Интервјуто со селекторот на македонската репрезентација Ивица Обрван е направено во јули минатата година, во рамки на специјалниот прилог на Фокус за релациите меѓу Македонија и Хрватска. Тогаш се уште не се знаеше дека Македонија и Хрватска ќе играат во иста група во Катар.
Откако ја презеде селекторската палка на македонската селекторска репрезентација, Обрван се пресели во Скопје, а сега заедно со семејството летниот одмор го минуваат покрај Јадранско Море. Во интервју за „Фокус“, тој говори за идните планови и цели на ракометниот национален тим, посакува најмалку влез меѓу осумте најдобри на претстојното Светско првенство во Катар. A, кога ќе ја постигнат оваа цел, вели тој, сѐ е можно, па дури и борба за медал!
ФОКУС Веќе втора година сте во Македонија и се чини дека нашите сограѓани ве прифатија како „свој“. Како денеска би ја оцениле вашата работа овде?
ОБРВАН Отприлика, година и пол сум во Македонија и од првиот ден се чувствувам многу добро, многу убаво сум прифатен од граѓаните на Скопје и на Македонија. Живеам во Скопје и дел сум од секојдневниот живот на градот.
Откако ја презедов репрезентацијата, на повик на претседателот Мукаетов, остварени се поставените цели. Имам целосен увид во македонскиот ракомет и точно знам во кој правец треба да се движи за да продолжи континуитетот што репрезентацијата го има во последните години. Тоа, пред сѐ, е приклучување на неколку млади играчи во селекцијата, но за тоа мора да добијат минутажа преку игра во своите клубови.
ФОКУС Колку сте задоволни од поддршката од јавноста? Ракометните фанови добро ја познаваат вашата работа, но не верувам дека тоа се однесува на поширокиот дел од јавноста, бидејќи не сте многу присутен во медиумите?
ОБРВАН Поддршката од јавноста е специфична работа во спортот и таа многу зависи од резултатите. Во мојата работа и во односите со медиумите, и со целокупната јавност, се обидувам да бидам објективен и директен, без изјави кои се завиени во целофан. Таков однос сакам да имам и со играчите.
Поддршката од јавноста ја оценувам како добра, особено од ракометниот дел, а зошто не сум присутен повеќе во медиумите – не знам! Можеби тоа е поврзано со резултатите на двата водечки клуба, Металург и Вардар, кои секојдневно се во фокусот, па луѓето сакаат да знаат што кажуваат Самсоненко, Червар, Раул, Мојсовски, Лазаров… Јас сум личност која медиумите ги доживува како дел од нашиот живот и стојам на располагање за сѐ што треба.
ФОКУС Дали мислите дека репрезентацијата можеше и подобро, посебно на последното Европско првенство?
ОБРВАН Репрезентацијата ја презедов во квалификациите за Европското првенство во Данска по непријатниот пораз од Португалија, кога се искомплицира можниот пласман. Оваа работа им била предложена и на некои други тренери, кои ја одбија зашто не беа сигурни во пласманот на ЕП. Кога мене ми беше понудено да ја водам македонската репрезентација, тоа за мене беше чест. Не се плашев за резултатот, верував во играчите, во раководството на федерацијата, во себе и успеавме да отидеме во Данска. Имавме многу проблеми со повредите на играчите, но успеавме во првата цел да се пласираме во вториот круг. Секогаш сакам подобро и жал ми се за натпреварот со Исланд, поради тоа што со евентуална победа ќе бевме осми на првенството, што во тој момент би претставувало максимум. Со освојувањето на 10-то место бевме во поволна позиција за ждрепката за Светското првенство во Катар, која ни ја донесе Грција.
ФОКУС Македонската репрезентација е полна со ѕвезди од светски ранг, па успевате ли да се носите со нашите величини, или, пак, понекогаш ќе избие по некоја искра?
ОБРВАН Секој тренер што вели дека нема или немал проблеми во работата со играчите не ја говори вистината. Такви ситуации секогаш постојат, ама важно е да постои еден нормален пристап низ кој таквите појави ќе се доведат во ред, без нарушување на потребниот однос меѓу тренерот и играчот. Играчите секогаш мислат дека се во право, такви сме сите додека играме. Во оној момент кога ќе ни заврши играчката кариера и евентуално ќе станеме тренери, сфаќаме дека тоа не е баш така.
Во македонската репрезентација има доста играчи кои се достојни за внимание и сигурно понекогаш добиваат одредена отстапка. Исто така, тренерот мора да оди во чекор со времето во кое живее и работи, имајќи ги предвид сите информатички помагала и технолошки иновации кои младите луѓе денес ги интересираат, а тоа некогаш не беше случај.
ФОКУС По Грција, на ред доаѓа СП во Катар, а Македонија одамна не претставува аутсајдер, така што голема одговорност паѓа врз Вас и врз играчите. Што би бил добар резултат на првенството, ако знаеме дека Македонците потајно посакуваат и медал?
ОБРВАН Јас во спортот постојано сакам повеќе и од тоа се водев во досегашната кариера. Никаде досега каде што работев не ми беше сѐ средено уште во почетокот, туку со својата работа се изборив за тоа, било тоа да се работело во Метковиќ во конкуренција во недопирливите Загреб, Горење, доминантниот Цеље… Не чувствувам притисок што го носи Светското првенство во Катар, туку си поставувам цели. Сакам комплетна и здрава екипа и влез меѓу осумте најдобри, што би било одличен резултат кој нуди квалификации за влез на олимписките игри во Рио. А, кога ќе влезете меѓу осумте најдобри екипи, сѐ е можно, па дури и борба за медал.
ФОКУС Ако ги споредите Хрватска и Македонија во ракометна смисла, што би навеле како предности или недостатоци на двете држави?
ОБРВАН Хрватска е ракометна велесила, која е двоен олимписки победник, светски првак и освојувач на многу медали. Земја која од 2003 година само двапати не била меѓу четирите најдобри екипи на некое големо натпреварување. Исфрлува многу млади играчи, кои поради големата конкуренција на одредени места во репрезентацијата некогаш не добиваат можност да заиграат во неа. Клупскиот ракомет го мачат финансиски проблеми, кои се главен проблем зошто во последните години нема подобри резултати.
Што се однесува до Македонија, во репрезентативниот дел, во последните години недостигаат повеќе млади квалитетни играчи кои би го надополниле постоечкиот играчки кадар. Тие треба да играат и да собираат искуство. Македонскиот клупски ракомет е во предност поради големите финансиски вложувања во Металург и во Вардар, кои носат квалитет, интерес кај публиката и резултати. Она што би го нагласил како нешто фантастично во Македонија се навивачите, без разлика дали станува збор за клупски или за репрезентативен ракомет.
ФОКУС Наскоро ќе се одржи извлекувањето на групите за СП. Како би се чувствувале доколку во иста група бидат Македонија и Хрватска? Дали такво соочување сакате да избегнете?
ОБРВАН Соочувањето меѓу Македонија и Хрватска не би сакал да го избегнам, ниту за тоа посебно размислувам. Доколку со воља на ждрепката тоа се случи, би направил се мојата репрезентација да победи на тој натпревар и во таква ситуација би бил посебно среќен и горд.
ФОКУС Македонскиот ракомет сега е во подем, а и другите земји од поранешна СФРЈ се ракометни сили. Која од овие држави моментално игра најдобар ракомет?
ОБРВАН Ракометот во регионот е многу успешен и квалитетен спорт. На последното ЕП играа Хрватска, Црна Гора, Србија, Македонија, додека на СП се пласираа и Словенија и БИХ. Хрватска сигурно има квалитет, самодоверба и резултати кои ги сместуваат на чело. Словенија и Србија се многу добри репрезентации. Македонија на последното ЕП постигна најдобар резултат веднаш по Хрватска, и воопшто, со својот континуитет и присуство во последно време на големите натпреварувања ја сместува зад Хрватска во блокот со Србија и со Словенија.
ФОКУС Моментално сте во својата куќа во Метковиќ. Дали таму најубаво се чувствувате кога сакате да побегнете од големите обврски?
ОБРВАН Да, се наоѓам во својата куќа покрај море, ја обожавам и тука се чувствувам многу добро. Со обѕир на тоа дека долго време сум одвоен од семејството, постојано со торби и во пакување, не сакам и времето за одмор да го поминам во патување, туку да бидам стациониран во својата куќа. Сакам да приготвувам риба и да се напијам чаша вино со пријателите. Се уверив и во квалитетите на македонските вина: „бовин“, „сковин“, „стоби“, „дудин“, „камник“, од кои понесов дома и во Хрватска.
ФОКУС Какви се вашите идни планови?
ОБРВАН Моите планови исклучиво се поврзани со репрезентацијата на Македонија, иако постоеше идеја истовремено да тренирам и некој клуб. Во моето си-ви има доста работи што сугерираат дека сум тренер-работник и можам да кажам дека во сите клубови каде што сум работел оставив средена ситуација зад себе, со јасен правец на движење.
Околу плановите за еден ден по Македонија, сепак, Хрватска не е извесна опција, што се однесува до клупскиот ракомет, а во однос на репрезентацијата, којзнае што носи времето? Да ја водам својата земја како селектор би било посебна чест. Животот на професионалниот тренер е непредвидлив, морате да бидете подготвени за сѐ, ама, пред сѐ, најбитен е чесниот пристап во работата, за да можете без проблем да се погледнете во огледало.