Заев ја искоментира изјавата на Османи: Треба да научиме да ги почитуваме законите

by fokus

Законите во нашата земја се јасни и прецизни и тие треба да се почитуваат. Се знае кога се користи знаме на етничка заедница и во какви околности, со кои димензии една третина, две третини и си има обележје како тоа се користи. Постојат закони и толку години зборуваме како се користи знамето и треба да се научиме дека треба да се почитуваат законите комплетно, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање како ја коментира изјавата на вицепремиерот Бујар Османи дека законот дозволува поставување албанско знаме насекаде по поставувањето на истото на Самоиловата тврдина во Охрид од страна на граѓанин на Косово.

На прашањето зошто не се доволно искористени средствата што ги дава државата за поддршка на мали и средни претпријатија, премиерот одговори дека има повеќе причини за тоа.

-Еден дел е неверувањето и стравот на луѓето дека тоа е само политика и е комплицирано и доколку аплицираат нема да им дадат и не аплицираат. Вториот дел е дека ќе дојде некоја контрола и ќе направи контрола на фирмата и не може да се добијат. Денес разјаснивме некои работи:кога се аплицира не доаѓа контрола, не треба да се плашат и парите се 70 милиони евра и жално е да останат неискористени. Неуспешна е Владата во реализацијата на тие пари, а државата останува и помалку за одредени индустриски капацитети кои треба да бидат искористени, одговори Заев.

Додаде дека лани од Струмичкиот регион такви средства добиле 10 компании, но тоа не било доволно и ги повика компаниите да аплицираат повеќе.

Прашан дали ВМРО-ДПМНЕ одговори на понудата на Министерството за правда во врска со забелешките за СЈО, претседателот на Владата одговори дека опозициската партија чека да поминат изборите и оти Парламентот нема кога да заседава.

-Јас веќе сум подготвен од 6 мај натаму и јас да се вклучам, но верувам дека прво министерката за правда ќе ги допрецизира сите овие детаљи околу разговорите. Целта е ако можеме да завршиме до 10-15 мај би било добро, заради тоа што извештајот на Европската комисија се затвора, одговори Заев.

Во врска со одлуката да не се запишуваат во градинка и училиште децата кои не се вакцинирани против мали сипаници, премиерот Заев истакна дека останува таа одлуката, бидејќи стравот од епидемија бил огромен.

-Гледате дека и претседателот Трамп апелираше за Америка и во многу други земји. Сериозна е работата. Не е некој да прави свој интерес, односно чисто од суета или каприц воведува вакви мерки. Уште еднаш апелирам да се почитуваат укажувањата на институциите, бидејќи имаат своја потреба и суштина, а за детаљите ќе мора да го прашате министерот за здравство. Јас колку што знам мерката е јасна и прецизна и не е дозволен упис во детските градинки и основните училишта без потврда за вакцинација, рече на крајот премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања во Струмица, каде заедно со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев беше на средба со стопанственици. 

Поврзани новости