(ИНТЕРВЈУ) Мицкоски: Потребен ни е консензус за реформски план за следната декада!

„На сите анкети, топ-тема за сите граѓани е економијата и сите поттеми - слаб стандард, ниски плати и пензии, инфлација... Сето тоа конвергира кон економијата, повеќе од 30 отсто од граѓаните велат - тоа е тоа. За да имаме ние стабилна економија, мора да имаме, пред сѐ, систем што ќе обезбедува правна сигурност за секој. Значи, ќе треба да се посветиме тука, ова октроирано судство да го реформираме и имаме план“.

by Фокус

Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, вели дека ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори ќе освои над 100.000 гласови повеќе, а на парламентарните избори 10 пратеници плус од коалицијата на СДСМ и ДУИ. Сепак, според него, добро е на пролет да се одржат  двојни избори, бидејќи во спротивно може да се создаде политичка и уставна криза.

Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Да бидам искрен – повеќе би сакал заедно, зашто така ќе имаме извесност дека ќе биде избран претседател и ќе ги намалиме трошоците… Повеќе мислам дека ќе има бојкот од власта по разочарувањето во првиот круг, отколку од опозицијата. Без разлика, ценам дека многу тешко ќе биде дофатлив цензусот од 720 до 750 илјади гласачи да излезат на изборите ако изборите не бидат споени.

И втората причина е што Македонија во овој момент не смее да си дозволи 2 скапи изборни циклуси да бидат одвоени, зашто влегуваме во еден вртлог на неизвесност и политичка криза, зашто можно е да немаме поклопување како уставна категорија на парламентарни и претседателски, што не е добро ниту за бизнисот, ниту за граѓаните, а ќе има голем притисок во општеството. И затоа ценам напролет, март-април, да се организира заеднички изборен циклус – вели Мицкоски.

ФОКУС: Во јавните настапи често сугерирате дека се говори за естрада, а не за суштината, односно за областите каде што потребни се промени. Па, кои области ги оценувате како најфрагилни?
МИЦКОСКИ: На сите анкети, топ-тема за сите граѓани е економијата и сите поттеми – слаб стандард, ниски плати и пензии, инфлација… Сето тоа конвергира кон економијата, повеќе од 30 отсто од граѓаните велат – тоа е тоа. За да имаме ние стабилна економија, мора да имаме, пред сѐ, систем што ќе обезбедува правна сигурност за секој. Значи, ќе треба да се посветиме тука, ова октроирано судство да го реформираме и имаме план.

ФОКУС: Каков план?
МИЦКОСКИ: Многу скоро со детални потези ќе излеземе, но генерално треба тоа што е закон да го примениме. Еве континуирано зборуваме за корупција, па реформа во овој закон, реформа во овој закон. Не, многу едноставно е. Две бази на податоци само треба да споиме – Управата за јавни приходи и Катастарот на недвижности. И да видиме дали соодветствуваат.

Пример, личност А што заработил 100 парички, а поседува имот од 1.000 парички, па како стигнал? Дали го стекнал како наследство од богат вујко? Не треба многу, ветинг и не знам што. Ова само треба и да им се дадат одврзани раце на чесни обвинители да обвинуваат, а овие да судат.

Ова е тоа, треба да се обезбеди правна сигурност по што ќе дојдат инвестициите. Е сега, на инвестициите им треба работоспособно население, значи треба да се занимаваме со здравството, со образовниот процес.

ФОКУС: Дали сметате дека образованието продуцира соодветни кадри за пазарот на труд?
МИЦКОСКИ: Образованието продуцира кадри, немам мислење дека се доволни за пазарот на труд, тука треба сериозна анализа и реформа и таков тип на кадри да се продуцираат. Се сеќавам пред 5-6 години имаше јавна дебата околу дуално образование, дали некој уште зборува за тоа? Нашиот образовен систем мака мачи да обезбеди учебници. Некаде нема ни просторни услови.

ФОКУС: Потребен ли е нов клинички центар или јавното здравство има други приоритети?
МИЦКОСКИ: Поради немањето стратегија во овие 6 години во здравството се доведовме во ситуација готов проект за нов клинички да се растури и денес да сме пред арбитража со големи суми на пенали на фирмата, чиј договор беше раскинат од страна на владата. Потоа ќе правеа во Визбегово, па не во Визбегово, туку накај Сарај. Тоа е без концепт, колку да се каже и да се вергла без проекти.

Ние имаме 2 предизвици. Прво, дали ќе инвестираме во тули или во медицински кадар. Ако инвестираме во тули, потребен ни е репрезентативен нов клинички, кој идната влада треба да го изгради. Или втората работа е да се искористат моменталните капацитети, но да се адаптираат, да се донесе нова опрема, да се вложи во медицинскиот кадар и да се обезбеди солиден здравствен систем.

Се ова да направиме и ако повторно имаме луѓе од здравствениот систем што заработуваат на смртта на пациентите, како во случајот Онкологија, попусто.

ФОКУС: Колку време потребно да се испорачаат резултати во овие области?
МИЦКОСКИ: Да се посветиме на план од најмалку една деценија, позади кој би требало да се обезбеди политички консензус, без разлика дали по еден мандат влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде друга влада. Ние се спремаме за храбро, посветено владеење, а колку ќе трае, ќе кажат граѓаните на избори.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости