(ИНТЕРВЈУ) Мицкоски: Не сум преговарал за Кривичниот законик, стојам позади кажаното за Груевски и ја затворив темата!

ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било пообединето и покохезивно, тоа може да се види секаде низ Македонија, а дали има некои поединци што можеби се незадоволни од нивниот статус и чувствуваат дека можат повеќе - секаде тоа го има, вели опозицискиот лидер Христијан Мицкоски за „Фокус“.

by Фокус

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека не учествувал во преговори за измените на Кривичниот законик што неодамна поминаа во Собранието, туку наметна дилема дали можеби дел од поранешното партиско раководство ги барало овие измени во пакет со промената на Уставот после Преспанскиот договор.

Можеби вие како новинари може да истражите дали тој дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, паралелно со процес на уставните измени, барало измени на Кривичниот законик и можеби на тоа реферираат овие од ДУИ – рече Мицкоски, одговарајќи на прашањето дали со пораката до Никола Груевски дека ова не е 2018 имплицитно го обвини дека учествувал во процесот за уставни измени, за што беше исклучен неговиот братучед Сашо Мијалков?

Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Сте учествувале или не сте учествувале во преговори за измени на КЗ, во делот на намалување на казните за „злоупотреба на службена положба“ и „злосторничко здружување“?
МИЦКОСКИ: Немало преговори! Тоа е обид и игра на власта сега да растури пердуви – нивното „да“ наспроти нашето „не“. И сега ние треба да се тегнеме за коса кој ќе биде погласен. Тоа е обид да се поларизира јавното мислење. Со сиот свој кредибилитет тврдам дека такви преговори немало. Во едно интервју Али Ахмети кажа со кого разговарал и кога разговарал.

ФОКУС: Дали вие сте знаеле дека Ахмети, како што рече самиот, имал тајни средби со Груевски и Заев за овие законски измени?
МИЦКОСКИ: Не, не сум имал такви информации!

ФОКУС: Првично рековте дека овие измени власта ги прави за себе, но подоцна обвинивте дека тоа е дел од една, како што велите, криминална операција за промена на Уставот, во што вклучен бил и Груевски, чија правна ситуација треба да се олесни.
МИЦКОСКИ: Тоа што имав да кажам за овој случај, го кажав јасно и гласно и ја затворив таа тема и немам намера да правам естрада на политичката сцена. Стојам позади секоја изјава своја и на луѓето што се дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС: Ваши блиски соработници изјавија дека такви информации сте имале од февруари, па зошто чекавте досега да ги обелодените? Дали клучната работа што ја прели чашата беше пресретнатото УСБ?
МИЦКОСКИ: Луѓето што ме познаваат, знаат дека не сум човек што лесно гази на гнила штица. Многу тешко можеби носам клучни одлуки, туку ги носам кога работата е поткрепена со многу факти. Тоа е еден од многуте.

ФОКУС: Постои ли навистина транскрипт од средба кај Пендаровски, каде што се разговарало за амнестија на Груевски, како што рече и самиот Груевски? Поседувате ли ваков документ?
МИЦКОСКИ: За тоа треба да ги прашате Груевски и Пендаровски, од мене никогаш не сте слушнале за такво нешто.

ФОКУС: Добро, дали оваа комуникација меѓу власта и Груевски сѐ уште постои и дали сѐ уште е жив планот за уставни измени со негова помош?
МИЦКОСКИ: Нема да навлегувам во, би рекол, црни игри на политичката сцена. Мој интерес е во периодот што следи да бидеме поблиску до граѓаните, подобро да ја организираме кампањата за претседателските и парламентарните избори, да победи нашиот кандидат за претседател и да ја формираме идната влада. Тоа е единствената задача што ја имам пред себе.

ФОКУС: Порано предупредувавте дека власта сака да го укине ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не се случи, но колку сега е реално можна поделба на партијата?
МИЦКОСКИ: ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било пообединето и покохезивно. Тоа може да се види секаде низ Македонија. Дали има некои поединци што можеби се незадоволни од нивниот статус и чувствуваат дека можат повеќе, секаде тоа го има. И во семејството дома немаме иста позиција за иста работа.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости