судството продолжува да биде алатка на корумпираните врхушки на власт. Од гледна точка на правната држава и демократијата, ирелевантна е „судбината“ на СЈО. Од гледна точка на правната држава и демократијата единствено е важно прашањето: до кога корумпираните врхушки на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе го држат во своите канџи судството?

Поврзани новости