(ИНТЕРВЈУ) Мицкоски: ЕУ не е фер кон Македонија, зад бугарското вето стојат други интереси!

„Државите што потенцијално ќе отпочнат преговори, генерално не ја владеат цела територија на својата држава. Поради руската агресија за Украина знаеме, ист случај е со Грузија и Молдавија. А ние не можеме да почнеме преговори, зашто 762 што велат дека мајчин јазик им е бугарскиот, нема да станат конститутивен елемент?!“

by Фокус

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека oстанува на ставот против уставни измени и воедно упатува критики кон ЕУ, бидејќи, според него, не смеело да има нови условувања кон Македонија по „насилната промена на уставното име“. Тој тврди дека се понудиле да бидат дел од тој процес, но биле одбиени.

Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Да генерирате ваков предлог без консензус за мене е најглупавиот политички потег, кој крајно ги начна преговарачките позиции на Македонија со Бугарија. Во еден говор кажав дека да би бил Тодор Живков жив, најблагонадежни Блгари би биле нашиве асови – Ковачевски, Пендаровски и Османи.

Од ВМРО-ДПМНЕ се бара да поддржи процес од кој не бил дел, бидејќи да сме биле дел, ќе сме се бореле. Ако не сме биле во можност да се избориме, ќе сме кажеле – ние ова не го поддржуваме и тогаш ќе се знаело. Па, тие ќе тргнеле во процес или нема да тргнат и ќе бараа нов предлог. Но, одлучија да нѐ исфрлат од процесот и сега ни викаат ова е на маса – вели Мицкоски.

Тој посочува дека барањето да го промениме Уставот и да го ставиме дел од бугарскиот народ како конститутивен елемент значи дека неговите права како неуставна категорија се начнати.

Имаме македонска заедница во Бугарија, која на своја страна има 14 пресуди од Судот на човекови права во Стразбур, каде што јасно и недвосмислено се кажува што треба Бугарија да преземе. Од друга страна, имаме бугарска заедница во Македонија со нула пресуди. Сега чии права се начнати? Тоа се правата на македонската заедница во Бугарија за културно организирање. Имате европска институција, која носи обврзувачка одлука за земја-членка на ЕУ што не сака да ја имплементира.

Кога разговараме со претставници на меѓународната заедница, им велиме во ред, немаме против Бугарите и Бугарија, но да видиме добра волја од другата страна. Како ние вам да ви веруваме дека за година-две нема да видиме ново вето, кога вие не сте во можност да ја убедите Бугарија тоа што задолжително треба да го примени, да го примени? – вели Мицкоски.

Тој истакнува дека за ја разбијат тезата дека ова не е ново право за македонската заедница, како и да ја разбијат тезата кои се вистинските руски интереси на Балканот, се враќаат назад низ историјата.

Па почнуваме со Санстефанскиот договор, па Бледскиот договор, едностраното напуштање на Бугарија на Бледскиот договор по налог на Сталин, и даваме еден осврт на правата на македонската заедница во тоа време во Пиринска Македонија. Македонскиот народ, повеќе од 3 децении се покажаа како големи космополити и не се анахрони луѓе. Кога би се станувало член на ЕУ по измени на Уставот, досега шампиони ќе бевме, одамна ќе бевме член на ЕУ.

Тоа што ЕУ не е фер кон нас, па за првпат вклучува билатерални договори, и тоа е така. Ние сме малуброен народ, мала држава и не може да се спротивставиме на гигантот ЕУ, ако така одлучиле и нам тоа ни е јасно, ние водиме реална политика. Но, бараме нешто со кое достоинството и гордоста на Македонецот колку-толку ќе бидат барем малку задоволени. Не бараме ништо ново, немаме иперијалистички барања, туку барања кои само ќе биде потврда на нешто што сме го имале – вели Мицкоски.

Тој порачува дека ВМРО-ДПМНЕ нема дилема дека ЕУ е единствена опција за Македонија, но како „бедна и бледа“ ја оценува тезата за на власта дека мора да го искористиме геостратешкиот момент поради Украина.

Видете што се случува. Државите што потенцијално ќе отпочнат преговори, генерално не ја владеат цела територија на својата држава. Поради руската агресија за Украина знаеме, ист случај е со Грузија (Осетија и Абхазија), истиот случај е и со Молдавија (Приднестровје). А ние не можеме да почнеме преговори, иако овојпат го почнавме пред 23 години, а пред 18 станавме кандидати, зашто 762 што велат дека мајчин јазик им е бугарскиот, нема да станат конститутивен елемент?!

Ако тоа мисли Европа дека е правилен пристап, тоа е тоа, тоа е нивен избор, не е мој. Дали тоа има врска со вредностите на Аденауер, Шуман и Де Гаспер? Јас не мислам, но тоа е нивна политичка одлука, исто како што требаше да биде политичка одлука да не се условува дополнително Македонија по онаа насилна промена на Уставот и уставното име, откако претходно го променивме знамето, банкнотите, помина територијална реорганизација итн. Очигледно дека животот не е фер и нема жалење – вели Мицкоски.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости