Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за најновото издание на неделникот „Фокус“, кој излегува како двоброј по повод 2 Август-Илинден, вели дека правосудството „подолу не може да биде“. Според него, проблемите во правосудството се провлекуваат 3 децении, зашто, според него, тоа никогаш не станало независно од центрите на политичка и пред се – на економска моќ.
–Никогаш не сум мислел дека се можни брзи решенија, на краток рок, во сферата на правосудството, пред сѐ затоа што ние во изминатите 30 години, секоја политичка гарнитура, некоја повеќе, некоја помалку, во суштина, ја етаблиравме, политиката на неказнивост. Не постои висок функционер што завршил в затвор додека „неговите“ се на власт, нема судија и обвинител што завршил в затвор во време кога е перцепиран како судија од „нашите“ тефтерчиња – вели тој.
Во однос на актуелната власт, Пендаровски посочува дека до овој момент нема добиено информација дека некој политичар по телефон издиктирал пресуда како што имавме случаи порано.
–Но, да не беа „бомбите“ на Заев и за тој период немаше да знаеме дека тоа масовно се случувало. Моја проценка е дека за време на оваа власт во однос на високопрофилните случаи далеку поголемо е влијанието на центрите на економска отколку на политичка моќ. Олигарсите во Македонија се повлијателни и полесно влијаат во судството отколку политичарите – вели шефот на државата.
Во контекст на лошите состојби во правосудството, тој го лоцира проблемот со нерасветлувањето на голем број на мафијашки ликвидации, Одговарајќи на прашањето „дали мафијата е помоќна од државата“, вели: „Не, лошото е тоа што во овие случаи се гледа дека мафијата има поддршка од моќни луѓе во државниот апарат. Ако не процесуираш некое убиство извршено пред очевидци, тоа значи дека некој доволно моќен рекол – немој да процесуираш“.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.